Гасификацијата и пругата Битола – Кременица ВМРО-ДПМНЕ ги ветува десет години
„Гасификација на Република Македонија“, и „Модернизација на пругата од Битола кон Грција“, ВМРО-ДПМНЕ вети уште во 2006 година во програмата „Преродбата во 100 чекори“ , со која Никола Груевски го доби првиот мандат
Антонио Милошоски, носител на кандидатската листа на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за петата изборна единица, деновиве во Битола ја даде следнава изјава, во која, меѓу другото, кажа:
Изградба на магистрален гасовод кој од Неготино ќе се поврзе до Битола, од Битола до Ресен и од Ресен до Охрид и Струга. Да направиме еден прстен, а првенствено да може да биде користен преку дистрибутивна мрежа и од стопанските субјекти и од домаќинствата.На тој начин ќе имаме и поевтина енергија и почист воздх, а тие што произведуваат ќе имаат поевтин ресурс по конкурентен на пазарот. На крајот тоа што исто така сметам дека е важно за Битола е експресен пат, од Битола до Меџитлија за да може овој експресен пат да служи за поголема комуникација и на луѓето но и на оние што произведуваат и извезуваат во соседната земја. Исто така патот ќе се поврзува и со индустиската зона Жабени, а ќе го обновиме и железничкото поврзување од Битола кон Грција а со тоа и кон Солун.
[Извор: Сител Датум: 23.11.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ваквата изјава на носителот на листа во петтата изборна единица, Антонио Милошоски во која тој меѓу планираните капитални проекти на ВМРО-ДПМНЕ во наредниот четиригодишен период ги спомена изградбата на магистрален гасовод и обновување на железничката пруга од Битола кон Грција, ја сметаме за недоследна, бидејќи во изминатите десет години (2006 – 2016) неговата партија повеќепати ги вети овие проекти.
„Модернизација на пругата Битола – Кременица“, ВМРО-ДПМНЕ вети уште за парламентарните избори во 2006 година во програмата „Преродбата во 100 чекори“ , со која Никола Груевски го доби првиот мандат. Истото ветување владејачката партија потоа го даде во сите наредни изборни циклуси вклучувајќи ги и овие избори закажани за 11.12.2016 година.
Железничката пруга од Битола кон Грција, ВМРО-ДПМНЕ првпат ја спомнува во „Преродбата во 100 чекори“ (2006 -2010) во делот Инфраструктура (стр.44) каде за проектот: „Надградба и модернизација на железничката мрежа“, е наведено:
Со оглед дека е основна цел на програмата на ВМРО-ДПМНЕ реструктурирање на железницата и нејзина поделба на железнички транспорт и железничка инфраструктура и постепен влез на прива- тен капитал само во делот на транспортот, ќе се залагаме за модернизација и надградба на железничката инфраструктура особено на следните делници:
- Табановце – Гевгелија во целост
- Куманово – Бељаковце – Деве Баир
- Битола – Кременица
- Скопје – Кичево
Две години подоцна, пред предвремените парламентарни избори во 2008 година, владејачката партја го вети речиси истиот проект. Во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ (2008 -2012): Преродба во 100 чекори надградена и проширена ( Инфраструктура, стр.64) во описот на проектот: „ НАДГРАДБА И МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА МРЕЖА“ (рок: 2008-2012 година) се вели:
По успешно завршената трансформација и поделба на ЈП Македонски железници на железнички транспорт и инфраструктура и можноста за постепен влез на приватен капитал, ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе се залага за модернизација и надградба на железничката инфраструктура, особено на следните делници:
- Куманово – Бељаковце – Деве Баир
- Табановце – Гевгелија,
- Битола – Кременица,
- Скопје – Кичево
„Реконструкција на железничката пруга Битола–Кременица (граница со Република Грција), крак од Коридорот 10д“, ВМРО-ДПМНЕ ја вети и по три години, во предизборието за предвремените парламентарни избори во јуни 2011 година. Во Манифестот за реформи и развој – Изборна рограма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Железничка инфраструктура, стр. 78) за овој проектот пишува:
Делницата Битола–Кременица во моментов е нефункционална, односно истата не се користи. Со реализацијата на овој проект, пругата повторно ќе се пушти во употреба, со што ќе се придонесе за подобрување на можностите за транспорт и превоз помеѓу Република Македонија и Република Грција. Проектот во вредност од 9 милиони евра ќе се финансира со средства од европските ИПА-фондови и Буџетот. Бизнис-заедницата има особен интерес за вос- поставување железничка врска помеѓу Пелагонискиот регион и северниот дел на Р. Грција, бидејќи значително се намалуваат трошоците на компаниите за транспорт на товар. (Р о к : а п р и л 2 0 1 3 – д е к е м в р и 2 0 1 5)
Проектот: „Реконструкција на железничката линија Битола – Кременица (Грчка граница)“ го вети и градоначалникот на Битола, Владимир Талески за локалните избори во 2013 година. Во неговата изборна програма (во делот транспорт и патна инфраструктура, стр.75) за овој проект е наведено:
Со ставање во функција на железничката линија ќе се направи и нов крак, кој ќе влегува во индустриската зона „Жабени“. Средства: 671.000.000 денари Извор на финансирање: ИПА (Рок: 2016 година)
Проектот: „ Изградба и реконструкција на железничката линија Битола – Кременица“, го има и во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Железнички сообраќај и инфраструктура, стр. 68), каде се вели:
ИЗГРАДБА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ДЕЛНИЦАТА БИТОЛА-КРЕМЕНИЦА КАКО ДЕЛ ОД КРАКОТ 10 Д ОД КОРИДОРОТ 10 И ИЗГРАДБА СО КРАК КОН ИНДУСТРИСКА ЗОНА ЖАБЕНИ
Со овој проект се предвидува пругата од Битола до Кременица (граница со Република Грција) во должина од 16 километри да се направи оперативна со што ќе се придонесе за подобрување на можностите за транспорт и превоз помеѓу Република Македонија и Република Грција. Со реализацијата на овој проект се овозможува и же- лезничко поврзување на индустриската зона Жабени, во близина на Меџитлија, Битола. Со изградба на крак од околу 1,5 километри ќе се овозможи поврзување на зоната со останатата железничка инфраструктура во држа- вата, а по реализација на проектот Битола-Кременица и железничко поврзување на зоната Жабени со северниот дел на Република Грција. Со тоа ќе се направи Коридорот 10д да биде оперативен Пан-европски коридор, а не национална железничка линија која завршува во Битола, туку продолжува и се поврзува понатаму на кракот на Пан-европскиот Коридор 4 кој ги поврзува Грција и Турција и завршува на пристаништето Игуменица. Проектот ќе се финансира со ИПА средства. Буџет: проценета вредност 20 милиони евра (Рок: 2015-2017 година)
Овој проект е дел и од најновата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ (2017 – 2020) (Железничка инфраструктура стр.78) каде се посочува:
ИЗГРАДБА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПРУГА НА ДЕЛНИЦАТА БИТОЛА– КРЕМЕНИЦА КАКО ДЕЛ ОД КРАКОТ 10Д ОД КОРИДОРОТ 10
Целта на овој проект е оваа пруга да се направи оперативна со што ќе се направи уште една врска со Солунското пристаниште освен онаа преку Гевгелија. Со реализација на овој проект ќе се овозможи и железничко поврзу- вање со индустриската зона Жабени преку изградба на крак од 1,5 километри. Проектот ќе се финансира од ИПА. Буџет: 20 милиони евра (Рок: декември 2017 година)
Со оглед дека завршува мандатот на оваа Влада, „Вистиномер“ неодамна (септември 2016) ја оценуваше исполнетоста на ветувањето за „реконструкција и изградба на пругата од Битола до Кременица,“ при што во анализата се нотира дека досега има поставено прагови и шини само на еден километар од вкупно 16 – 17 километри.
Во почетокот на овој месец (06.11.2016) медиумите пренесоа изјава на министерот за транспорт и врски, Владимир Мисајловски, во која вели дека бугарскиот конзорциум што беше избран да ја гради железничката траса не го испочитувал договорот, поради што истиот е раскинат. Мисајловски најави и нов тендер за избор на нова компанија што ќе ги доврши работите околу изградбата на пругата, но за тоа ќе се чекаат инструкции од ЕУ.
Проект за гасификација на Македонија
Што се однесува од мегапроектот „Гасификација на Република Македонија“, кој ВМРО-ДПМНЕ, исто како и проектот за пругата кон Грција, го најави пред десет години во изборната програма „Преродба во 100 чекори“ (Енергетика , стр.54) , и го повторува во програмите во сите наредни изборни циклуси (2008 (Енергетика, стр 88), 2011 (Енергетски сектор, стр 126), 2013 -локални избори(Комунални работи и инфраструктура, стр 41) , 2014 (Енергетски сектор, стр 132) и 2016 година -Енергетски сектор, стр.124-125), досега е завршена изградбата на магистралниот гасовод Клечовце-Штип во должина од 61 километар , во моментот се изведува трасата од Штип до Неготино, а кон крајот на минатиот месец (октомври 2016) Гранит АД Скопје и Рапид Билд ДОО Куманово, потпишаа договори со Акционерското друштво за вршење на енергетски дејности „Македонски енергетски ресурси Скопје“ во државна сопственост, за изградба на магистралните гасоводни делници Неготино-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар.
Според договореното делницата Неготино-Кавадарци-Битола во должина од 92 километри, треба да се изгради во рок од 36 месеци , а ќе чини над 36,3 милиони евра. Изградбата на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар долг 76 километри, чија вредност е процентеа на околу 29 милиони евра , исто така, треба да биде завршена за 36 месеци. Што значи финишот на овие траси од гасоводот може да биде најрано на крајот на 2019 година.
Инаку, проектот „Гасификација на Република Македонија“ е со идентичен опис во „Преродбата во 100 чекори“ на ВМРО-ДПМНЕ (2006 -2010) во делот Енергетика (стр.54) и во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ (2008 -2012): Преродба во 100 чекори надградена и проширена (Енергетика, стр 88) :
Имајќи ги превид цените на енергенсите на светскиот пазар, се наметнува потребата од диверсификација на енергенсите во државата, при што покрај јагленот, мазутот, хидроенергијата и увозната електрична енергија, сè повеќе простор треба да се даде и на природниот гас. За таа цел, во својот четиригодишен мандат ќе се залагаме за доизградба на магистралните гасовни водови низ целата држава. На тој начин, ќе се овозможи поголемо искористување на природниот гас како енергенс и ќе се намали побарувачката за електрична енергија. Едновремено, со изградба на овие магистрални водови, Македонија може да стане важен транзитен коридор за транспорт на гас од Русија кон Албанија и Косово, како и обратно, од северноафриканските земји кон европските земји. Изградбата на овие магистрални водови ќе се реализира преку затворање нарускиот долг кон Македонија, преку поволни задолжувања кај меѓународните финансиски институции како и преку издавање државни обврзници на македонските граѓани и активирање на нивните финансиски средства. Овие проекти треба да бидат следени од помали проекти за гасификација на помали или поголеми урбани средини по должината на магистралните водови преку процес на издавање концесии за гасификација.
Во Манифестот за реформи и развој – Изборна рограма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Енергетски сектор, стр 126) за проектот „Гасификација на Република Македонија“ , меѓу другото, пишува:
Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја утврди следната динамика на реализација на овој проект:
- Со средства во износ од 67,6 милиони евра, обезбедени од Руската Федерација, ќе се финансира изградбата на делот од приоритетниот магистрален правец Клечовце – Штип – Хамзали – Стојаково -граница со Република Република Грција. Вкупната должина на овој дел од гасоводниот систем е 169 км, и со неговата изградба ќе биде овозможено Република Македонија да има можност за уште еден приклучок на гасоводниот систем со кракот од Јужни Поток од страна на Република Грција. Рок на реализација за овој дел од проектот е 2012-2018 година;
- Со средства што ќе бидат обезбедени од ЕИБ и ЕБРД, како и со учество од државниот буџет, ќе се финансира изградбата на останатите делови од гасоводниот систем. Поради комплексноста, овој дел од проектот ќе го реализираме во две фази и тоа:
Прва фаза во вредност од 85.1 милион евра, со следните правци:
-
магистрален правец Скопје – Тетово – Гостивар во должина од 75 км,
-
магистрален правец Штип – Неготино – ТЕЦ Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола и РЕК Битола – Кременица – граница со Република Република Грција во должина од 146 км
(Р о к н а р е а л и з а ц и ј а н а о в а а ф а з а е 2 0 1 2 – 2 0 1 8 г о д и н а .)
Втора фаза во вредност од 145 милиони евра, со следните правци:
- магистрален правец Гостивар – ТЕЦ Осломеј – Кичево во должина од 38 км,
- дел од приоритетниот дел од приоритетниот магистрален правец Хамзали – Ново Село – Република Република Бугарија во должина од 24 км,
- Преостанатиот дел на магистралните гасоводи од Националниот гасоводен систем во Република Македонија во должина од 390 км
( Р о к н а р е а л и з а ц и ј а н а о в а а ф а з а е 2 0 1 8 – 2 0 2 3 г о д и н а .)
Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, исто така, го спомнува проектот за гасификација во неговата изборна програма за локалните избори во 2013 година (во делот Комунални работи и инфраструктура, стр 41), каде е посочено:
Проект: Гасификација на општина Битола
Со вклучувањето на Република Македонија во проектот „Јужен поток“ и проектот за изградба на национална гасоводна мрежа, ќе се овозможи гасификација на општина Битола. Со изградбата на второстепената и на третостепената мрежа ќе се овозмо- жат пониски трошоци за греење на домаќинствата и на компаниите, како и пониски трошоци за енергенти на производствените капацитети што корис- тат гас. Извор на финансирање: Буџет на РМ (Рок: декември 2016 година)
„ Гасификација на Република Македонија“ е и меѓу проектите во програмата Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Енергетски сектор, стр 132), каде, меѓу другото, се вели:
По изработката на проектната документација за петте магистралните правци на територија на Република Македонија, делница 1 Клечовце–Штип–Неготино во должина од 96,65 км, делница 2 Неготино–Прилеп–Битола во должина од 91,70 км, делница 3 Штип–Радовиш–Хамзали (Република Бугарија) во должина од 59,96км, делница 4 Хамзали–Стојаково (Р.Грција), во должина од 50,39 км, делница 5 Скопје–Тетово–Гостивар со можност за поврзување со Кичево во должина од 110 км, се отворија можностите за изградба на Националниот гасификационен систем на Република Македонија
Делницата од Клечовце Блок станица 5 (Штипско) ќе се реализира во согласност со Законот за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница „Клечовце – Блок станица 5“ (Штипско) кој беше донесен во врз основа на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за регулирање на обврските на поранешниот СССР. Во тек е постапка за склучување на договор по кој се очекува да почне изградбата.
Во периодот до 2018-2019 година се предвидува изградба на останатите делници од приоритетниот магистрален правец како прва фаза, а преостанатиот дел од целокупната мрежа на гасоводот од околу 450км се предвидува во втора фаза во периодот од 2017-2022. Зависно од прогресот во реализација на меѓународниот гасоводен систем “Јужен тек” и неговата изградба во регионот, ќе преземеме активности за поврзување на Република Македонија кон овој гасовод.
За овој проект во најновата изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ „Реално“ (2017 – 2020) (Енергетски сектор, стр.124-125), меѓу другото, е напишано:
ИЗГРАДБА НА НАЦИОНАЛНИОТ ГАСОВОДЕН СИСТЕМ
Владата на Република Македонија преку Акционерското друштво за вршење на енергетска дејност Македонски енергетски ресурси – Скопје во државна сопственост веќе имплементира проекти кои овозможуваат развој на гасоводниот систем во државата. Во претходниот период се изработени студии за изводливост за гасификација и дистрибуција и изработена е проектна документација за 6 делници: Клечевце – Штип – Неготино (Кавадарци), Скопје – Тетово – Гостивар, Неготино (Кавадарци) – Прилеп – Битола, Штип – Хамзали, Хамзали – Струмица – Гевгелија и крак за ТЕЦ Неготино. Во наредниот период продолжуваме со реализација на следниве проекти за изградба на националниот гасоводен систем:
» Пуштање во употреба на Магистрален гасовод Клечовце – Штип
Делницата Клечовце – Штип со должина од 61 километар е завршена со градба и се очекува нејзино ставање во употреба и приклучување на првите потрошувачи во 2017 година. (Р0к: 2017 година)
» Магистрален гасовод Штип – Неготино
Со оваа делница која е со должина од 36 километри во чиј состав се и мерните станици Штип и Неготино, при- родниот гас стигнува до граѓаните на Неготино. Изградбата е започната во јули 2016 година и истата ќе заврши до крајот на 2017 година. Буџет: 15,8 милиони евра(Рок: 2016-2017 година)
» Магистрален гасовод Неготино (Кавадарци) – Битола
Со оваа делница, која е со должина од 92 километри чиј составен дел се мерни станици Индустриска зона Кавадарци, Прилеп и Битола, природниот гас стигнува до граѓаните на Кавадарци, Прилеп и Битола. Изградбата е започната, а нејзиното завршување се очекува кон крајот на 2019 година. Буџет: 36,4 милиони евра (Рок: 2016-2019 година)
» Магистрален гасовод Скопје – Тетово – Гостивар
Со изградба на делницата Скопје – Тетово – Гостивар природниот гас станува достапен за граѓаните на Тетово и Гостивар, како и за индустриски објекти и други населени места во Полошкиот Регион. Делницата е со должина од 86 км, а во нејзин составен дел се и мерните станици Тетово и Гостивар. Изградбата е започната, а нејзиното завршување се очекува кон крајот на 2019 година. Буџет: 29 милиони евра(Рок: 2016-2019 година)
» Магистрален гасовод Битола – Ресен – Охрид – Струга
Со изградба на делницата Битола – Ресен – Охрид – Струга природниот гас станува достапен за граѓаните на Ресен, Охрид и Струга, како и за индустриски објекти и други населени места во тој регион. Делницата е со должина од 70 километри. Изградбата треба да започне во 2019 година, а ќе заврши во 2020 година. Буџет: 29 милиони евра (Рок: 2019-2020 година)
Аргументацијата наведена погоре укажува дека изјавата на Антонио Милошоски, во која тој фактички ги репризира десетгодишните ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за гасификација и обновување на железничката пруга од Битола кон Грција, е некоректна и според методологијата на „Вистиномер“ ја оценуваме како недоследна.
ИЗВОРИ:
- Сител (23.11.2016): Милошоски: Битола ќе добие современа спортска сала, базен, железничка и нов експресен автопат [Пристапено на: 25.11.2016]
- Програма на ВМРО-ДПМНЕ (2006 – 2010): Преродба во 100 чекори (Инфраструктура, стр.44) [Пристапено на: 25.11.2016]
- Програма на ВМРО-ДПМНЕ (2008 -2012): Преродба во 100 чекори надградена и проширена (Инфраструктура, стр. 64) [Пристапено на: 25.11.2016]
- Програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори (2013-2017): Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра општина Битола (Транспорт и патна инфраструктура, стр.75) [Пристапено на: 25.11.2016]
- Проверено – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014 – 2018) (Патна инфраструктура, стр. 50) [Пристапено на: 25.11.2016]
- Манифест за реформи и развој – Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2014) (Железничка инфраструктура , стр 78) [Пристапено на: 25.11.2016]
- Изборната програма „Реално“ (2017 – 2020) (Инфраструктура стр.78)[Пристапено на: 25.11.2016]
- Тајм.мк (06.11.2016): Стопирана изградбата на пругата кон Грција [Пристапено на: 25.11.2016]
- МКД (06.11.2016): Стопирана е изградбата на пругата кон Грција, ќе се активира банкарска гаранција на бугарскиот конзорциум [Пристапено на: 25.11.2016]
- ајм.мк (30.07.2016): Заврши изградбата на магистралниот гасовод Клечовце – Штип [Пристапено на: 25.11.2016]
- Тајм.мк (30.08.2016): Почна изградбата на гасоводот на делницата Штип – Неготино [Пристапено на: 25.11.2016]
- Билд (25.10.2016): „Рапид Билд“ вклучен во изградбата и на гасоводот Неготино – Битола [Пристапено на: 25.11.2016]
- Билд (28.10.2016): „Рапид Билд“ руши рекорди – ќе го гради и гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар [Пристапено на: 25.11.2016]
Оценето од: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар