Германско старо сатирично видео за кемтрејлс споделено како да е вистинито

Фото: Принтскрин видео

Видеото е направено од германскиот сатиричен сајт Der Postillon, првично е објавено пред цели осум години – во март 2015 година и може да се најде и на нивната веб-страница и на каналот на Јутјуб. Тоа не е вистинска репортажа на германска телевизија и не може да се сфати сериозно. Спротивно од тоа што се тврди во објавата на Фејсбук, кемтрејлс не постојат. Тоа е добро позната и една најраширените теории на заговор

Видеото е направено од германскиот сатиричен сајт Der Postillon, првично е објавено пред цели осум години – во март 2015 година и може да се најде и на нивната веб-страница и на каналот на Јутјуб. Тоа не е вистинска репортажа на германска телевизија и не може да се сфати сериозно. Спротивно од тоа што се тврди во објавата на Фејсбук, кемтрејлс не постојат. Тоа е добро позната и една најраширените теории на заговор

 

 

Старо видео на германски јазик во коешто се вели дека белите траги што ги оставаат авионите се отровни и опасни и дека тоа го објавила германската влада, се споделува на социјалните мрежи. Но ова германско видео, е сатира а не сериозен новинарски прилог.

Во постот во којшто е споделено видеото се вели:

ГЕРМАНСКАТА ВЛАДА ОБЈАВИ:

“ДЕПОПУЛАЦИЈА СО ХЕМТРЕИЛС, ВАКЦИНИ И ОТРОВИ ВО ХРАНА”

Германската влада објави: На крајот на месецот ќе престанат да ги прскаат граѓаните со хемиски супстанци од авионите бидејќи не се постигна саканиот ефект и за тоа се потрошени стотици милијарди евра! Признаа дека потпишале договори за „Chemtrailers“ со американските Илуминати, односно „Дип Стејт – САД“. Јасно, затоа што Германија е окупирана земја, односно компанија GmbH е управувана од Америка.

Се зборуваше и дека сè уште се врши депопулација: со вакцини и отрови во храната!

Многумина веруваат дека авионите и трагите што тие ги оставаат, се начин на којшто владите шират токсични хемикалии низ светот и луѓето. Сега, според објавата на Фејсбук којашто е предмет на оваа рецензија, се вели дека германската влада одлучила да престане да ги прска граѓаните со хемиски супстанци и дека ќе ја прекине нивната програма за Кемтрејлс бидејќи е премногу скапа и неефикасна.

Но, вистината е дека видеото е направено од германскиот сатиричен сајт Der Postillon и може да се најде и на нивната веб-страница и на каналот на Јутјуб. Тоа не е вистинска репортажа на германска телевизија и не може да се сфати сериозно. Кемтрејлс не постојат. Ниту, пак, германската влада некогаш изјавила дека ќе престане да ги прска граѓаните со хемиски супстанци од авионите.

Иако ова тврдење е напишано на почетокот на постот со големи букви, сепак не е вистинито. Освен тоа видеото е многу старо, односно првично е објавено во март 2015 година – пред цели осум години. Сатиричната природа на видеото се гледа и од банерот на дното на екранот каде меѓу другото, се вели дека американскиот актер Шон Пен рано си легнува по напорниот работен ден.

Фото: Принтскрин видео

На почетокот на видеото (околу 00:06 минута) се гледа натписот ‘Postillon 24 Nachrichten’. Тоа веднаш води до изворот на видеото а тоа е страницата Der Postillon, која е добро позната германска сатирична веб-страница, споредлива со Де Шпелд во Холандија или Онијон во САД.

На нивната официјална страница во делот каде што се најчесто поставуваните прашања тие самите пишуваат дека сè на нивната веб-страница е „сатира и затоа е лага“.

Сè што е напишано во Der Postillon е сатира и затоа е лага. Сите ликови кои се појавуваат се измислени, сличностите со вистински луѓе се чиста случајност, се вели на официјалната веб-страница.

Спротивно од тоа што се тврди во објавата на Фејсбук, кемтрејлс не постојат. Тоа е добро позната и една најраширените теории на заговор. Оваа невистинита и заснована на дезинформации теорија, го претставува верувањето дека вообичаените траги од кондензација што ги создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси. Поддржувачите на оваа теорија се убедени дека различни влади се обидуваат негативно да ѝ влијаат на климата или на човековото здравје со тоа што прскаат токсични хемикалии, со цел да предизвикаат намалување на бројот на жители на планетата. Белата патека што ја оставаат авионите во воздухот е патека која настанува од кондензација. Облаците во форма на линија се произведени од издувните гасови на моторот на авионот и настануваат поради промени во притисокот на воздухот, обично на авиони кои летаат на височина неколку километри над површината на Земјата. Патеките се составени од вода, во форма на кристали од мраз. Во зависност од температурата и влажноста на воздухот, тие можат да бидат видливи само неколку секунди или минути, или може да опстојуваат со часови и да се шират неколку километри.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот што го анализираме споделува старо сатирично видео како да е вистинито и врз основа на сатира тврди дека постојат кемтрејлс, односно прскања од авион со хемиски отрови.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција