Гордана Јанкулоска

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Гордана Јанкулоска е родена на 12 октомври 1975 година во Охрид. Таа е во брак со Влатко Илиевски, за кого се омажи на 25 септември 2010 година, после речиси 15 години врска.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Дипломирала на правниот факултет на универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје во 1999 година, а магистрирала во 2003 година на Правниот факултет на Кентскиот универзитет, Кантербери, Велика Британија, на насоката меѓународно комерцијално право на тема Нормативните ризици и странските инвестиции со диплома од највисок ранг (LLM, awarded with distinction), на насоката меѓународно деловно право, на тема: „Нормативните ризици и странските инвестиции”. Во јули, 2004 год, UKC-Kent Law School, UK ѝ доделува Награда за посебни достигнувања во областа на правото. Во декември 2015 година  стана доктор на науки, со докторска дисертација на тема „Современи методи на сузбивање на транснационалниот економско финансиски криминал“ на Факултетот за безбедност во Битола.

 

КАРИЕРА

Работно искуство: Во периодот од 1999 до 2000 и 2004 до 2006 работи како правник во приватниот сектор.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Таа е поранешен министер за внатрешни работи на Република Македонија во МВР, назначена на 26 август 2006 година, а на таа функција била до 12 мај 2015 година, кога дала оставка.

Од 2000 – 2002 е вработена како државен советник во Министерството за финансии, каде во истиот период е ангажирана на позиција шеф на Кабинетот на министерот.

Од септември 2004 година работи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ до нејзиното предложување за министер за внатрешни работи.

Во периодот 2005/2006 е член на Советот на град Скопје.

На парламентарните избори во 2006, 2008, 2011 и 2014 е избрана за пратеник во собранието на Република Македонија.

 

Искуство во финансискиот сектор

Јанкулоска има работно искуство во различни сегменти на финансии, комбинирано со соработка со меѓународни институции, од повеќе позиции во Министерството за финансии на Република Македонија: Државен советник, (координатор на секторот за правни, општи и сметководствени работи, управата за имотно правни работи, одделението за одлучување во втор степен во управна постапка од областа на даноци и царини; секторот за управување со капиталот; секторот за информатика и дирекцијата за спречување на перење на пари) ; шеф на кабинетот на министерот; началник на одделение и самостоен советник во секторот за меѓународни финансии.

Учесник е во повеќе тимови за изработката на закони и реализација на проекти во сферата на Реформата на платениот промет, имплементација на фискални машини во Република Македонија.

Јанкулоска исто така била претседател на Управните одбори на Национална Платежна Картичка А.Д. – Скопје и на Централниот Регистар ; член на управниот одбор на „Center of Excellence in Finance” – Љубљана ; претседател на комисија за денационализација и член на Советот за денационализација.

 

Бомбите

После објавените „бомби“ на опозицијата Гордана Јанкулоска е посочена како координатор на злосторничко здружување на високи државни функционери. Таа е најзастапена во вкупниот број на прислушкувани разговори.

Досега против Јанкулоска СЈО има покренато неколку обвиненија со голема веројатност обвиненијата да се прошират. Таа е осомничена од СЈО во предметите „Титаник“ и „Тврдина“.

Во одлуката за аболиција од 12 април 2016 година, Гордана Јанкулоска од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, беше 11 пати поединечно помилувана за најразлични криминални дејствија, злоупотреба на службена должност и овластувања. На 6 јуни истата година, и тие аболиции беа поништени од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

 

ИЗВОРИ

Фејсбук-профил (потврден) на Гордана Јанкулоска

Утрински весник: Се омажи министерката Јанкулоска (26 септември 2010)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција