Георгиевска: СЕММ пристапи до преку 350 ученици и студенти за препознавање на манипулативни содржини

Фото: Билјана Георгиевска

Билјана Георгиевска, актуелна директорка на Извршната канцеларија на СЕММ и долгогодишна новинарка одговараше на нашите прашања за улогата на саморегулацијата во справувањето со дезинформациите и за активностите на СЕММ на ова поле

Билјана Георгиевска, актуелна директорка на Извршната канцеларија на СЕММ и долгогодишна новинарка одговараше на нашите прашања за улогата на саморегулацијата во справувањето со дезинформациите и за активностите на СЕММ на ова поле. „Од младите слушнавме повеќе за изворите на информации што тие ги претпочитаат – главно инсфлуенсери, кои би требало што поскоро да бидат вклучени во заедничкиот фронт против дезинформации и да ги почитуваат етички стандарди што важат и за медиумите, како креатори на медиумски содржини“-вели Георгиевска

 

Подготвил Т.Б.

-Каква е или каква може да биде улогата на саморегулацијата во справувањето со дезинформациите (дали е таа поврзана со ширење на медиумската писменост и критичкото размислување) и што прави СЕММ на ова поле?

Георгиевска: Советот за етика во медиумите е еден од елементите што би требло да функционираат поврзано, во сеопфатен систем за намалување на порозноста на општеството на дезинформации. Во отсуство на широк и вмрежен фронт, СЕММ реализира сопствени активности, зависно од капацитетот и поддршката од донаторите, за унапредување на медиумската писменост, особено кај младите во земјава, но и за обука на новинари за препознавање, неширење и разобличување на дезинформации преку медиумите.

Минатата година пристапивме до преку 350 средношколци и студенти, во Скопје, Штип и Тетово, за да размениме искуства со младите околу манипулативните содржини, главно онлајн, но и за методите за препознавање и важноста од неширење на креирани текстови, фотографии и видеа чија цел е да создадат лажна слика во општеството за чувствителни теми. Од младите, пак, слушнавме повеќе за изворите на информации што тие ги претпочитаат – главно инсфлуенсери, кои би требало што поскоро да бидат вклучени во заедничкиот фронт против дезинформации и да ги почитуваат етички стандарди што важат и за медиумите, како креатори на медиумски содржини. Обуките за новинари беа фокусирани на безбедносниот аспект, при што СЕММ поддржа и креирање на неколку новинарски истражувачки стории и издаде прирачник со уредувачки насоки за проверка на факти и безбедносни информации.

Се разбира, константна во борбата против дезинформациите е работата на Комисијата за жалби при СЕММ, стожерот на медиумската саморегулација, која постапува по примени претставки и по принципот „naming&shaming“ посочува кои медиуми и во кои случаи отстапуваат од стандардите за професионално, етичко и одговорно новинарство.

Една од активностите на СЕММ со млади. Фото: СЕММ/ФБ профил

 Не не контактирале во врска со Стратегијата за безбедност на РСМ

-Со оглед дека СЕММ е споменат во контекст на  партнер кој треба да соработува со координативно тело од составено од претставници на премиерот и неколку други министерства во состав на владата во Стратегија за безбедност на РСМ 2024-2029 година, во областа на борбата со дезинформациите, дали досега е иницирана соработка во таа насока од страна на извршната власт?

Георгиевска: Сме биле дел од работни тела, со претставници од невладиниот сектор и владини институции, за спроведување на различни планови, но до сега, официјално не сме информирани за конкретната Стратегија за безбедност на РСМ 2024-2029 година, за координативно тело, ниту сме поканети за директна соработка. Се разбира, посакувам да заживее еден сеопфатен пристап, по примерот на земјите во Европа каде што веќе со години е анимирано целото општество, вклучени се безбедносни служби, министерства и организации со широк радиус на делување, а свесноста на населението за штетниот потенцијал на дезинформациите, во поново време – хибридното војување, е далеку повисока. Таков сеопфатен пристап би резултирал и со обединувачки ефект во нашето општество, со оглед на тоа што влијанијата од надвор, меѓу другото и преку дезинформации и манипулации, се насочени кон подривање на стабилноста и безбедноста на сите граѓани во земјава.

Единствен пристап со партнерско учество на сите би дал резултати

-Дали сметате дека овој документ и уште еден во Министерство за дигитална трансформација (Стратегија за сајбер безбедност со Акциски план 2025-2028), во кој се адресирани прашањата за дезинформациите и штетните последици од нив – се доволни или е потребна посебна национална стратегија за справување со дезинформациите?

Георгиевска: Тежината на проблемот со хибридното војување и ранливоста на нашето општество, бараат што поширок опсег, национален фронт. Во двата документите што ги посочувате, по прашањето нa дезинфомациите како закана за демократијата – има преклопување. Логиката вели дека единствен пристап, добро координиран, со партнерско учество на сите чинители, би дал пофокусиран и поефикасен одговор. Конечно, искуството од изминатите три децении во земјава покажува дека документи имало доволно, но реализацијата на тоа што во нив е зацртано – хронично затајува. Сега, со оглед на случувањата во Европа и светот, императивно е на хибридното војување – на дезинформациите, пропагандата, манипулациите, онлајн и офлајн, да им се пристапи сериозно и сеопфатно, заради градење на отпорност на целото општество. Неодговорно би било и натаму со проблемот со дезинформациите да се справуваат само неколку невладини организации, со скромни капацитети и неизвесност околу нивниот опстанок на подолг рок.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција