Гевгеличани чекаат чиста вода, наместо „арсена“

Кој има купува, кој нема чека активистите да му донесат пакувана вода. Фото: „Арсена“

ПРОЕКТ: „ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА НА ОПШТИНИТЕ“,ФИНАНСИРАН ОД ГЕРМАНСКАТА БАНКА ЗА ОБНОВА KFW
Проектот се реализира во рамките на билатералната финансиска соработка со Владата на СР Германија и има за цел обезбедување на одржливо снабдување на населението со вода за пиење во општините: Гевгелија, Гостивар, Битола, Радовиш, Неготино, Кочани, Кавадарци, а во тек е реализацијата на проект во Тетово.
Следната фаза на проектот ги опфаќа следниве општини и проекти:
Гевгелија Изградба на две нови изворишта на вода и изградба на цевковод за нивно поврзување во општина Гевгелија. (Рок: 2017, Буџет: 73.000.000 денари)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Пред парламентарните избори во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма на стр. 73 меѓу другото вети и два нови извора за водоснабдувањето на Гевгелија со нов цевковод. Овој град, инаку, користи вода со опасно ниво на арсен, за чие користење за пиење, готвење и други потреби на домаќинствата, но и за наводнување, забрана е издадена уште во септември 2012 година од страна на Институтот за јавно здравје на РМ. Новите извори, според граѓанската иницијатива „Арсена“, која гевгелиската вода од чешма ја нарече „арсена“, би требало да го елиминираат овој загрозувач на здравјето на гевгеличани. Иако станува збор за горлив проблем што треба итно да се отстрани, сепак ВМРО-ДПМНЕ дефинираше рок до крајот на следната година – 2017, па формално мора да се каже дека реализацијата на овој проект е во тек.

Ветување за решавање на овој проблем беше дадено уште во изборната програма (на стр. 38) на сегашниот градоначалник, Иван Франгов, пред локалните избори во 2013 година. Во неговата програма, пак, како краен рок е наведена 2016 година

Втора фаза:
Подобрување на водоснабдувањето
Заради подобрување на системот на водоснабдување во Гевгелија, во втора
та фаза на проектот, за кој се обезбедени средства со поддршка на Владата
во износ од 1,5 милион евра, врз основа на веќе изработена студија на оправданост, ќе се преземат конкретни активности за подобрување на снабдувањето со вода на граѓаните. (Рок на реализација: почеток 2014–2016 година, Средства: 1,5 милион евра)

Поради опасните концентрации на арсен во водата, граѓаните на Гевгелија се приморани да купуваат пакувана вода. За проблемот со водата од бунарите кај Моин постојано алармира граѓанската иницијатива „Арсена“, која досега организираше шест акции за делење бесплатна пакувана вода за помалку имотните гевгеличани. Иницијативата на крајот на минатиот месец ја продолжи својата акција промовирајќи и брошура за штетноста на арсенот по здравјето.

Од граѓанската иницијатива лани ги алармираа и надлежните државни институции за проблемот и им испратија тогашни резултати од испитувањето на водата.

На официјалниот веб-сајт, општинската управа соопшти дека во следнава година ќе се даде приоритет на проблемот со водоснабдувањето. Најава дека нешто се случува, иако е прашање колку навремено се прави тоа, е известувањето од Општина Гевгелија дека ќе се земе подзаем за реализација на проектот.

Сепак, тоа значи дека допрва ќе се распише јавен повик за изведувач за новите бунари кај Вардар, но и за тоа ќе мора да се почека можеби и до крајот на годинава.

Франгов нагласи дека проектот за новите бунари кај Вардар е готов, дека општината ја затвори финансиската конструкција за обезбедување на потребните 1,5 милиони евра за негова реализација и оти најдоцна до крајот на оваа година ќе биде распишан и јавниот повик.

А додека гевгеличани го чекаат ветениот цевковод користат пакувана вода, за што трошат дополнителни средства. Сепак, бидејќи формално рокот за реализацијата проектот не е истечен, ова ветувањето се оценува „во тек“.

ИЗВОРИ

  • Изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2014 година (Стр. 73) [Пристапено: 29.03.2016]
  • Изборна програма на Иван Франгов за изборите во 2013 година (Стр. 38) [Пристапено: 29.03.2016]
  • А1он: АРСЕНА донираше 600 литри чиста вода (27.12.2015) [Пристапено: 29.03.2016]
  • Радио МОФ: „Хронично труење со арсен“ – промовирана брошура за отровната вода во Гевгелија (27.02.2016) [Пристапено: 29.03.2016]
  • Плусинфо: Арсена: Институтот за јавно здравје ги затвори вратите за гевгелискиот арсен (09.03.2016) [Пристапено: 29.03.2016]
  • Општина Гевгелија: БУЏЕТОТ ЗА 2016 ГОДИНА ПРОЕКТИРАН НА 694 МИЛИОНИ ДЕНАРИ [Пристапено: 29.03.2016]
  • Лидер: Долгорочно решение на снабдувањето со квалитетна вода за пиење на Гевгелија (16.03.2016) [Пристапено: 29.03.2016]
  • Сител: Во Гевгелија се реализира проект за обезбедување дополнителни количини вода (13.11.2015) [Пристапено: 29.03.2016]

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција