Ѓоковиќ не ја донира целата награда од Австралија Опен 2026 за пациентите со рак
Филантропијата и хуманитарната работа на Ѓоковиќ се одамна познати, но информацијата дека ја донирал целата награда од Австралија Опен 2026 за поддршка на пациентите со рак според достапните податоци не е точна.
Филантропијата и хуманитарната работа на Ѓоковиќ се одамна познати, но информацијата дека ја донирал целата награда од Австралија Опен 2026 за поддршка на пациентите со рак според достапните податоци не е точна
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделуваат фотографии креирани со вештачка интелигенција, а на кои се наоѓа познатиот тенисер Новак Ѓоковиќ, наводно во болнички услови со пациенти кои се деца и пишува:
Новак Ѓоковиќ ја донира целата награда од Австралија Опен 2026 за поддршка на пациентите со рак – Моќен чин на сочувство надвор од теренот. На тој начин, Ѓоковиќ ја претвори победата во цел – претворајќи ги паричните награди во надеж и потсетувајќи го светот дека вистинските шампиони не се мерат само со трофеи.
Како што пишуваат проверувачите на факти на „Раскринкавање“, оваа трогателна приказна нема никаква поткрепа. Познатиот тенисер е долгогодишен филантроп, но во време на пораст на содржините креирани со помош на вештачка интелигенција лесно е да се креира наратив, дури и „убав и трогателен“, но сепак тој да биде невистинит. Таква е и приказната од објавата што ја рецензираме.
Уште една трогателна приказна за големиот спортист почна да се шири на интернет, но без назнака дека се работи за измислена содржина, пишуваат проверувачите на факти на „Раскринкавање“.
Филантропијата и хуманитарната работа на Ѓоковиќ се одамна познати и ништо не може да им се додаде ниту да им се одземе, но оваа информација според достапните податоци не е точна. Фотографиите се создадени со помош на алатки за вештачка интелигенција што е евидентно и на прв поглед. Очите на Ѓоковиќ, како и очите на докторката практично не се гледаат, рацете на сите личности на фотографиите се многу чудни што претставува маана која вештачката интелигенција и натаму не може да ја совлада.
„Вистиномер“ ги постави фотографиите во алатки за препознавање на содржини кои се создадени со помош на вештачка интелигенција. Сервисот Хајв модерејшн (Hive moderation) покажува дека фотографиите се создадени со вештачка интелигенција со веројатност од 99.9 проценти.

Алатката „Сајтенџин“ (Sightengine), во која исто така „Вистиномер“ ги постави фотографиите за проверка, ни дадоа сличен резултат. Веројатноста според „Сајтенџин“ овие слики да се производ на вештачка интелигенција е 99 проценти.

Пребарувањето на клучни зборови во кои се споменува Ѓоковиќ и донирање на целата заработка од овогодишниот Австралија опен, не дава никакви резултати. Она за кое медиумите веќе известуваа во минатото е трогателната средба која тенисерот ја имаше со девојче кое преживеало рак и за тоа пишуваа дека:
Состанокот не заврши само со зборови. Ѓоковиќ ѝ потпиша сувенири на младата навивачка, а подоцна ја изнесе на теренот да се поздрави, претворајќи го она коешто би можело да биде кратка средба, во трајно сеќавање. За многу набљудувачи тоа ја зацврсти репутацијата на тенисерот која го следи во текот на целата кариера.
Видео од средбата може да погледнете овде.
Проверката на „Вистиномер“ не пронајде ниту едно релевантно медиумско известување од ниту еден кредибилен реномиран регионален или светски медиум, а во кое се пренесува дека „Ѓоковиќ ја донирал целата награда од Австралија опен 2026 за поддршка на пациентите со рак“. Доколку тоа се случеше, ќе беше потврдено официјално, соопштено од самиот тенисер и ќе предизвикаше масовен медиумски интерес.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар