Го исмеваат Шилегов, а сопствената неписменост и невкус не ги гледаат

[Рецензија: ДАЈ БЕ КРИЈТЕ МУ ЈА РАКИЈАТА – ШИЛЕГОВ ЌЕ ГО МЕНУВА И ДАТУМОТ ЗА БОЖИЌ, ЗА ДА БИЛ СВЕТСКИ ГРАДОНАЧАЛНИК!]

Самиот наслов на написот што го рецензираме го покажува непрофесионалниот приод со кој овој медиум известува за предновогодишна активност на скопскиот градоначалник Петре Шилегов и за реакциите на една негова изјава. „Дај, бе, кријте му ја ракијата…“, е под секое ниво на медиумско известување без оглед дали редакцијата го гледа овој функционер на Социјалдемократскиот сојуз како партиски опонент и не негува симпатии кон него. Затскривајќи се зад твитови на анонимни автори што го критикуваат предлогот на Шилегов за промена на верскиот календар со која Македонија би го славела Божиќ заедно со другите западни земји, овој напис грубо јавно навредува и тоа го маскира во „информирање“.

Линк до оригиналниот напис: ДАЈ БЕ КРИЈТЕ МУ ЈА РАКИЈАТА – ШИЛЕГОВ ЌЕ ГО МЕНУВА И ДАТУМОТ ЗА БОЖИЌ, ЗА ДА БИЛ СВЕТСКИ ГРАДОНАЧАЛНИК!

Датум и време на објавување: 3.12.2019

Датум на рецензирање: 7.12.2019

Рецензент: Југослава Дуковска 

Пред нас имаме текст што претставува засрамувачко ниво на памфлет, кој нема ниту структура на новинарски производ ниту, пак, се одликува со базично познавање на македонскиот правопис, туку е објавен исклучиво со намера да се потсмева, да навредува и да оцрнува една јавна личност.

Воведот не е глава на веста, како што би требалo да биде, бидејќи е составен толку невешто и неписмено, како авторот да го правел набрзина и не се ни вратил да исчита што напишал:

По вчерашната изјава на градоначалникот Шилегов се крена цела Македонска јавност на нозе. Тој за време на Нова година, базар, Скопје, прес-конференција каде ги соопшти финалните подготовки за новогодишниот базар за 2020 година тој се обрати до МПЦ со апел да се сменел датумот за Божиќ.

Дали Шилегов „за време на Нова Година, базар“ или нешто друго имал прес-конференција на која го обелоденил својот предлог да се смени датумот кога се слави Божиќ? Тоа читателот не може да го добие како информација од овој  текст.

Но затоа може да се „информира“ дека:

Оваа изјава најде на голем потсмев од целиот македонски народ…

За да ја добие вистинската информација кој, што и кога кажал, читателот треба да посегне по содржините на други информативни медиуми. Таму ќе може да дознае дека на 2 декември, по повод отворањето на годинашниот „Винтерленд“ градончалникот Шилегов, коментирајќи го своето видување на празничната атмосфера во Скопје, го изјавил следново:

Минатата година работевме до Божиќ, ако се сеќавате, меѓутоа не беше веќе голем интересот на граѓаните. Некако како да се празни атмосферата околу новогодишните празници. Можеби правото прашање е зошто МПЦ не го смени календарот, па да го правиме Божиќ како цел свет, рече скопскиот градоначалник.

Оваа изјава беше дочекана со критики во јавноста, а по нејзин повод се огласи и претставник на МПЦ:

Ако сака нека си го слави тој на 25 декември. Радоста е на црквата и верниците, а не на политичарите,

кусо му порача на скопскиот градоначалник портпаролот на МПЦ-ОА, г.Тимотеј.

Потоа читателот се „препушта“ на „урнебесните“ твитови на анонимни лица, кои треба да покажат што мисли „целата македонска јавност“ за предлогот на Шилегов.

Петре побарал МПЦ да го смени календарот да славел Божик порано. Што е следно ќе побара фиксен датум за Велигден? Дај бе кријте му ја ракијата,

вели едниот од цитираните твитови во овој напис, а тоа е нивото на „хуморот“ и на другите твитови.

Рака на срце, социјалните мрежи служат, меѓу другото, за неконвенционално изразување, но и тие имаат свои правила, кои забрануваат навредлива содржина и ад хоминем напади на личности. Но објавувањето вакви содржини и тоа без редакциска ограда од објавеното, е доказ за непостојниот професионализам на еден медиум во приодот кон информирањето на својата публика и само нему му служи на чест.

 

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција