Гевгелија конечно доби нов водоснабдителен систем

Ветување: Ќе продолжиме со изведбата на проектот за изградба на нов водоводен систем со помош на новите бунари кај Вардар чиј проектен капацитет е 200 литри вода во секунда. Со комплетна реализација на овој проект ќе се задоволат потребите на градот и во услови на веќе отпочнатиот процес на раст на бројот на населението. (Рок: 2018 година)
(Извор: Живот во Гевгелија за сите- Изборна програма на Сашо Поцков)

 

Ветување: Ќе продолжиме со изведбата на проектот за изградба на нов водоводен систем со помош на новите бунари кај Вардар чиј проектен капацитет е 200 литри вода во секунда. Со комплетна реализација на овој проект ќе се задоволат потребите на градот и во услови на веќе отпочнатиот процес на раст на бројот на населението. (Рок: 2018 година)

[Извор: Живот во Гевгелија за сите- Изборна програма на Сашо Поцков, датум:октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Решавање на проблемот со водоснабдување на Општина Гевгелија беше едно од клучните предизборни ветувања на кандидатот за градоначалник од коалицијата предводена од СДСМ, Сашо Поцков во изборната програма со која победи на локалните избори за градоначалник на Гевгелија во 2017 година . Со пуштањето во употреба на водоводот на 7 ноември годинава, ова ветување може да се смета за исполнето.

Гевгелија со години има сериозни проблеми со снабдувањето на населението со чиста и здрава вода за пиење, посебно откако во 2012 година беа утврдени високи концентрации на арсен во водата од гевгелискиот водовод. Водата во гевгелискиот водовод кој добиваше вода од бунарите кај Моин беше контаминирана со присуство на арсен од 50% до 113% повеќе над дозволеното ниво, пропишано со Законот за води на РМ, Правилникот за квалитет на води на РМ и стандардите на Светската здравствена организација, поради што Гевгеличани со години купуваа вода за пиење. Во својата изборна програма, „Живот во Гевгелија за сите“, Поцков, кој ја доби довербата на гевгеличани, најави завршување на веќе почнатиот проект за изградба на нов водоснабдителен систем од бунарите покрај Вардар, со капацитет од 200 литри во секунда до 2018 година, а како корисници на овој проект во Изборната програма ги наведе:

сите граѓани на Општина Гевгелија, со населените места кои се корисници на градскиот водоводен систем со кој стопанисува ЈПКД Комуналец – Гевгелија, (шест населени места + три индустриски зони и Граничниот премин Богородица), како и граѓаните од населените места Стојаково и Селемлија кои припаѓаат на Општина Богданци, а се корисници на вода од бунарското подрачје од Општина Гевгелија,

 

 

ДОЛГОТРАЈНА БИТКА ЗА ЧИСТА И ЗДРАВА ВОДА

И покрај тоа што надлежните институции уште пред 6 години констатираа присуство на отровен арсен во градскиот водовод во Гевгелија, гевгеличани со години водеа битка за докажување со локалните власти и со државата околу тоа дали е водата од чешмите опасна по здравје или не е. Нова, чиста вода за пиење за Гевгеличани им беше ветена уште пред локалните избори во 2013 година, како и пред парламентарните избори во 2014 година, но потоа ветувањата не беа реализирани, а проблемот беше упорно игнориран.

Сепак, изградбата на новиот систем за водоснабдување на Гевгелија со околината, кој со здрава вода за пиење треба да снабдува над 17 илјади жители на оваа Општина, по неколку одложувања и повторувања на тендерските процеси, конечно почна во февруари 2017 година, осум мсеци пред одржувањето на локалните избори (на крајот на мандатот на претходната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ), што предизвика скепса кај дел од јавноста дека се работи за предизборно собирање на поени. Целиот проект чинеше 105,3 милиони денари од кои 70 милиони беа обезбедени од Светска Банка, а 260 илјади евра се грант од европските ИПА фондови.

Со оглед дека системот за водоснабдување на Гевгелија и околината со здрава и чиста вода за пиење од нов извор е изграден и пуштен во употреба во предвидениот рок – 2018 година, ова предизборно ветување го оценуваме како исполнето.

ИЗВОРИ:

Оценила: Југослава Дуковска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција