ГЛОБСЕК: Северна Македонија има прозападни амбиции, но е ранлива на влијанија од Кремљ и Пекинг

Индексот на ранливост на ГЛОБСЕК ја анализира ранливоста на осум земји од Централна Европа и Западен Балкан (Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија, Словачка) кон странско малигно влијание во 5 димензии: јавни ставови, политички пејсаж, јавна администрација, информативен пејзаж и граѓански и академски простор. Преку овој индекс, на скала од 1 до 100 се откриваат меки точки при влијанието на Кремљ и Пекинг во секоја од овие држави

Индексот на ранливост на ГЛОБСЕК ја анализира ранливоста на осум земји од Централна Европа и Западен Балкан (Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија, Словачка) кон странско малигно влијание во 5 димензии: јавни ставови, политички пејсаж, јавна администрација, информативен пејзаж и граѓански и академски простор. Преку овој индекс, на скала од 1 до 100 се откриваат меки точки при влијанието на Кремљ и Пекинг во секоја од овие држави

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Според податоците добиени при истражувањето, Северна Македонија може да се класифицира како најотпорна од земјите од Западен Балкан што ги испитува Индексот на ранливост на ГЛОБСЕК. Анализата покажува дека сепак и покрај овој резултат, македонското општество е поларизирано во антагонистички политички кампови и останува ранливо.

Додека мнозинството од населението сè уште го поддржува зацртаниот процес на пристапување во ЕУ уште од 2005 година, исто така значајна улога играат и ставовите кои се наклонети кон авторитарните владеења на Кремљ и Пекинг. Овие ставови се зајакнати преку информативниот простор кој во голема мера е подложен на странско влијание, преку прикриена и отворена медиумска сопственост и одредени програми и поединци кои ги промовираат интересите на Кремљ. Медиумскиот пејзаж дополнително страда од недостиг на различни гледишта, особено што медиумите се притиснати од кампањи полни со дезинформации и манипулации, се вели во делот од Анализата посветен на Северна Македонија.

 

Ставови на јавноста

Во анализата се заклучува дека ентузијастичката поддршка на Северна Македонија за членство во ЕУ и НАТО може да биде пригушена од долготрајниот процес на пристапување кон ЕУ.

Истражувањето нотира дека 46 отсто од Македонците, што е најголем број меѓу анкетираните земји, би сакале нивната земја да припаѓа кон Западот. Во согласност со овој став, 78 отсто го поддржуваат влезот на нивната земја во ЕУ, додека 72 отсто го подджржуваат членството во НАТО. Од друга страна, проруските чувства се значителни. Само 10 отсто мислат дека Русија претставува закана за Северна Македонија, а 65 отсто веруваат дека Русија е словенски брат на Северна Македонија.

И покрај тоа што Пекинг финансира големи инфраструктурни проекти во Северна Македонија, граѓаните се амбивалентни кон Кина – не ја гледаат ниту како закана, ниту како партнер.

 

Политички пејзаж

Анализата препознала решителни чекори на Владата за да го ограничи влијанието на Кремљ во земјата, вклучувајќи ја одлуката да се протераат руските дипломати во врска со случајот со поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал,  како и уште две други протерувања во 2021 година.

Што се однесува до Кина, главниот двигател за соработка е иницијативата „Појас и пат“, инструмент на мека моќ зацврстен преку повеќе меморандуми за разбирање меѓу двете влади. Нотирана е загриженост и за инфраструктурните кредити кои се под пазарното ниво.

 

Јавна администрација

Јавната администрација во Северна Македонија има неколку недостатоци, вклучително и ограничен напредок во клучните реформи, како и високо ниво на политизација, констатира Анализата во која се додава дека свеста за странско мешање сè уште се развива.

Националната стратегија за одбрана е единствениот стратешки документ којшто јасно ги препознава активностите на странските разузнавачки служби како едни од најсериозните закани за земјата.

 

Информативен пејзаж

Дезинформациите и малигните наративи имаат тенденција да „цветаат“ на интернет, при што многу портали се регистрирани на оф-шор дестинации – со што се избегнуваат правните реперкусии за можните злоупотреби.

Додека кинеските активности остануваат значително ограничени, руското и про-Кремљ влијанието е од поголемо значење.

Иако локалната радио станица на Меѓународниот Славјански Универзитет во сопственост на Русија е единствениот пример за отворено влијание, неколку интервјуирани експерти укажале дека ТВ Алфа и офНЕТ шират про-Кремљ и антизападни наративи, се вели во Анлизата.

Европскиот парламент, исто така, изрази загриженост за наративите споделени во медиумите кои имаат странска сопственост во земјата, особено од група медиуми контролирани од унгарски инвеститори блиски до администрацијата на Виктор Орбан.

 

Граѓански и академски простор

Руското влијание е видливо и на формално ниво. Нејзината амбасада го надгледуваше формирањето на околу 30 македонско-руски „здруженија за пријателство“, со повеќе од 5.000 членови кои официјално го поддржуваат ангажманот на Русија во земјата. Руската стратегија за мека моќ го зголеми културното влијание на Москва во Македонија преку овие здруженија, особено Рускиот културен центар во Скопје.

Дваесет и три (23) од 28 експерти, кои биле дел од истражувањето, сметаат дека влијанието на Кремљ врз граѓанско општество е ограничено или непостоечко.

Од друга страна, се вели дека Кина не покажала голем интерес за македонскиот граѓански сектор и веројатно претпочита комуникација со владини претставници наместо со невладиниот сектор или приватните бизниси.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција