Граѓанскиот страв го претвори новинарот во „непријател“
Се сеќавам како да беше вчера, на снимката од апсењето на Љубе Бошкоски, што ја емитуваше А1 телевизија во последните денови од постоењето. На екранот се одмотуваа кадри од апсењето, од ќесата „Зара“ како лежи на вжештениот асфалт, снимени со една камера, а одоздола пишуваше „Уапсен Љубе Бошкоски – немонтирана снимка“. Подоцна дознавме дека тоа видео доживеало рекордна гледаност, а во него не беше вклучен труд на ниту еден новинар, дури ниту на еден монтажер. Само извадена лента од камера, пуштена на телевизија – дури не беше ниту монтирана!
Ова е само еден пример за тоа колку за медиумските конзументи, трудот и работата на новинарот не се неопходни. Се поизвесно е дека во општествово, тежината на зборот на новинарот губи на цена. Се поизвесно е, дека не е пресудно колку новинарот ќе вложи труд во обработката на темата, за да таа предизвика јавен интерес. Се поизвесно е, дека за да се направи пресек на сето она што доведе до ваквата состојба е тешко, но сите патишта за да се стори тоа водат кон спрегата „политика-сопственост“.
Перцепцијата на граѓанинот кон медиумите и новинарите природно, треба да биде проследена со симпатија и со доверба. Тоа се луѓето што се појавуваат први кај луѓето чиј глас не може да биде слушнат. Тие не се само „вуферот“ што им дава јачина на криците на обесправените, туку се и цртачи на барањето одговорност од институциите. Тогаш од каде потекнува тој анимозитет, желба или да се тепаат на протести, или да се бега од нив како од црн ѓавол?
Одговорот лежи во една нова состојба, чиј удел во севкупната слика не само што не е за занемарување, туку е и пресуден. Таа состојба се пишува со пет букви. Се вика „страв“. Граѓанинот станува се поисплашен, посиромашен, од ден на ден „помудар“ да ја премолчи неправдата во секојдневието, а оттука и се позатворен за јавно да си го каже мислењето. Така, во новинарот, наместо како на бранител на јавниот интерес, куче-чувар на властите, пријател на обесправените во општеството, се почесто гледа ирелевантен субјект, чиј труд и работа неизбежно се поврзани или со политиката или со бизнис-интересите, но гледа и со непријатност. Подготвен е, да ги „запали“ чевлите.
Како се дојде до дереџе новинарската професија да е толку депласирана и обезвреднета во перцепцијата на оној што ги менува каналите со далечинскиот управувач, одговор може да се бара и во владините реклами кои крајно го поларизираа медиумскиот простор и го ставија новинарството во пранги. Но за загубената доверба и за анимозитетот причините лежат и во тоа што финансиски зависни новинари, се подобни со дискаунт да го продадат интегритетот. Тие однапред ја одредуваат нијансата во која се бои известувањето и оттука само мал дел од она што се нарекува новинарство, може да процвета низ плевелот и трњето.
За властите нема подобитна комбинација од исплашен граѓанин кој не обожува и не разговара со новинари, зашто на таков начин работата на истражувачките новинари станува невидлива и закопана. Се почесто слушаме како новинари се нападнати, провоцирани и третирани со недоверба, иако отишле да известуваат за состојби кои веќе ги креирал некој друг, а довеле до незадоволство и револт кај граѓаните.
Освен тоа, во македонското општество уште царува предрасудата дека интелектуалната работа, каква што впрочем е и новинарската, не е „работа“. Уште превладуваат стереотипите дека работничката производствена лента е она кое ја создава потта на челото. Потта врз листовите испечатен весник, е невидлива за окото на јавноста. Граѓанскиот страв го претвори новинарот во „непријател“ на оние за кои работи. Зашто барем вистинските новинари, работат за јавноста.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар