Глобал Факт 2026 – Самит на проверувачите на факти во сенка на нападите врз интегритетот на информациите ширум светот

„Глобал Факт 2026“, 17 јуни Вилнус - Литванија Фото: Вистиномер

Тридневниот настан го посетија повеќе од 300 проверувачи на факти, новинари и други претставници на медиумите, истражувачи на дезинформации, експерти од областа на медиумите, новинарството, одбраната, невладиниот сектор и академските институции од над 80 земји во светот

Глобал Факт 2026 е организиран од Меѓународната мрежа за проверка на факти (ИФЦН), која работи во рамките на Поинтер Институтот за медиуми и новинарство од Вашингтон во соработка со порталот Делфи од Вилнус и со поддршка на ИТ компанијата NordVPN од Литванија. Тридневниот настан го посетија повеќе од 300 проверувачи на факти, новинари и други претставници на медиумите, истражувачи на дезинформации, експерти од областа на медиумите, новинарството, одбраната, невладиниот сектор и академските институции од над 80 земји во светот

 

Утрово (17 јуни) започна 13-тото издание на годишната конференција на проверувачите на факти од цел свет, „Глобал Факт 2026“, која се одржува во Вилнус, Литванија.

Тридневниот настан го посетија повеќе од 300 проверувачи на факти, новинари и други претставници на медиумите, истражувачи на дезинформации, експерти од областа на медиумите, новинарството, одбраната, невладиниот сектор и академските институции од над 80 земји во светот.

Глобал Факт 2026 е организиран од Меѓународната мрежа за проверка на факти (ИФЦН), која работи во рамките на Поинтер Институтот за медиуми и новинарство од Вашингтон во соработка со порталот Делфи од Вилнус и со поддршка на ИТ компанијата NordVPN од Литванија.

Енџи Дробник-Холан, претседателката на ИФЦН ја отвори конференцијата, потсетувајќи на незавидната положба на проверката на факти и интегритетот на информациите воопшто ширум светот, фокусирајќи се на важноста општествата да бидат отпорни и подготвени за справување со дезинформациите и хибридните закани, истакнувајќи ја и геополитичката тежина на самото одржување на самитот во регионот на Балтикот.

Додека проверувачите на факти низ цел свет се соочуваат со засилена политичка поларизација, правни притисоци и таргетирано вознемирување, Холан ги искористи своите воведни забелешки да ја засили солидарноста меѓу 170+ организации во мрежата:

Во период кога проверувачите на факти се соочуваат со нефер напади, овој собир на оние кои се свесни за влогот од прва рака, не потсетува зошто нашата работа е важна. Ние сме овде да се поддржиме едни со други додека продолжуваме да работиме на точни информации и информации врз кои јавноста може да се потпре за луѓето насекаде да бидат подготвени за носење вистински одлуки во нивниот секојдневен живот, рече Дробник-Холан.

На отворањето на настанот се обратија и литванскиот министер за одбрана, Робертас Каунас, како и заменик-министерот за надворешни работи, Видмантас Вербикас, кои говореа за искуствата на Литванија за спротивставување на дезинформациите и хибридните закани од прва рака со оглед на фактот што земјата има граница долга 300 километри со Русија, а границата со Белорусија, пак, се наоѓа на само 30 километри од Вилнус.

Првиот панел на самитот се однесуваше на литванскиот модел на поврзување на новинарите, волонтерите од цивилната одбрана и државните институции во спротивставувањето на странското мешање преку манипулации и информации со наслов: „Отпорност на целото општество: Реобмислување на борбата против дезинформациите“, повикувајќи на сеопфатна мобилизација на целото општество, со цел да се обезбеди брана и одговор на ваквите напади.

Овој пионерски литвански модел подразбира надминување на начинот на работа само преку реагирање на веќе објавените или споделените дезинформации и дискутираше за проактивно „пре-банкирање“ и психолошка фортификација на граѓаните, односно нивна подготовка преку сеопфатно информирање за дезинформациите и дезинформациските наративи кои ги очекуваат со цел да се заштити демократскиот дискурс против се пософистицираното странско мешање.

Лева Гаџаускаите, шефот на одделот за сеопфатна одбрана и управување со кризи во литванското министерство за одбрана, рече дека дезинформациите и странското мешање претставува транснационална закана, додавајќи дека „нема потреба да се окупира некоја земја, доволно е да се владее со умот на нејзините граѓани“ и додавајќи дека пристапот на вклучување на целото општество значи дека граѓаните и организациите да сфатат оти „ние не сме само консументи/корисници на сигурноста и одбраната, туку истовремено и субјекти кои треба да генерираат безбедност и одбрана“.

Мариус Вашчега, шефот на делегацијата на ЕУ во Литванија се осврна на европскиот Закон за дигитална безбедност (DSA), кој ги регулира онлајн платформите на територијата на Унијата, истакнувајќи дека тој претставува најсеопфатна алатка на ЕУ, чија цел е да наметне правила врз овие платформи, при што додаде и дека „сето она што не треба да се прави офлајн, во физичкиот свет, не би требало да се прави ни онлајн“. Ова е првиот принцип, според Вашчега, додека втората идеја е дека секоја платформа треба да ги неутрализира системските ризици креирани преку нивниот дизајн, инаку можат да си имаат проблем со Европската унија и националните власти на членките на ЕУ.

Самитот ќе продолжи и во следните двадена со широка и сеопфатна програма од над 50 панели, работилници и дискусии.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција