Гинеколошкото одделение во Крива Паланка сè уште не е рестартирано

Фото: mk.wikipedia.org

 

ВЕТУВАЊЕ: Рестартирање на гинеколошкото одделение во Здравствениот дом во Крива Паланка. Рок: 2018 година

[Извор: Изборна програма на Борјанчо Мицевски за локалните избори 2017-2021 – „Живот во Крива Паланка за сите“ (стр.35)датум: октомври 2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за рестартирање на гинеколошкото одделение во Здравствениот дом во Крива Паланка е неисполнето ветување на градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Ветувањето е дел од неговата предизборна  програма за локалните избори 2017-2020 година, насловена како „Живот во Крива Паланка! За сите!“ (стр.35), со рок на исполнување 2018 година. Инаку, ова ветување е дадено во рамките на едно покомплексно ветување:„Нови одделенија во Здравствениот дом Крива Паланка“, каде него, меѓу другото, е наведено дека повторното отворање на гинеколошкото одделение во Здравствениот дом во Крива Паланка ќе значи крај на маките и грижите на младите родители кои основаат семејства.

На 26.01.2018 година, како што јави Прес 24, министерот за здравство, Венко Филипче, беше во посета на Општина Крива Паланка каде истакна дека изготвуваат стратегија за да се спречи одливот на млади стручни кадри од медицинската сфера во странство и дека Министерството изготвува една посериозна анализа за тоа каков тип здравствени услуги се даваат низ државата, но и со каков квалитет се тие и каква е фреквенцијата на услуги.

Чекаме планот за вработувања да ни го достават сите здравствени институции, по што со јасна слика за потребите ќе преземаме мерки – додаде Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Информација за средбата пренесе и порталот Ипортал, кој јави дека Здравствениот дом во Крива Паланка ќе добие нова медицинска опрема.

На средбата разговаравме за потребите на оваа институција, како во смисла на подобрување на ситуацијата со кадарот, така и во смисла на она што им е потребно како медицинска опрема за подобрување на квалитетот на здравствените услуги на граѓаните на Крива Паланка. Веќе во буџетот на Министерството за здравство за оваа година предвидовме средства за набавка на нов рендген апарат-мамограф како и на нов ехо-апарат, со цел подобрување на нивото и квалитетот на здравствената заштита, изјави министерот Филипче.

На средбата на министерот Филипче со градоначалникот Мицевски, како што пренесоа дел од порталите и како што беше објавено на официјалната веб-страница на Општината, не станало конкретно збор за рестартирање на гинеколошкото одделение во Здравствениот дом.

На 04.04.2018 година, порталот Либертас, објави репортажа на МИА под наслов: „Детскиот плач сѐ поретко се слуша во родилиштето во Крива Паланка – некогаш се раѓале и по 300 бебиња годишно, а лани само 3“.

Во разговор со д-р специјалист гинеколог Ацо Младеновски, кој работи во приватно здравство, тој посочува дека годишно во овој Здравствен дом се вршат најмногу десетина породувања и тоа во случај кога раѓањето е in traktu т.е. веќе е во тек. Д-р Младеновски вели дека нема доволно специјалисти гинеколози во Општината, а тој и неговиот колега работат во приватни здравствени установи.

Нема крвни деривати, ниту медицински кадар, трансфузијата не работи, треба да има четири гинеколози кои ќе покриваат 24-часова работа. Нема нова опрема, а неопходен е и адекватен простор, хируршка сала и породилна сала. Ваков тим нема и не може да се екипира во моментот, па поради тоа, сметам дека времено решение би било да се воведе навремена „тријажа“. Тоа подразбира ред на итност: брзо, и навремено транспортирање на трудниците до најблиските соодветно опремени медицински центри каде може да се врши породувањето, додава доктор Младеновски.

„Вистиномер“ се обиде да стапи во контакт со директорот на Здравствениот дом, Радивој Маџовски, но не успеавме да го добиеме на неговиот мобилен телефон објавен на веб страницата  на Здравствениот дом. На Централа кратко не информираа дека гинеколошкото одделение не е рестартирано и дека тоа не работи.

Имајќи го предвид ова, како и фактот дека градоначалникот Мицевски во својата програма ветил дека гинеколошкото одделение ќе биде рестартирано до 2018 година, може да се заклучи дека неговото ветување е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција