Градинката во Бардовци остана за промоција во новата изборна кампања на Јакимовски

Пред избори удрени темелите на градинката во Бардовци ветена уште во 2013 година Фото: Официјална Фејсбук -страница на Јакимовски

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на детска градинка во УЗ Бардовци. 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на детска градинка во Бардовци е неисполнето ветување на градоначалникот на Карпош, Стевчo Јакимовски. Проектот е дел од неговата изборна програма за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Визија за Карпош“ и се наоѓа во делот посветен на проектите предвидени за УЗ Бардовци (стр.46).

Одлуката за изградба на детска градинка во Бардовци, Советот на Општина Карпош, како што јавија дел од медиумите, ја донел на почетокот од април 2015 година.

Советниците на општина Карпош едногласно донесоа одлука за изградба на нова градинка на територијата на Карпош. Градинката ќе биде дел од училишниот двор во ООУ „Аврам Писевски“ во Бардовци, со што ќе им се помогне на родителите од тоа населено место да бидат згрижени нивните деца и да се социјализираат. Општина Карпош соопшти дека се исполнети условите за изградба и дека проектот ќе се реализира во наредниот период, информира порталот Порта 3.

Темелите за изградба на градинката беа удрени дури минатата недела, на 14.09.2017 година, речиси две и пол години од одлуката на општинскиот Совет и десет дена пред стартот на кампањата (25.09.2017) за  новите локални избори кои ќе се одржат на 15 октомври.

Општина Карпош започна so изградба на нова детска градинка во населбата Бардовци. Објектот ќе се простира на површина од 521 метри квадратни и ќе биде лоциран во училишниот двор на ОУ „Аврам Писевски“. Вкупната вредност на проектот е околу 24 милиони денари, од кои 7,3 милиони денари се обезбедени преку ИПА програмата за општински рурални инвестиции, јави порталот Билд.

Веста беше пренесена и на официјалната Фесјбук страница на градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски.

Со поставување на камен темелник, денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, свечено ја најави изградбата на новата детска градинка во населбата Бардовци. Оваа претшколска установа ќе биде лоцирана во рамките на училишниот двор на ООУ „Аврам Писевски“ и ќе зафаќа површина од 521 м2. Вкупната вредност за изградба на овој капитален објект изнесува близу 24.000.000 денари, од кои 7.300.000 денари се обезбедени од ИПА програмата за општински рурални инвестиции, преку Министерството за финансии на Р.М. Останатите средства, односно 16.700.000 денари од својот буџет ги обезбеди Општина Карпош.

Во предизборната програма на Јаскимовски во 2013 година – „Визија за Карпош“ , нема наведен прецизен рок за реализација на овој проект. Но, имајќи го предвид фактот дека мандатот на градоначалниците официјално истече во мај 2017 година (а потоа е продолжен до локалните избори закажани за 15 октомври 2017), може да се заклучи дека ветувањето на Јакимовски за изградба на детска градинка во Бардовци е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција