Глобалниот договор за пандемии не значи дека со нас ќе управуваат сатанисти и монструми
И покрај постигнатиот договор за идни пандемии, тоа не значи дека со нас ќе управуваат монструми и сатанисти, како што се тврди во објавата, туку секоја држава сепак самостојно одлучува за постапките и мерките што ќе ги преземе. Во случај на нова пандемија, Светската здравствена организација (СЗО) подготви меѓународен договор кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји, како и да се подобри размената на податоци меѓу нациите. Договорот е фокусиран на поправедна дистрибуција на вакцини и лекови меѓу посиромашните и побогатите земји
И покрај постигнатиот договор за идни пандемии, тоа не значи дека со нас ќе управуваат монструми и сатанисти, како што се тврди во објавата, туку секоја држава сепак самостојно одлучува за постапките и мерките што ќе ги преземе. Во случај на нова пандемија, Светската здравствена организација (СЗО) подготви меѓународен договор кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји, како и да се подобри размената на податоци меѓу нациите. Договорот е фокусиран на поправедна дистрибуција на вакцини и лекови меѓу посиромашните и побогатите земји
Анализираме објава на Фејсбук во која се вели:
“Мултиполарниот Свет” е прикаска за големи деЧиња…
БРИКС ГЛАСАШЕ ЗА пандемскиот договор со СЗО на Бил Гејтс.
Ова е уште еден доказ дека БРИКС – “Новиот Мултиполарен Свет” е другата страна од АГЕНДАТА на глобал-сатанистите.
Со идните ПЛАНдемии, ке раководат монструми од СЗО, платеници од Бил Гејтс, дилерот на вакцини.
НАШЕТО ПРАВО на избор е избришано и ке одлучуваат бирократи за кои НИКОЈ НЕ ГЛАСАЛ.
Индија прерадосна а КИНА презадоволна од договорот.
(Само Русија беше против договорот)
Тие кои сеуште мислат дека БРИКС е спасението, ТИЕ не мислат доволно.
Во објавата се изнесени низа невистини. Светската здравствена организација (СЗО) не ја финансираат и не ја раководат глобал-сатанисти и монструми како што тоа се тврди во објавата. Уште помалку Бил Гејтс е некаков глобал-сатанист којшто ја води организацијата. Терминологијата „глобал-сатанисти“, односно „сатанисти од длабоката држава“ кореспондира со терминологијата што се шири кога се споделува теоријата на заговор Кју Анон, според која една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и сл. Светската здравствена организација транспарентно објавува на својата веб-страница како се финансира. Накратко, земјите членки плаќаат придонеси и од доброволни донации од партнери. Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс учествува во финансирањето на СЗО преку доброволни донации.
Кога ќе се погледнат целите и агендата односно принципите и мисијата поради која постои СЗО, апсолутно е јасно дека Бил Гејтс фондацијата придонесува за филантропски и здравствено корисни цели ширум светот, а не за злосторства, како што тоа сака да го прикаже објавата што ја анализираме. СЗО ја формира агендата за истражувања во здравството, ги поставува нормите и стандардите преку политики базирани на докази, обезбедува техничка поддршка за земјите и ги мониторира здравствените трендови.
СЗО обезбедува лидерство за прашања критични за здравството и овозможува партнерства онаму каде се неопходни заеднички напори, како, на пример, во пандемии. СЗО ја формира истражувачката агенда, поставува стандарди и ја промовира нивната имплементација, обезбедува техничка поддршка, катализира промени и гради институционални капацитети, но, исто така, ги мониторира здравствените состојби.
Објавата што ја анализираме, изнесува невистини и во врска со глобалниот договор за подготвеност за пандемија.
Во случај на нова пандемија, Светската здравствена организација (СЗО) подготви меѓународен договор кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји и да се подобри размената на податоци меѓу нациите. Во јуни 2023 година, меѓувладиното преговарачко тело на СЗО (ИНБ), се состана за да разговара за предлозите за договор за подготвеност за пандемијата.
Земјите членки на СЗО, вкупно 194, на 20 мај 2025 година, официјално го усвоија првиот глобален договор за пандемии, што претставува историски чекор во јакнењето на меѓународната соработка во областа на јавното здравје, јави Анадолија.
Одлуката за усвојување беше донесена со консензус на 78. Светско здравствено собрание, по повеќе од три години интензивни преговори, поттикнати од неправдите и слабостите откриени за време на пандемијата на ковид-19.
Договорот ги опишува принципите и алатките за обезбедување еднаков пристап до вакцини, третмани и дијагностика за време на здравствени вонредни состојби. Негова цел е да ја зајакне меѓународната координација и да изгради поотпорен глобален здравствен систем.
Договорот, исто така, го потврдува почитувањето на националниот суверенитет, појаснувајќи дека СЗО нема овластување да наметнува внатрешни мерки, како што се карантини или задолжителни вакцини.
Педро Виљареал, експерт за меѓународно право, кој е специјализиран за глобално здравје и улогата на СЗО во Институтот за компаративно јавно право и меѓународно право „Макс Планк“, за ДВ изјавил дека:
Во актуелниот нацрт на договорот или договорот за подготвеност за пандемија, постои принцип кој нагласува дека државите го задржуваат суверенитетот во превенцијата, подготвеноста и одговорот на пандемијата.
Виљареал додал дека пакетот алатки на СЗО за интервенирање во националните работи е силно ограничен. Наместо тоа, СЗО е меѓународна организација задолжена за координирање на одговорите на појавата на заразни болести.
На пример, ги координира истражувањата за методите на лекување и вакцинирањето и разменува информации со земјите-членки. Може да дава препораки и да ги критикува државите кои не се придржуваат до мерките, но не може да наметнува дополнителни мерки како санкции, пренесе Дојче веле.
Професор Сара Дејвис, експерт за глобално управување со здравјето на Универзитетот Грифит, Австралија, за Ројтерс изјавила дека СЗО ќе „нема капацитет“ да ги принуди земјите-членки да се усогласат со мерките за јавно здравје.
Тие ќе усвојат законодавство за спроведување на договорот на државно ниво, што, за повеќето земји, ќе бара парламентарна постапка.
Портпаролот на СЗО за Ројтерс изјавил дека има 194 земји-членки на СЗО кои носат „суверени одлуки“ и „улога на СЗО е да ги поддржи овие земји во преземањето активности за заштита и унапредување на здравјето на нивните граѓани“.
Како и со сите меѓународни инструменти, секој договор, ако и кога ќе биде договорен, ќе го одредат самите влади, кои ќе преземат какви било активности додека ги разгледуваат нивните национални закони и прописи, рекол портпаролот на СЗО.
Значи и покрај постигнатиот договор за идни пандемии, тоа не значи дека со нас ќе управуваат монструми и сатанисти, како што се тврди во објавата, туку секоја држава сепак самостојно одлучува за постапките и мерките што ќе ги преземе. Во случај на нова пандемија, Светската здравствена организација (СЗО) подготви меѓународен договор кој ќе помогне да се обезбеди поправедна распределба на здравствените ресурси низ богатите и сиромашните земји, како и да се подобри размената на податоци меѓу нациите. СЗО со глобалниот план за пандемија, нема за цел да се меша во суверенитетот на државите, односно ќе „нема капацитет“ да ги принуди земјите-членки да се усогласат со мерките за јавно здравје. Договорот е фокусиран на поправедна дистрибуција на вакцини и лекови меѓу посиромашните и побогатите земји. Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар