Гевгеличани ќе почекаат за новиот градски пазар
Довршување на проектот „Нов градски пазар“
Во првата фаза е предвиденo да се изгради една од трите планирани хали, во кои, освен зелен пазар, ќе бидат сместени 18 дуќани и паркинг-простор за граѓаните. Реализацијата на првата фаза ќе заврши кон средината на март 2013 година. Во втората фаза е предвидена изградба на супермаркет, а целосната изградба на пазарот ќе заврши во 2015 година.
Средства: 60 милиони денари од буџетот на Општина Гевгелија, Рок на реализација: 2013–2015 година
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
На страница 18 во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (2013-2017), „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Гевгелија! “ со која Иван Франгов на локалните избори во 2013 година доби уште еден градоначалнички мандат, е ветено завршување на проектот „Нов градски пазар“ во Гевгелија до 2015 година.
Според тоа што го утврдивме истражувајќи, иако рокот е истечен, исполнувањето на ова ветување на Иван Франгов, кое во изборната програма е наведено во најзначајните, е во тек.
Проверката на терен што ја направи наш соработник покажува дека засега од целото ветување реализиран е еден дел. Имено, извршено е тампонирање на парцелата и поставени се столбови и дел од покривната конструкција, која не е завршена во целост.
Инаку, во првата фаза, која требаше да заврши пред две години и три месеци, градоначалникот на Гевгелија предвидуваше да биде завршената првата од трите хали, во која освен пазар ќе има и 18 дуќани, а до истекот на рокот, односно крајот на минатата година, требаше да има вкупно три хали, со супермаркет и други дуќани.
И на веб-сајтот на општина Гевгелија гледаме потврда дека ова ветување е далеку од конечната реализација. Имено, во информација за граѓаните објавена на 14 јуни годинава е наведено дека „продолжуваат изведбените работи“.
По тампонирањто на стопите и инсталирање на конструкцијата деновиве во тек е бетонирањето на подната плоча, после што ќе следи покривање на трите хали од пазарот. Согласно потпишаниот договор меѓу општина Гевгелија и изведувачот – фирмата „Бауер“ покриениот дел на новиот Градски пазар ќе се простира на 5.888 метри квадратни, со три покриени хали, придружни дуќани и голем супермаркет. Инаку, реализацијата на целиот проект ќе чини 60 милиони денари.
Од оваа информација гледаме дека вкупната квадратура треба да изнесува 5.888 квадратни метри, а вкупната сума што ќе се потроши ќе изнесува 60 милиони денари или малку повеќе од 972.500 евра.
Овој проект е од претходниот мандат на Франгов. Изградбата на пазарот почнува на 28 ноември 2012 година, а продолжува по 10 месеци. Потоа работата се развлекува…
Со оглед на констатираното, исполнувањето на ветувањето на Иван Франгов за завршување на проектот „нов градски пазар во Гевгелија“, го оценуваме: „во тек“.
ИЗВОРИ
- Изборна програма на Иван Франгов 2013-2017 (стр. 18) [Пристапено: 30.06.2016]
- Општина Гевгелија – Бетонирање на подната плоча на градскиот пазар (14 јуни 2016) [Пристапено: 30.06.2016]
- Фактор – Гевгелија до пролет со нов градски пазар, догодина и со хипермаркет (28.11.2012) [Пристапено: 30.06.2016]
- А1он – Продолжуваат активностите околу изградбата на новиот градаски пазар во Гевгелија (18.09.2013) [Пристапено: 30.06.2016]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар