Големи инвестициски планови – дали ќе се остварат?

Само 40 до 50 отсто од ветените пари „фаќаат место“.

Капиталните инвестиции се значајни за развојот, но едно од прашањата е и што сè се вбројува под ставката „капитални расходи“, велат економистите, посочувајќи на тоа дека дел од новосоздадениот долг е последица и на реализација на непродуктивни проекти.

Капиталните инвестиции се значајни за развојот, но едно од прашањата е и што сè се вбројува под ставката „капитални расходи“, велат економистите, посочувајќи на тоа дека дел од новосоздадениот долг е последица и на реализација на непродуктивни проекти.

 

Пишува: Анета Додевска

 

Уште една амбициозна „инвестициска“ година се најавува со буџетот за 2017 година. Според новите проекции, в година нивото на капиталните, односно државните, инвестиции е проектирано на 432 милиони евра, и е едно од највисоките досега. Во исто време, во буџетската 2017 година се предвидува и раст на бруто-инвестициите, наведува неделната економска анализа на Portalb.mk. Според дел од економистите, очекувањата на хартија од една страна и нивната реализација, од друга страна, се сосема различни работи.

 

СЕ ПРОЕКТИРА МНОГУ – СЕ ОСТВАРУВА НЕДОВОЛНО…

За капитални расходи со новиот буџет за следната година се планирани средства во висина од 432 милиони евра, што во однос на годинашните буџетски проекции е раст од 71,6 милиони евра. Годинава со двата ребаланса најпрво се скрати токму од ставката за капитални расходи, која се сведе на 366 милиони евра. Освен што најпрво се проектираат на високо ниво, а потоа се кратат, според дел од економистите, проблематично е и остварувањето на планираните расходи по оваа основа.

Нема шанса да се реализираат капиталните инвестиции. Тоа не се случи ниту лани, нема ниту годинава, а нема ниту догодина. Ние сме сведоци дека кога се проектираат капиталните расходи, исто како и кај приходите, тие се пумпаат за да изгледаат добро, а потоа кога нема да може да се остварат, а Владата тоа однапред го знае, повторно се измислуваат некои причини. Капиталните инвестиции најмногу се реализираат од 40% до 50% во однос на тоа што е планирано, вели за Portalb.mk универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Според достапните податоци за реализација на буџетот, до крајот на јуни, односно заклучно со првото економско полугодие, реализирани се капитални инвестиции во вредност од 128 милиони евра, или само 35% од сумата планирана со последниот ребаланс.

Оваа практика, според буџетските информации, се случува и во изминатите години. Така, лани, со ребалансот на буџетот биле проектирани 361 милион евра за капитални инвестиции, а годината завршила со остварување од 303 милиони евра.

Капиталните инвестиции се значајни за развојот, но едно од прашањата е и што сè се вбројува под ставката „капитални расходи“, велат економистите, посочувајќи на тоа дека дел од новосоздадениот долг е последица и на реализација на непродуктивни проекти. Од идната Влада се очекува да направи стратегија не само на три, тука на пет години, со која точно ќе се дефинираат фискалните таргети, односно границите на идните задолжувања, со цел да се оддржи макроекономската стабилност,  коментира за Portalb.mk универзитетскиот професор Благоја Спиркоски.

Нас не ни е време да се подготвуваме за консолидација на трошењата, туку треба веднаш и итно да преминеме на консолидација. Ние сега немаме фискален таргет, и клучно прашање е каков е нашиот фискален капацитет за сервисирање на долговите. Со вакво ниво на задолжување, ние се соочуваме со многу сериозен проблем на брз раст на даночната основа во иднина, затоа што е во прашање тековната ликвидност на државата во однос на покривањето на јавниот долг, вели професорот Спиркоски.

ЗА КОИ ПРОЕКТИ КОЛКУ ЌЕ СЕ ТРОШИ?

Во Предлог-буџетот за 2017 година се вградени почнати, а досега нереализирани проекти. Дел од нив се однесуваат на инфраструктура, а дел повторно ги опфаќаат зградите од проектот „Скопје 2014“. „Порталб“ објавува дел од предвидените проекти, заедно со проектираните суми за 2017 година:

  1. За зградата за Јавната администрација, Факултет за драмски уметности и Градска куќа, како и за изградба на објект за потребите на Државниот завод за ревизија, предвидени се скоро 12,3 милиони евра.
  2. За модернизација во Министерството за одбрана, со која е опфатено техничко доопремување и функционално поврзување на комуникациско-информатичките системи, заедно со набавка на информатичка опрема и подобрување на постоечкото ниво на борбената способност на АРМ, планирани се 18,2 милиони евра.
  3. За проектот „АРМ- мој вистински дом“ како и реконструкција и адаптација на дотраените објекти и инсталации, со буџетот за 2017 година се предвидени 617.886 евра.
  4. За проектот „Реформи на полицијата“, преку коj ќе се овозможи креирање на современа полиција, согласно ЕУ стандардите, со bуџетот за 2017 година се предвидени речиси 8,8 милиони евра.
  5. За изградба, реконструкција и опремување на казнено-поправните установи ќе се потрошат речиси 1 милион евра.
  6. За Технолошки индустриски развојни зони, односно за изработка на проектна документација и градба на основна внатрешна и надворешна сообраќајна и техничка инфраструктура, се планирани 4 милиони евра.
  7. За надградба и реконструкција на управна зграда на Министерството за транспорт и врски и со новиот Буџет се предвидени 2,1 милион евра.
  8. И проектот „Гасификација“ фигурира во новиот Буџет, со планирани средства од 31,2 милиони евра.
  9. Проектот „Жичара“, односно за дозавршувањето на изградбата на жичницата за превоз на лица со кружни токови на трасата, придружни објекти, се предвидени 3.215.000 евра.
  10. За изградба на плажи во Дојран, Преспа и Охрид во Буџетот за 2017 година се предвидени 1,3 милиони евра.
  11. За проектот  „Подобрување на железничката пруга Коридор 10“, рехабилитација на железничката пруга Коридор 8 – делница Куманово – Бељаковце, рехабилитација и изградба на нова пруга Коридор 8 – делница Бељаковце – Крива Паланка, планирано е да се потрошат 19,3 милиони евра.
  12. За превод на нови 500 стручни и научни книги и учебници се планирани 1,6 милиони евра.
  13. За изградба на плоштадот Скендербег се планирани 3,4 милиони евра.
  14. За вршење на градежни работи и реконструкции во објекти на Владата на Република Македонија планирано е да се потрошат 733.000 евра.

Според буџетските проекции, во 2017 година се очекува и раст на бруто инвестициите за 4,5 %. Економскиот раст според новите прогнози ќе изнесува 3 отсто.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција