Ѓорѓиевски со различен рок за паркот во „Вардариште“ во програмата и во дебатата со Шукова 

Расфрланиот отпад на локацијата Вардариште снимен на 9 јануари 2023 година; Фото Мета.мк

Ѓеорѓиевски нуди решение за дивата депонија „Вардариште“ со изградба на мега-парк, но во програмата рокот го постави на 26 месеци, а во телевизиската дебата со Шукова го продолжи тој рок употребувајќи го терминот „до крајот на мојот мандат“

Двајцата претенденти за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, Орце Ѓорѓиевски и Каја Шукова иако имаат повеќе заеднички точки околу проблемот со управување со отпад во Скопје, имаат и една генерална и голема разлика, а таа е решавање на дивата депонија „Вардариште“. Ѓеорѓиевски нуди решение со изградба на мега-парк, но во програмата рокот го постави на 26 месеци, а во телевизиската дебата го продолжи тој рок употребувајќи го терминот „до крајот на мојот мандат“

 

Во тв дебатата на „Канал 5“ помеѓу кандидатите за градоначалници Орце Ѓорѓиевски и Каја Шукова, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на двапати за решавање на проблемот со дивата депонија „Вардариште“ го спомена и рокот:

До крајот на мојот мандат таму ќе има ултра современ парк којшто ќе функционира во рамките на цел простор таму, над 200.000 квадратни метри и дополнително „Лајка“, која се наоѓа во непосредна близина ќе биде со проширен капацитет…(од 23.15 мин.)…Јас одговорно тврдам дека за 4 години дека таму („Вардариште“), ќе има современ парк по сите стандарди...(од 28.24 мин.)

[Извор: Канал 5/Само вистина – Ѓорѓиевски-Шукова – (од 23.15 и од 28.24) датум:14.10.2025]

 

Образложение:

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски, легитимно, решението за „Вардариште“ го гледа во средување на површината со изградба на мега парк како трајно решение за оваа дива депонија што е огромен проблем на Скопје, но на јавноста ѝ нуди два различни рока за изводливоста на проектот, што е недоследно.

Во првото поголемо телевизиско соочување помеѓу него и кандидатката на опозициската партија СДСМ Каја Шукова, Ѓорѓиевски на двапати како што е посочено погоре, решението на јавноста ѝ го нуди во термин „до крајот на мојот мандат“, што би значи најдоцна за 4 години. Иако терминот не е исклучив, т.е. не значи дека мега паркот не би бил изграден и порано, сепак ова е очигледна разлика од децидниот рок од 26 месеци кој е наведен во неговата програма „Визија за Скопје 25/45“. На стр.32 во делот „Скопски паркови/Мега парк Вардариште“, пишува:

Вардариште ќе го трансформираме од симбол на урбано запоставување во европски пример за зелена рекултивација, целосно усогласена со согласно ЕУ директивите за ремедијација, пошумување и биолошка рекултивација. Согласно Физибилити студија, ќе изградиме парк, мини голф, пеинтбол терени и расадник на рози, со зелени зони и спортско-рекреативни површини, достапни за сите граѓани. Проектот ќе се реализира во рок од 26 месеци, со транспарентна динамика, геомеханички анализи и биолошка рекултивација, претворајќи ја старата депонија во безбедна, функционална и зелена јавна површина. Ова е нашата визија за Скопје град што живее во склад со природата и европските вредности.

Наспроти запишаното, Ѓорѓиевски сега си дава подолг рок, односно „до крајот на мојот мандат“, што е недоследност.

Главната разлика помеѓу двајцата претенденти Ѓорѓиевски и Шукова не е само во времето. Шукова низ дебатата тврдеше дека целиот депониски простор опфаќа огромна површина на која има над 2 милиона метри кубни смет и дека за изградба на мега-парк прво треба да се исчисти целиот тој смет, што бара многу повеќе време, веројатно и затоа го нема во нејзината програма. Ѓорѓиевски пак остана дециден на тврдењето дека мега паркот„којшто ќе функционира во рамките на цел простор таму, над 200.000 квадратни метри“, ќе го изгради до крајот на мандатот.

Инаку, еве што е главното во понудата на Шукова за „Вардариште“ во нејзината програма „Скопје за сите“:

…Итни мерки во прва година – 24-часовен надзор и оградување на Вардариште, расчистување на просторот. На среден и долг рок – нова претоварна станица и нов систем за управување со отпад за градот…

Рок на реализација: 2028

Буџет

Согласно со проектна документација што треба да се изработи

Поради аргументите што погоре се посочени разликата на роковите во програмата на Ѓорѓиевски и искажаното во тв дебатата (26 месеци и до крајот на мандатот), може да се оцени како недоследност.

 

Извори:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција