Глобал Војсис: Руските цензори ја блокираа веб-страницата за правна помош ОВД-Инфо
ОВД-Инфо, руска организација за правна помош и човекови права, на 25 декември објави дека нејзината веб-страница е блокирана од Роскомнадзор, рускиот регулатор на интернет и медиумите.
Иако државниот регистар обелодени дека веб-страницата е блокирана поради пресудата од 20 декември на московскиот окружен суд, не беа дадени информации за причините за блокирањето. Еден ден подоцна, Роскомнадзор контактирал и со неколку платформи на социјалните медиуми со барање да ги блокира сметките на ОВД-Инфо. Најкористениот руски пребарувач Yandex, исто така, ја отстрани веб-страницата на ОВД-Инфо од пребарувачките резултати по блокирањето, како што објави независната веб-страница за вести Mediazona.
Претставниците на Роскомнадзор за државната агенција Интерфакс изјавиле дека блокирањето на веб-страниците на OVD-Info е неопходно, бидејќи тие наводно содржеле „забранети“ информации класифицирани како „екстремистичка и терористичка пропаганда“, иако регулаторот не прецизираше која содржина ги прекршува руските закони.
Ко-основачот на ОВД-Инфо, Григориј Охотин во изјава нагласи дека судската пресуда не значи дека самата организација е препознаена како „екстремистичка“, бидејќи таа не била обвинета во судскиот случај (и дури не биле ни поканети на сослушување во судот).
ОВД-Инфо е независен медиумски проект, чија цел е да ги брани правните и човековите права и да се фокусира на политичките прогони во Русија. Неговата мисија е „да им помогне на оние кои се прогонувани поради остварување на нивното право на слобода на собирање и други основни политички права“. Персоналот на организацијата им помага на приведените за време на протестните акции и собира детални информации за административни и кривични случаи кои произлегуваат од политички и протестни активности.
Руското Министерство за правда во септември 2021 година го означи ОВД-Инфо како „странски агент“, оправдувајќи ја својата одлука со напомена дека ОВД-Инфо делумно е финансиран преку Меморијалниот центар за човекови права (кој исто така доби ознака за странски агент и се соочува со затворање во Русија). Обвинителите кои тогаш се жалеа до Министерството за правда, исто така, тврдеа дека ОВД-Инфо објавила „инструкции за избегнување санкции за правни прекршувања поврзани со екстремизам“.
Охотин од ОВД-Инфо рече дека активностите на државата не се изненадувачки:
Ова го гледаме како продолжение на државниот напад врз граѓанското општество. Не е изненадување што нападот сега е фокусиран на ОВД-Инфо, бидејќи денес нашиот проект е веројатно најголемиот проект за одбрана на човековите права во Русија. Не можеме да кажеме дека овој напад беше неочекуван, бидејќи разбравме дека по нападот на Меморијалниот центар за човекови права и слични обвинувања, ние ќе бидеме следни. […]
Освен тоа, ОВД-Инфо е главниот двигател на кампањата за укинување на законската регулатива за „странски агенти“: откако ја објавивме соодветната петиција, бевме додадени на листата на „странски агенти“; откако го поднесовме предлог-законот [за укинување на законот] до Државната дума (н.з. парламентот), нашата веб-страница беше блокирана. Ова е начинот на кој властите се консултираат со стручната заедница.
На брифингот со новинарите, на прашањето на новинарот на радио станицата „Ехото на Москва“ за случаите против „Меморијал“ и „ОВД-Инфо“, прес-секретарот на претседателот Путин, Дмитриј Песков, рече дека ова не го гледа „како тенденција“:
Ова се еднократни случаи, некои се позвучни од јавна точка на гледање, некои се помалку истакнати, но не мислиме дека ова е некаков масовна општа насока. Не гледаме никаква тендеција овде.
Охотин и ОВД-Инфо ветија дека ќе ја продолжат својата работа во Русија и ќе ги користат сите расположливи правни средства за да докажат дека „сите наши информации се веродостојни и не прекршуваат никакви закони“.
Дури и ако сите наши страници на социјалните мрежи се блокирани, ние сепак ќе продолжиме да даваме правна помош на лица прогонувани од политички причини и ќе најдеме начин да ги споделиме потребните и важни информации со вас.
Овој текст на Tanya Lokot е оригинално објавен на Глобал Војсис на англиски јазик на 27 декември според условите на лиценцата Криејтив комонс наведи-извор (CC BY 3.0). Мета.мк во целост го реобјавува на македонски јазик.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар