Гинекологија Чаир и болниците во Куманово и Струмица не почнаа да се грејат на гас

Црн чад излегува од болницата за гинекологија во Чаир Фото: Принтскирн

Министерот за здравство Венко Филипче,  на почетокот на февруари (2019) , одговарајќи на новинарско прашање  го даде следното ветување, кое досега 04.11.2019 година не е исполнето:

Уште во текот на минатата година (2018) преземавме одредени чекори за промена на системот на греење во повеќе јавни здравствени установи. Ставивме приоритет на Специјалната болница по гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, како и на општите болници во Куманово и Струмица, поради тоа што е подготвена околната инфраструктура за гасификација, изјави министерот за здравство Венко Филипче (05.02.2019), кој рече дека проектите се готови, влегле во планот за јавни набавки и ќе почнат да се реализираат како приоритет токму во овие три јавни здравствени установи.

Се надевам дека толку колку што трае тендерската постапка и сите законски рокови ќе поминат без никаков проблем и за скоро време, веќе за следната грејна сезона сите овие објекти ќе бидат подготвени да се греат на гас, додаде Филипче

 [ Извор: Сител; Датум: 05.02.2018 г.]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На 05.02.2019 година министерот за здравство Венко Филипче,  пред почетокот на настан посветен на потребата од развивање интегрирани услуги за здравствена и долгорочна нега,  во одговор на новинарско прашање  вети дека Гинекологија Чаир, како и болниците во Куманово и Струмица, од почетокот на оваа грејна сезона ( октомври 2019) ќе се грејат на гас. Ова негово ветување досега (04.11.2019) е неисполнето.

Наспроти најавата на министерот Филипче,  трите споменати болници – Гинеколошката болница во Чаир, општите болница во Куманово и во Струмица  сѐ уште се греат на мазут.

Филипче деновиве (29.10.2019)  кажа дека гасификацијата на болниците во Чаир и Куманово ќе биде во наредниот период:

 Заврши постапката за чаирската болница, договорот е веќе склучен и градежните работи треба да започнат на терен во периодот кој што следува.

Во однос на кумановската болница имаше спремен проект, кој што требаше да се модифицира од технички аспект заради новиот ургентен центар, заради тие нови приклучоци, тоа е сега при крај, имаме обезбедно средства и веднаш кога тоа технички ќе се среди ќе можеме да ја почнеме постапката (Филипче)

Што се однесува до  болницата во Струмица, според најавите, нејзиното приклучување на  гас може да се случи на почетокот на наредната година.

Порталот СтрумицаНет деновиве (30.10.2019) информираше  дека Советот на Општина Струмица  донел одлука, средствата од 5 милиони денари  од Министерството за животна средина да ги префрли на ЈПЕД „Струмица Гас“. Со овие средства треба да се замени котелот на мазут во болницата во Струмица со котел на гас и објектот да се приклучи  на градската гасоводна мрежа.

Според директорот на ЈПЕД „Струмица Гас“, Благој Милановиќ целата активност би требало да заврши до крајот на годината, односно во почетокот на новата година (2020) болницата може да биде приклучена на гасоводната мрежа, а сè зависи од роковите со тендерската постапка.

Имајќи предвид дека ветувањето на министерот Филипче е дадено прецизно, односно дека трите болници  ќе бидат подготвени да се греат на гас оваа грејна сезона, а тоа досега не се случи иако грејната сезона е веќе почната,  ветувањето го оценуваме како неисполнето.

ИЗВОРИ:

·         Сител (05.02.2019): Филипче: Гинекологија Чаир и болниците во Куманово и Струмица наскоро ќе се грејат на гас  [Пристапено на: 04.11.2019]

·         Грид.мк (05.02.2019): Филипче: Гинекологија Чаир и болниците во Куманово и Струмица наскоро ќе се грејат на гас  [Пристапено на: 04.11.2019]

·         ТВ 24 ( 29.10.2019): Македонија се гуши, власта се правда – за 2,3 години не можело да се постигне успех  [Пристапено на: 04.11.2019]

·         СтрумицаНет (30.10.2019): Почнува постапката за приклучување на Струмичката болница на градската гасоводна мрежа на „Струмица Гас  [Пристапено на: 04.11.2019]

        

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.