Говорот на Мицкоски кон новинарката Смилевска е во рамки на дозволеното
Појаснувањата на премиерот на прес конференцијата од 28.05.2025 во врска со тендерот во МВР, на прашањата на колешката Милка Смилевска може да се оценат различно од политичка гледна точка, но никако и како напад врз новинарката и загрозување на слободата на медиумите. Од тука, тврдењата на СДСМ за такво нешто не се вистина
Појаснувањата на премиерот на прес-конференцијата од 28.05.2025 во врска со тендерот во МВР, на прашањата на колешката Милка Смилевска може да се оценат различно од политичка гледна точка, но никако и како напад врз новинарката и загрозување на слободата на медиумите. Оттука, тврдењата на СДСМ за такво нешто не се вистина
СДСМ излезе со изјава/соопштение/став во кој го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека извршил навреда и напад врз новинарка на прес-конференција во Владата, став којшто може да се оцени како невистина:
Мицкоски фатен во тесно за тендерот на МВР, ја навреди новинарката која што го прашуваше за аферата. СДСМ најостро го осудува недоличното однесување на премиерот Христијан Мицкоски кон новинарката Милка Смилевска од Ал Џезира, на денешната прес-конференција во Владата.
Наместо одговорност и отчетност, Мицкоски избра дискредитација на новинарка која постави легитимни прашања за сомнителниот тендер од 4 милиони евра за набавка на полициски униформи во МВР. Очигледно изнервиран од скандалот во кој е фатена неговата влада, ја обвини новинарката дека поставува „естрада“ прашања. Тоа е класичен пример за притисок врз медиумите и обид да се замолчи вистината…Наместо да објасни зошто неспособни фирми се фаворизирани, Мицкоски се впушти во понижување на новинарка која само ја бараше вистината…
[Извор: СДСМ – Мицкоски фатен во тесно…/соопштение/веб; Датум – 28.05.2025]
Образложение:
Ставот на СДСМ во делот за нападот врз новинарка од страна на премиерот е невистинит затоа што сите подвлечени обвинувања за навреда, недоличност, дискредитација, обвинување и понижување за коишто зборува СДСМ во својот став, не се ниту формално, ниту суштински гледано целосно вистинити во овој случај. Ова може да се заклучи по анализата на кажаното, потоа по консултациите со новинарката на Ал Џезеира Милка Смилевска, како и со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), кои со години водат прецизна евиденција за какви било напади врз новинари и медиумски работници.
Анализата на случајот за потребите на оваа рецензија покажа дека премиерот Христијан Мицкоски се држи во граници на дозволената комуникација со новинарката во овој случај на поставени и одговорени прашање, но исто така покажа дека премиерот има тесно и проблематично разбирање на поимот јавност.
Што точно беше кажано на пресот?
Новинарката Смилевска во своето прашање по пресот во Владата кој беше наменет за сосема друга тема, го запраша премиерот за негов коментар во врска со тендерот на МВР за набавка на униформи за припадниците на МВР, а кој е во висина од 3,8 милиони евра и кој веќе е проблематизиран од дел од медиумите, што значи и од јавноста или барем дел од јавноста, а од пред некој ден и од политичките партии во опозицијата, пред сѐ од СДСМ. Прашањето на Смилевска, беше за самиот тендер, со констатација дека МВР склучило договор со две фирми кои немаат капацитет и зошто се избрани две фирми, од кои едната со двајца вработени, а другата без искуство, а беше побаран и коментар на премиерот дали има простор за сомнеж за корупција(во видеото од 36.50 мин.). По ова следуваше одговорот на премиерот Мицкоски:
Благодарам на прашањето. Станува збор за рамковна спогодба и јавна набавка од отворен карактер, којашто е без било какви ограничувања. Секој којшто бил заинтересиран можел да се јави на тој јавен повик, што значи можел да даде понуда. Ова е рамковна спогодба и таа рамковна спогодба доколку се испорачаат и се користат таков тип на опреми, МВР ќе има финансиска облигација да ги плати. Доколку не се испорачаат и не се изработат таков тип на униформи, тогаш МВР нема никакви облигации, ниту пак обврска да плати кон фирмата којашто е добитник. Јас не знам дали имаат или немаат капацитет, бидејќи тие се јавиле на тендерот, дале банкарска гаранција, ги исполниле критериумите и да видиме. Доколку немаат се разбира дека договорот ќе биде раскинат. Доколку имаат, претпоставувам ќе се продолжи со негово реализирање.
Така што јас не би правел естрада од сето тоа сѐ додека не се докаже спротивното. Сепак станува збор за униформи на припадниците на МВР кои ќе ги користат, ако ги користат…
Тука Мицкоски се осврнува на вториот дел од прашањето на Смилевска околу тоа дали гледа простор за евентуален сомнеж за корупција и ги повика надлежните во Обвинителството, во судството и министерот Панче Тошковски со кого тој ден имал разговор и му посочил „да ги отвори сите документи за јавноста, да ги повика и невладините, но во исто време да ги отвори и тендерските документации од минатото, за да види јавноста како се купувале униформи, обувки и друг тип опрема којашто ја користеле припадниците на МВР“, па продолжува:
И ве повикувам вас, медиумите, будно да ја следите целата оваа операција, затоа што ниту еден од нас нема никаква намера да остави како било сомнеж дека некаде постои некакво основано сомневање за злоупотреба на јавните финансии.
По ова, новинарката Смилевска се обидува уште еднаш да добие коментар, со мал свој коментар како вовед:
Премиере, само ќе ве потсетам дека вие веќе една година водите Влада и дека сега разговараме за актуелен тендер кој е потпишан на почетокот на април и дека тука не се работи за никаква естрада, туку за трошење на јавни пари, а вие кога дојдовте на власт ветувавте многу одговорен однос кон јавните средства, кои се пари всушност на граѓаните. Затоа ве молам, уште еднаш ваш коментар, дали сметате дека може модно студио од Битола со двајца вработени и фирма регистрирана 20 дена пред да се објави тендерот да испорача униформи за многу важна полициска структура во вредност од 3,8 милиони евра. Сите ние добро разбираме што значи рамковна спогодба. Зошто тие две фирми? Една фирма којашто има долга традиција во оваа работа е добиена. Зошто сите три фирми не го добиле бизнисот, туку се избрани овие две?
На ова Мицкоски вели дека повторно ќе се врати „на суштината“, дека спогодбата е рамковна и дека не знае зошто овие две фирми се добитни, а третата е одбиена и дека одговор на сите овие прашања ќе даде МВР, па се осврнува на зборот естрада (од 41.05 мин во видеото):
Инаку, јас кога зборувам за естрада, зборувам и тврдам дека наведувачки прашања се естрада, во смисла на тоа дека се обвинува априори без да се пренесат докази…Доколку фирмите, како што вие наведовте, не се способни, не знаат, немаат капацитет, итн., нормално дека договорот ќе биде раскинат и нема да има трошење на јавни средства, јавни пари итн. Но ние не можеме сега да го раскинеме тој договор, пред да докажеме дека тие не се способни, затоа што ќе имаме одговорност и ќе треба да плаќаме пенали. Значи треба најпрво да видиме дали тие се капацитативни или не се капацитативни и многу скоро од денеска јавноста тоа ќе го увиди. Јас повторно кажувам немаме што да криеме. Целокупната тендерска ќе ја ставиме на увид на јавноста. Ги повикувам сите медиуми да дојдат, го повикувам и обвинителството да влезе и да истражи дали има и еден фенинг незаконско или недомаќинско трошење…

На ова Смилевска пред да го постави третото прашање за сосема друга тема даде мал коментар, на кој Мицкоски ѝ одговори:
M.С – Јавноста вас ве избра за да нема такви прикаски во иднина, ама очигледно, ама за жал се чини дека се повторуваат…
Х.М. – Тоа е ваше мислење не на јавноста…(завршува на 42.45 мин.).
Смилевска: Ниту бев нападната, ниту загрозена, туку, злоупотребена
Во консултација со новинарката Смилевска за нејзиното чувство во врска со овој дел од пресот и со нејзиниот став за тоа како била третирана на прес конференцијата од премиерот Мицкоски, таа ни одговори дека ниту се почувствувала нападната, ниту загрозена, а во еден дел и злоупотребена од политиката:
На таа прес-конференција мене никој не ме спречи да поставам прашање или да коментирам, никој не ми го одзеде микрофонот и не почувствував недоличен однос од премиерот. Во таа смисла, можам само да искажам чувство на еден вид злоупотреба од страна на СДСМ. Партијата без да реагирам и без вистинска причина за тоа оценила дека сум нападната и дека ми се ускратени новинарските слободи, што во овој случај не е точно, за да го акцентира прашањето за споменатиот тендер и преку мене. Друг пат, нека си најдат поинаков пристап – искоментира кратко Смилевска во телефонскиот разговор.
ЗНМ со години води прецизна евиденција за какви било напади врз новинари и медиумски работници вклучувајќи и за вакви случаи. Директорот Драган Секуловски смета дека станува збор за граничен случај во кој сепак премиерот се држи во рамките на дозволената комуникација со новинарите.
За да се констатира вербален напад од политичар врз новинар, треба да се исполнат неколку критериуми. Прво, иако не е задолжително, обично се зема предвид дали постои некаква реакција или известување од самиот новинар. Второ, би се зела предвид и реакција од фелата или пошироката јавност во врска со конкретниот случај.
Дополнително, важни аспекти се и употребата на конкретни зборови, како и контекстот во кој се дадени изјавите – односно дали можат да бидат оценети како навредливи или заканувачки. Во конкретниот случај, не се исполнети тие елементи – велат од ЗНМ.
Сепак и од ЗНМ, а и самата Смилевска, велат дека делот каде што премиерот квалификува дека новинарката изразува свое мислење, а не мислење на јавноста, укажува на претесно разбирање или неразбирање на премиерот дека и новинарите и медиумите ја претставуваат јавноста. Односно, дека новинарите и медиумите во исто време се и претставници на јавноста, затоа што врската е двојна и во информативното новинарство, тие со својата работа (треба да) го застапуваат пред сѐ јавниот интерес.
Настрана од овој пример, носителите на јавни функции, политичарите како и сите кои учестуваат во јавните дебати, секогаш потребно е да се обраќаат кон новинарите со почит и дигнитет бидејќи професионалните новинари ја вршат својата работа во интерес на јавноста и играат клучна улога во демократското општество, наведува Секуловски.
Или попрецизно кажано, основна грижа на новинарите е да го застапуваат и бранат јавниот интерес, а трошењето јавни пари е секако јавен интерес, а оттука и од интерес на јавноста.
***
Несомнено е дека премиерот преку овој случај покажува претесно разбирање за зборот јавност, раздвојувајќи го мислењето на новинарката и на јавноста, но и со употреба и потенцирање на фразата „естрадни прашања“, за која подоцна појаснуваше дека мислел на наведувачки, сугестивни прашања од страна на новинарите и медиумите. Но, кога е во прашање јавниот интерес и наведувачките прашања се дозволена новинарска техника, ако новинарот смета дека со такви, во исто време сугестивни прашања, може да го испровоцира својот соговорник да изнесе повеќе детали во врска со темата за која се зборува. Впрочем, ова е наведувано на повеќе дебати и стручни конференции каде се преиспитувало етичко постапување на новинарите или пак, во прирачници за дозволеното и недозволеното однесување кога се водат интервјуа или кога се поставуваат прашања на прес конференции.
Оттука, појаснувањата на премиерот на прес-конференцијата во врска со тендерот во МВР, на прашањата на колешката Милка Смилевска може да се оценат доследни, недоследни, вистинити, полувистинити или невистинити, значи секако, но никако не можат да се оценат како напад врз новинарката и загрозување на слободата на медиумите. Затоа, оценките на СДСМ за такво нешто во нивниот комуникациски став со јавноста се невистина.
Извори:
- (28.05.2025) Влада/веб – Мицкоски/прес – [Проверено на 29.05.2025]
- (28.05.2025) СДСМ/веб – Соопштение – [Проверено на 29.05.2025]
- (29.05.2025) Милка Смилевска – Изјава за Вистиномер – [Проверено на 29.05.2025]
- (29.05.2025) ЗНМ – Изјава за Вистиномер – [Проверено на 29.05.2025]
- (23.05.2025) 360 Степени/Јутјуб – Прилог за тендерот за МВР -– [Проверено на 20.05.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар