Гео Милев бил убиен од бугарска полиција, а не од грчки фашисти

Гео Милев. Фото: скриншот од дел од објавата

Под Фејсбук пост е пласирана црно-бела фотографија на млад човек, кој е видливо унакажан во пределот на десното око. Со пребарување на фотографии на Гугл и на други пребарувачи, се открива дека на фотографијата не е на неименуван македонски херој, кој се борел со грчките сили во почетокот на 20-тиот век заедно со Чакаларов, туку станува збор за Георги Милев Касабов од Стара Загора, познат бугарски поет и интелектуалец, најпознат претставник на модернизмот и експресионизмот од почеток на дваесеттиот век

 

Фејсбук објава на македонски јазик невистинито споделува тврдење дека човекот прикажан на фотографијата на постот е херој од македонската револуционерна борба во минатиот век при борбите со „грчките фашисти“.

Притоа, во објавата се тврди дека не се знае неговиот гроб, дека окото го загубил не сакајќи да се декларира поинаку од Македонец и дека му е братучед на македонскиот војвода Васил Чакаларов.

Во објавата прецизно се вели следното:

Да не се заборави Егејот никој пат не ќе те заборави..

Македонски Херој остана со едно око само да признаје пред ГРЧКИТЕ ФАШИСТИ дека е Македонец беше со Зборовите од устата негова Око давам Македонија недавам..Не ти неси Комита ти си Ангел Македонски жално е ден денес дека ти је гробот едни велат на Пирин Други велат Во Егеј трети велат Запален си жиф Вечна јапамја за тебе Ангелу Македонски Брачед на Васил Чакалароф

Под ваквиот текст е пласирана фотографија во црно-бела техника на млад човек, кој е видливо унакажан во пределот на десното око. Со пребарување на фотографии на Гугл и на други пребарувачи на фотографии, се добива идентичен резултат. Фотографијата на човекот не е на неименуван македонски херој, кој се борел со грчките сили во почетокот на 20-тиот век заедно со Чакаларов, туку станува збор за Георги Милев Касабов од Стара Загора, познат бугарски поет и интелектуалец, најпознат претставник на модернизмот и експресионизмот од почеток на дваесеттиот век.

 

Роден во Раднево, Стара Загора

Георги Милев Касабав познат како Гео Милев е роден во Раднево, гратче во југоисточна Бугарија дел од округот на Стара Загора, во 1985 година. За тоа нема дилема ниту на Википедија, ниту на кој било друг од бројните извори што ги најдовме, истражувајќи за Милев.

Неговиот физички белег, недостатокот на окото, е здобиен во воена битка во околината на Дојран во 1917 година, кога учествувал во Првата светска војна на страна на Бугарската армија како мобилизиран резервен офицер, при што бил тешко ранет од артилериска граната. Добива вештачко око по серија операции, но во Германија, во 1918 година, во Берлин, речиси една година по ранувањето.

Георги Милев, Автопортрет 2018 г. Фото: Википедиа

Последното што се знае за Милев е дека бил казнет поради неговата поема „Септември“ во 1925 година на една година тежок затвор и со глоба од 20.000 лева, но не бил веднаш затворен. Поемата се однесувала на трагедиите и крвавите слики од задушувањето на Септемвриското востание во Бугарија во 1923, кое било организирано од Комунистичката партија и поттикнато од Коминтерната, со цел соборување на пучистичката влада на премиерот Александар Цанков.

Милев, кој според некои извори бил член на Комунистичката партија, но според други тој бил единствено хуманист, на судењето се изјаснил за невин и дека ќе поднесе жалба до Апелациониот суд. Но, утредента по изрекувањето на пресудата, бил извикан од полицијата на „кратко испрашување“, по што му се губи секаква трага. Детали од неговата одбрана на судот може да се прочитаат тука.

 

Бил убиен од бугарската полиција

Дури по Втората светска војна, во 1954 година, при судењето на бугарскиот генерал Иван Велков за злоделата за време на фашистичкиот режим, едно од лицата, од групата на која ѝ се судело, открил како ги убивале притворените и каде ги закопувале. Тогаш било откриено дека Милев при испрашувањето бил убиен со жица. Неговото тело било откриено близу Софија на гробиштата кај Илиенци. Тој бил закопан во масовна гробница, а идентификуван токму поради стакленото вештачко око што го имал.

Минатата година во јануари, во чест од 125 годишнината од раѓањето на Гео Милев, била организирана изложба во Софија под името „Човекот пред сè“, која ја отворил поетот Георги Константинов, носител на национална

награда за литература и творештво „Гео Милев“ од 2007 г. За сето ова детално може да се прочита во весникот „Труд“ кој известил за настанот.

Васил Чакаларов, неименуван автор Фото: Википедија

Гео Милев има споменик во Софија, има кварт во Софија кој е именуван по него, има куќа музеј во Стара Загора, а сè што може да се пронајде за него укажува дека немал ама баш никаква врска со борбите меѓу македонските револуционери и грчки паравоени формации, како што тоа недвосмислено важи за револуционерот Васил Чакаларов.

Дури ни по длабоко истражување на интернет за некаква роднинска или друга странична врска со Чакаларов не дава никакви резултати. Чакаларов  бил роден 20 години пред Милев во сосема друг крај (село Смрдеш, Костурско) стотоци километри подалеку од Милев, а умрел во 1913 година, додека Милев во 1925 година. Чакаларов бил убиен од грчки војници, а Милев од бугарски полицајци.

Според погоре изнесените аргументи, може да се оцени дека дел од тврдењето во објавата на Фејсбук е дезинформација.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција