Генерализирање на одговорноста е недоследно – секој обвинител и судија имаат име и презиме

Фото: Основен кривичен суд Скопје

Наместо барање одговори и одговорност од конкретен обвинител или судија, ВМРО-ДПМНЕ, имајќи ја предвид политичката биографија на таткото на осомничениот, Исмаил Јахоски, се решава на комуникациски став со јавноста дека за ваквата одлука се виновни СДСМ и ДУИ, бидејќи според ВМРО-ДПМНЕ, сите судии и обвинители, не само овие конкретниве, се партиски судии и обвинители поставени од двете политички партии кои претходно беа на власт

Наместо барање одговори и одговорност од конкретен обвинител или судија, ВМРО-ДПМНЕ, имајќи ја предвид политичката биографија на таткото на осомничениот, Исмаил Јахоски, се решава на комуникациски став со јавноста дека за ваквата одлука се виновни СДСМ и ДУИ, бидејќи според ВМРО-ДПМНЕ, сите судии и обвинители, не само овие конкретниве, се партиски судии и обвинители поставени од двете политички партии кои претходно беа на власт

 

Во соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во врска со конкретна одлука на судија на претходна постапка во актуелниот случај со „канцероген мазут“, има став кој може да се оцени како недоследен:

СДС и ДУИ упорно го бранат корумпираното судство и обвинителство, а вистинската причина денес е јасна – се работи за заштита на криминал вреден 167 милиони евра. Трговија со канцероген мазут, кој го труел народот, а виновниците се ослободуваат со симболични мерки.

Судиите и обвинителите на СДС и ДУИ, наместо да ги гонат криминалците, ги пуштаат на слобода со домашен притвор. Синот на омилениот пратеник на Филипче, Исмаил Јахоски, за кој има основано сомнение дека е дел од оваа шема, добива само одземен пасош. Нема вистинска истрага, нема вистинска правда – само заштита за блиските на врвот на СДС и ДУИ…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/дел – Датум:12.03.2025]

 

Образложение:

Обвинувањата кон судии и обвинители во конкретен предмет, при што сите судии и обвинители се ставаат во ист куп, поврзани со СДСМ и со ДУИ, е недоследен став на владејачката партија од едноставна причина што генерализира во кривично-правен случај со поединечна одлука на судија на претходна постапка, а за која во јавноста не се познати конкретните причини.

Станува збор за акција на полицијата спроведувана по наредби на обвинителството, која резултира со истрага на осомничени 13 лица за криминал во вкупна вредност од над 160 милиони евра, а кој во суштина се сведува на злоупотреба на службена должност при јавни набавки и перење пари од приход добиен при јавните набавки – случај веќе познат како „канцероген мазут“.

Прво, предметот во предистражна постапка траел повеќе месеци, воден од Обвинителството, а по кој постапувала и полицијата и тоа може да се види од соопштението на Јавното обвинителство:

По повеќемесечна предистражна постапка во предмет што во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беше оформен по иницијатива на ДКСК, а по кој по наредби на обвинителството постапуваше Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во текот на вчерашниот ден и денес беше спроведена акција. Во акцијата што под раководство на јавен обвинител се спроведуваше на повеќе локации во Скопје, Велес и Кичево се лишени од слобода 11 лица…

Во подолгото соопштение се наведува суштината на делото, причините зошто е поведена истрага и против кого, сумата за која се товарат осомничените, за на крајот да се опише постапката на обвинителството за да продолжи истрагата:

Имајќи ги предвид околностите и тежината на стореното дело, јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на пет лица да им биде определена мерка притвор, од кои за едно лице мерката да се примени по неговото пронаоѓање. Едно лице осомничено и во предметот „Адитив“ веќе се наоѓа во притвор, додека за останатите осомничени се предложени мерки за обезбедување присуство.

Од ова соопштение може да се види дека Обвинителството побарало притвор за пет лица, а одлуката на судијата на претходна постапка била притвор за четири лица, вклучувајќи го и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски кој е во бегство подолго време.

Значи во пракса има случај во кој за едно лице, сопственикот на Пуцко Петрол Асмир Јахоски во постапката при распит кај судијата на претходна постапка не бил прифатен првичниот предлог на Обвинителството за притвор од 30 дена, туку мерката била преиначена во мерки за претпазливост, т.е куќен притвор.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека обвинителот во последен момент се откажал од ефективниот притвор и се согласил со куќен притвор „по нечиј налог“(А. Милошоскивиди тука). Засега јавноста не го знае ова со прецизност, но дури и да е така, да се откажал во последен момент, само обвинителот и судијата на претходна постапка можат да појаснат зошто е така постапено. Може да е по нечиј налог, а можеби во предлогот на обвинителството или при проценка на судијата на материјалите и распитот, се дошло до друго сознание кое довело до таквата одлука. Зашто во соопштението пак од Судот се наведува:

Во однос на осомничениот А.Ј., по произнесување на осомничениот пред судија на претходна постапка Јавниот обвинител се согласи за  промена на  предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка.

Наместо барање одговори и одговорност од конкретен обвинител или судија, ВМРО-ДПМНЕ, имајќи ја предвид политичката биографија на таткото на осомничениот, Исмаил Јахоски, се решава на комуникациски став со јавноста дека за ваквата одлука се виновни СДСМ и ДУИ, зашто сите судии и обвинители, не само овие конкретниве, се партиски судии и обвинители поставени од двете политички партии кои претходно беа на власт.

Ваквото генерализирање на судството и обвинителство, засновано на конкретни лица во конкретна постапка, е недоследност во однос на заложбите и на ВМРО-ДПМНЕ за почитување на правото и правната држава, што меѓу другото подразбира и поименична, а не генерална одговорност.

 

Извори:

 

Оценил: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција