Главен дезинфо наратив за февруари: Западот започна војна во Украина, Русија употреби сила за да ја запре

Владимир Путин. Фото: скриншот/youtube

Главниот дезинформациски наратив во февруари во македонскиот медиумски простор беше изречен од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на само три дена пред одбележувањето на годишнината од руската инвазија врз Украина. Тој го преврте „огледалото“ и де факто рече дека Русија морала да влезе со воена сила во Украина за да се одбрани од Западот. Сакам да повторам – тие ја започнаа војната, а ние употребивме сила за да ја запреме“, дезинформираше рускиот претседател

Главниот дезинформациски наратив во февруари во македонскиот медиумски простор беше изречен од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на само три дена пред одбележувањето на годишнината од руската инвазија врз Украина. Тој го преврте „огледалото“ и де факто рече дека Русија морала да влезе со воена сила во Украина за да се одбрани од Западот. „Сакам да повторам – тие ја започнаа војната, а ние употребивме сила за да ја запреме“, дезинформираше рускиот претседател

 

На само три дена пред годишнината од руската агресија врз Украина,  24 февруари 2022 г. кога започна обидот за целосната инвазија врз Украина од страна на Руската Федерација, рускиот претседател Владимир Путин во говор во рускиот парламент целосната вина за војната ја префрли на западните земји кои ја искористиле Украина. Од она што го пренесоа медиумите ги извлекуваме главните поенти на овој дезинфо наратив, што треба да ѝ послужи на руската надворешна политика во остварување на геостратешките цели:

Русија направи сè што можеше за да избегне војна, но Украина, поддржана од Западот, планираше да го нападне Крим, рече Путин.

Крим е украински полуостров, што Русија го анектираше во 2014 година.

Народот во Украина самиот стана заложник на режимот во Киев и неговите западни господари, кои ја окупираа оваа земја во политичка, воена и економска смисла, рече Путин, објави РСЕ на македонски јазик.

Фото: скриншот од обраќањето на Путин пред парламентот

Путин за да биде поуверлив тврди дека непосредно пред агресијата која Москва ја нарекува специјална воена операција, барал гаранции од Западот, но, бил одбиен:

На крајот на 2021 година официјално побаравме безбедност од САД и Европа, но бевме одбиени. Заканата растеше и до февруари 2022 година сè беше подготвено за воени акции во Донбас. Сето ова беше спротивно на документите прифатени од Советот за безбедност на ОН. Сакам да повторам – тие ја започнаа војната, а ние употребивме сила за да ја запреме – рече Путин обраќајќи се пред пратениците на руската Дума, пренесува 360 Степени.

Дел од главните наративи на говорот на Путин можат да се најдат во текот на февруари во дезинформациите што ги пласираше Дмитриј Медведев (наративот дека Украина е нацистичка земја, а дека европските демократии се „русофоби“) или за „русофобијата“ и „западниот нацизам“ толкуван преку настапот на Урсула фон дер Лајен, а кажани од шефот на дипломатијата Сергеј Лавров уште на почетокот на февруари. Повеќе на оваа тема од говорот на Путин во делот за Украина може да се прочита во анализата на што беше објавена на „Вистиномер“.

 

До границата со Полска – нова дезинфо порака од Москва

Дмитриј Медведев. Фото: Duma.gov.ru

Дмитриј Медведев, еден од највисокиот круг политичари околу Путин и еден од главните пропагандисти на Москва, и овојпат ја засили пропагандната матрица дека Русија само мора да се брани, заканувајќи се дека таа одбрана подразбира потиснување на сè што е непријателско до границите со Полска.

На 24.02.2023 г., годишнината од инвазијата на Украина,  Медведев преку Телеграм изјави:

 

 

Важно е да ги постигнеме сите цели на специјалната воена операција. Треба да ги поместиме границите на заканата за нашата земја колку што е можно подалеку, дури и ако тоа се границите на Полска“.

Изјавата што ја пренесоа повеќе медиуми во македонскиот медиумски простор, е всушност екстензија на она што го рече Путин во руската Дума:

Колку е поголем дострелот на оружјето што го добиваат, толку повеќе ќе мораме да ги туркаме од нашите граници.

За да биде уште поуверлив Медведев на 27 февруари, како екстензија на повлекувањето од новиот договор за контрола на нулеарнотo оружје СТАРТ што го соопшти Путин, најави нова нуклеарна апокалипса доколку Западот продолжи да ја снабдува со оружје Украина:

Нашите непријатели го прават токму тоа, не сакајќи да разберат дека нивните цели сигурно ќе доведат до целосно фијаско. Загуба за сите. Колапс. Апокалипса, кажа Медведев за „Известија“, а пренесоа западните агенции и македонските медиуми.

Всушност, пораката дека руската војска ќе статса до границата со Полска, на почетокот на февруари ја упати и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров. Тој на 6.02.2023 г. преку Телеграм, како што пренесуваат дел од медиумите, изјави:

Како дел од поддршката на Украина, Варшава ги исцрпи сопствените воени ресурси и сега е збунета: што ако, по успешното завршување на специјалната операција, Русија почне да ја денацифицира и демилитаризира следната земја? По Украина, Полска е на тапет! Нема да кријам дека имам таква намера и повеќепати нагласив дека борбата против сатанизмот треба да продолжи низ цела Европа и пред се на територијата на Полска. Мислам дека Полјаците го разбраа тоа – изјави Кадиров.

Веќе на 8 февруари ист или сличен тип закана, каде се испреплетуваат наративите за Украина и Украинците како прокси играчи за војната на Западот против Русија, а во која ќе страда цела Украина, бидејќи „може да ја загуби својата државност“, упати и претседателката на Советот на Федерацијата на Русија, Валентина Матвиенко:

Украина се доближува до границата во која ризикува целосно да ја загуби својата државност – изјави Матвиенко.

Оваа февруарска тирада на закани до Западот генерално, до Украина и до Полска посебно, а која започна со одлуките на Вашингтон, Берлин, Лондон и Париз да упатат модерни тешки борбени тенкови, свое крешчендо доби во средината на месецот, преку рускиот пропагандистички новинар Владимир Соловјов, кој се закани со можноста од ракетирање на Лондон.

Може да се заокружи дека почнувајќи од почетокот на февруари (02.02.) кога Путин одржа говор во Волгоград (некогашен Сталинград), па до говорот во федералниот парламент, руската дезинфо пропаганда ползуваше три типа наративи – борба против Западот кој е главен непријател на Русија, борба против нацизмот кој се обновува, а историјата се повторувала, и борба против „нацистичка Украина“ кој е жртва и прокси играч на Западот за војната против Русија.

 

ЕУ ги детектираше најчестите руски дезинфо наративи – започнале уште на крајот од 2022 г.

А дека дел од овие пропагандни наративи се стандардни во руската дезинфо матрица потврди и Европската Унија, која на почетокот на февруари го објави првиот квартален Извештај на пропагандни инциденти што се поврзани со Украина, а кои се случуваат на територијата на цела Европа.

Фото: скриншот од насловната страница на извештајот на ЕУ

Притоа во Извештајот се детектираат и петте најчести руски наративи околу кои се градени дезинформациите во периодот октомври – декември 2022 година:

  • „Западот е агресор кон Русија“,
  • „Украина е агресорот насочен кон Русија“, 
  • „Санкциите против Русија даваат контраефект“,
  • „Западот е лицемерен“ ,
  • „Украина е наци и терористичка држава“

Како што може да се види сите беа масовно употребувани и во февруари 2023 година. Извештајот беше претставен на голема меѓународна конференција од страна на Високиот претставник и потпретседател на ЕК , Жосе Борел. Повеќе за самиот Извештај како и за говорот на Борел може да видите во информацијата на „Вистиномер“.

Во споменатиот извештај на ЕУ за првпат се набројани и инцидентите со дезинформации кои доаѓаат од Кина, како и фактот дека во мал број случаи руските и кинеските дезинфо наративи се преклопиле. Но, во меѓувреме излезе и најновиот документ за политики на Фондацијата за слобода Фридрих Науман, во соработка со Софискиот безбедносен форум наречен „Тајниот Шарм“ – кинеското скриено влијание во ЈИЕ, во кој се наоѓаат и наодите за Р.С. Македонија. Повеќе за ова исто така можете да прочитате во анализата што ја објави „Вистиномер“.

 

Дезинформациите околу односите со Бугарија полека стивнаа

Дезинформациските наративи кои се градат околу македонско-бугарските односи полека стивнаа после нивниот максимум достигнат пред и после 4 февруари, кога беше одбележувањето на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делечев.

Фото: Мета.мк

Она што е значајно за регистрирање во оваа инфо-анализа е тоа што од релевантни адреси дојдоа уште две потврди дека овие дезинформациски наративи кои помагаат за влошување на односите, им одат во полза на трети страни, пред сè на Русија, кои не сакаат да го видат Балканот во ЕУ.

Дека влошувањето на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија одат во корист на трети страни, во конкретниот случај на Русија и нејзината надворешна политика, на средината на месецот потврди уште еден извор од Бугарија. На 16-ти февруари Весела Чернева која беше советничка за надворешна политика на поранешниот бугарски премиер Кирил Петковво интервју за вестите на БТВ  изјави дека ваквите тензии во билатералните односи се во интерес на руските цели.

Секој потрес на заемните односи не само што го правата невозможно внесувањето на Бугарите во уставот, туку се и во интерес на руските цели на Балканот – изјави Чернева, поврзувајќи го овој процес со европската интеграција на РСМ.

Станува збор за втора изјава во иста насока од Чернева. Таа е само една во низата лица од интелектуалната, политичката или дипломатската сцена во Бугарија, која истапува со вакви тврдења. Во текот на јануари кога односите меѓу Скопје и Софија беа најзатегнати поради инцидентот со охриѓанецот Христијан Пендиков, руските интереси во влошувањето на односите меѓу Бугарија и С. Македонија ги потврдија и поранешниот бугарски министер за одбрана Бојко Ноев, поранешната бугарска амбасадорка во САД Елена Поптодорова и поранешниот премер и лидер на ГЕРБ Бојко Борисов. Повеќе за нивните изјави можете да прочитате во информацијата на „Вистиномер“ од јануари на линкот ТУКА.

Само неколку дена подоцна, потврда дојде и од премиерот Димитар Ковачевски, кoј во интервју за МИА објавено на 19.02.2023 година, за македонско-бугарските односи, меѓу другото, изјави:

Во моментов и во Бугарија и кај нас има поединци и групи па и политички партии кои не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ. Тие поединци, политички партии и групи за жал се финансирани и поттикнати од трети страни, односно од држави кои исто така не сакаат да го видат регионот интегриран во ЕУ. Тоа веќе на сите им е јасноизјави Ковачевски.

 



 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција