Генерализација за еколошката катастрофа преку (зло)употреба на ексминистерот Нуредини

Фото: ВЛЕН/Фејсбук

Иако соопштението на ВЛЕН е реакција на претходно обвинување од ДУИ за улогата на министерот Изет Меџити како министер за животна средина и просторно планирање, тоа не може да биде оправдание за неоснована (зло)употреба на името на ексминистерот Насер Нуредини, неговото, како што велат, лично пријателство со сегашниот кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи и од тоа да се генерализира дека ДУИ „е главниот виновник за еколошката катастрофа која ја живее Скопје и цела Северна Македонија“

Иако соопштението на ВЛЕН е реакција на претходно обвинување од ДУИ за улогата на министерот Изет Меџити како министер за животна средина и просторно планирање, тоа не може да биде оправдание за неоснована (зло)употреба на името на ексминистерот Насер Нуредини, неговото, како што велат, лично пријателство со сегашниот кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи и од тоа да се генерализира дека ДУИ „е главниот виновник за еколошката катастрофа која ја живее Скопје и цела Северна Македонија“

 

Коалицијата ВЛЕН излезе со соопштение/реакција на тврдењата од ДУИ за загадувањето со воздухот, при што може да се регистрира невистина:

Потписот на дозволата за работа на овој ризичен отпад е на министер, личен избор на Али Ахмети и близок и личен другар на Бујар Османи. ДУИ денеска се обидува да ја префрли одговорноста врз други, но граѓаните знаат дека токму оваа партија е главниот виновник за еколошката катастрофа која ја живее Скопје и цела Северна Македонија. Бујар Османи е во тежок зорт кога почна да си ги мести и своите сопартијци, во овој случај неговиот довчерашен колега Насер Нуредини.

ДУИ е партијата што ја дала дозволата за работа на објектот во Трубарево, отпад што се наоѓа во населено место, веднаш до градот Скопје. Потписот на дозволата е на министер, личен избор на Али Ахмети и близок другар на Бујар Османи. ДУИ 20 години раководеше со екологијата во државата. За тие две децении создадоа депонија во центарот на Тетово, депонија во центарот на Кичево, депонија веднаш до Струга, како и десетици депонии околу Скопје.
Наместо решенија, ни оставија отровна животна средина….

[Извор: МИА – вест – датум: 15.09.2025 г.]

 

Образложение:

Иако соопштението на ВЛЕН е реакција на претходно обвинување од ДУИ за улогата на министерот Изет Меџити како министер за животна средина и просторно планирање, тоа не може да биде оправдание за неоснована (зло)употреба на името на ексминистерот Насер Нуредини, неговото, како што велат лично пријателство со сегашниот кандидат за градоначалник на Чаир Бујар Османи и од тоа да се генерализира дека ДУИ е главниот виновник за еколошката катастрофа која ја живее Скопје и цела Северна Македонија“.

Секој што малку се разбира од комплексноста на елементите што ја сочинуваат здравата животна средина – воздух, вода, почва – може веднаш да ја препознае ваквата генерализација како невистина.

Но, како добар пример можеби е дефиницијата во првиот став од првиот член на Законот за животна средина во кој се наведува:

(1) Со овој закон се уредуваат правата и должностите на Република Македонија, на општината, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, како и правата и должностите на правните и на физичките лица, во обезбедувањето услови за заштита и за унапредување на животната средина, заради остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Како што може да се види, одговорност има не само државата, т.е. владата, т.е. министерот, туку и општините, Град Скопје, правни и физички лица, т.е. секој граѓанин индивидуално. Патем, уште една основа за невистинитоста на генерализацијата, каде што преку името на Нуредини со цел да му се врати „отровно“ на Османи, е тоа што првиот закон е донесен во 2005 година, што значи дека многу влади и градоначалници се смениле оттогаш. Едни од тие се и Изет Меџити, градоначалник на Чаир во два мандата  и Билал Касами, градоначалник на Тетово од 2021 г. и во трка за втор мандат и кој дури сега пред избори, на 02.09.2025 г. почна да дели пластични канти за селекција на отпад во Тетово.

(Зло)употребата на името на Насер Нуредини се прави на тој начин што преку фактот дека потпишал или дал дозвола за работа на Компанијата „Ф-Групација“, која го складираше и преработуваше или извезуваше отпадот во објектите што изгореа во Трубарево во 2020 г., треба да се докаже дека тој е виновен за несреќата, за отровниот воздух што го дишат граѓаните во Скопје и во цела С. Македонија.

За несмасната и невистинитата пропагандистичка генерализација од ВЛЕН, доволно зборува и податокот дека Нуредини, на пример, е првиот министер за животна средина кој се зафати со отстранување на употребата на пластичните ќеси во државата, при што се справи со жестокиот отпор и на трговските ланци маркети и на добар дел од граѓаните кои негативно, среќа праксата покажа за кратко, реагираа и даваа отпор на новиот Закон за управување со пакување и отпад од пакување, донесен во 2021 година за време на неговото министерување. За само една година од примената на тој Закон, како што сведочат медиумските објави од 2022 г. министерството со кое раководел собрало 2 милиона евра од надоместоците на граѓаните што сè уште купувале ќеси и со тие пари требало да бидат купени 5.000 пластични контејнери за смет што се делеле по општините.

Од прес-конференцијата на Владата во 2021 г. кога Нуредини најави нови законски реченија за отпад и справување со пластичните ќеси од малопродажба. Фото: Влада на РСМ/јавен домеин

Но, ова е само еден мал, иако маркантен дел од мандатот на Нуредини. На пример за време на неговото министерување, сменети се повеќе клучни закони и подзаконски акти, меѓу кои и оној за инспекциски надзор во животната средина, транспарентноста на Министерството за животна средина е подигната на максимално ниво и благодарение на тоа и денес нивната веб-страница е една од најбогатите со потребни и актуелни податоци, потпишал спогодби со европски банкарски фондови и грантови за потребите на животната средина од преку 50 милиони евра, а ги „избоксува“ и 70-те милиони евра грант само за пречистителната станица во Скопје, која сè уште е во фаза на изградба.

Што се однесува, пак, за неговата грижа за амбиенталниот воздух во Скопје треба да се напомене дека тој беше основната брана кога за време на енергетската криза што изби во 2022 г. и траеше до крајот на 2023 г., на крајот од 2022 г. забрани употреба на мазут во топланите Исток и Запад, на ЕСМ, која како компанија во доминантна сопственост на државата го презеде управувањето од мешовитиот конзорциум БЕГ со руско потекло и македонски врски. За ова и други детали може да се видат во интервјуто со Нуредини на крајот од 2022 година што го направиле од Радио Слободна Европа, како и интервјуто за Тема на Денот на Сител во 2023 година. Конечно самата биографија на Нуредини (види и тука), доволно зборува за неоснованоста на генерализацијата, иако тој дојде во ДУИ по нивна покана, бидејќи се совпадна со нивната краткотрајна јавна трансформација во „зелена партија“.

Поради тоа, генерализацијата на ВЛЕН во нивното соопштение дека ДУИ и Насер Нуредини, наводно личен пријател на Бујар Османи, се „главниот виновник за еколошката катастрофа која ја живее Скопје и цела Северна Македонија“, може да се оцени како невистина.

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција