Главниот рабин на Израел не е убиен во ирански напад
Фејсбук објава тврди дека е убиен главниот рабин на Израел, Калман Меир Бер, но тоа го нема кај реномираните светски агенции, па дури ни кај најмоќната и најстарата во Иран – ИРНА, туку само кај медиумски „второлигаши“ од таа земја како Прес ТВ, кои таа „вест“ ја срочиле крајно непрофесионално
Фејсбук објава тврди дека е убиен главниот рабин на Израел, Калман Меир Бер, но тоа го нема кај реномираните светски агенции, па дури ни кај најмоќната и најстарата во Иран – ИРНА, туку само кај медиумски „второлигаши“ од таа земја како Прес ТВ, кои таа „вест“ ја срочиле крајно непрофесионално. Исто така, објавата му припишува на Бер скандалозна изјава за Газа, но неа ја дал рабинот Елијаху Мали, а го опишува Бер и како „личен рабин на Нетанјаху“, што го нема никаде како податок и што е можеби збрка со градот Нетанја, кај што тој порано бил главен рабин
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Главниот рабин на Израел, Меир Бер, беше убиен во ирански напад.
Како претседател на Советот на главните рабинати и личен рабин на Бенјамин Нетанјаху, Бер имаше значително влијание.
Тој беше озлогласен по својата изјава дека нема невини во Газа.
Ни еден релевантен и кредибилен светски медиум не јавил дека во ирански напад е убиен главниот рабин на Израел, Калман Меир Бер. Ако навистина бил убиен таков верски поглавар или великодостојник, тоа би била ударна вест за која би ечеле сите сериозни медиуми, особено затоа што омразата на иранскиот режим кон Израел е во голема мера верска (види: тука, тука и тука).
Таа вест за Бер ја најдовме главно од слаби и неверодостојни извори каков што е следниов твитерџија, кој се претставува како „Иран ТВ“, а кој веста ја илустрирал со „снимка од нападот“, но таа е всушност од некаква експлозија во САД од 2023 г. – како што утврдила платформата Икс (бившиот Твитер) врз основа на поранешни твитови со истата таа снимка.
Појак извор, кај што ја најдовме таа вест за Бер, е иранскиот телевизиски канал (овојпат вистински) Прес ТВ, но и тој е озлогласен по пропагандата, а веста ја срочил крајно непрофесионално (линк до неа и архивска копија од неа). Прес ТВ тоа го сториле со намерни печатни грешки, со цел да го избегнат алгоритмот за модерација на Фејсбук и проверувачите на факти, башка што погрешно го именувале рабинот како „Давид Меир Бар“ и му припишале изјава, која тој никогаш не ја дал. Ова последново го сторила и македонската објава, со која ја започнавме оваа рецензија.
Спротивно на она што таа го тврди, Бер не изјавил дека „нема невини во Газа“, туку такво нешто изјавил милитантниот рабин Елијаху Мали (види: тука, тука, тука и тука). Тој не е главен рабин на Израел, туку само води една јешива (верско училиште), а во Газа според него скоро и да нема невини цивили, туку скоро сите таму ги поддржуваат терористите од Хамас, со што го наметнува заклучокот дека треба колективно да се казнат. Но, Мали потоа се правдал дека неговите зборови биле погрешно сфатени и извадени од контекст, а колку тоа оправдание држи не е тема со која ќе се бавиме, туку темата ни е Бер.
Кажано со спортски речник, веста за неговото наводно загинување ја шират само „второлигаши“ како Прес ТВ, а не и најмоќната и најстара новинска агенција во Иран – ИРНА, која сигурно би јавила за тоа ако тоа се случило. Не дека таа не е склона кон пропаганда, но е сепак нешто попрофесионална.
Таа вест за Бер не ја најдовме ни на телеграм-каналот за новости на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, кој е една од компонентите на иранските вооружени сили и кој постојано се фали со наводни успеси во актуелната војна против Израел.
Објавата што ја рецензираме тврди и дека Бер бил „личен рабин“ на Бенјамин Нетанјаху, но ние не успеавме да најдеме таков податок. Пред да биде избран за главен рабин на државно ниво, Бер тоа бил на локално ниво во градот Нетанја, па авторот на објавата можеби направил збрка меѓу називот на тој град и презимето на израелскиот премиер Нетанјаху.
Површно гледано, објавата правилно го опишува Бер како главен рабин на Израел, но има една специфика, која тој опис го прави непрецизен. Израел има двајца главни рабини, секој од нив задолжен за по еден од двата најкрупни еврејски субетноси: Ашкеназите и Сефардите, па за првонаведените е задолжен Бер, а за второнаведените Давид Јосеф. Тој дуален систем важи и на државно и на локално ниво. Затоа, најпрецизно е да се рече дека Бер е главен ашкенаски рабин на Израел, а порано бил главен ашкенаски рабин за Нетанја.
На крај би додале и дека објавата што ја рецензираме е објавена на фејсбук-страница, која веќе сме ја забележале во ширење на лажна вест дека Иранците го ликвидирале командантот на израелските воздушни сили Томер Бар.
Земајќи го предвид сето досега наведено, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар