Граѓаните кај Народниот правобранител најмногу се жалат на судството и работните односи

Фото: Официјална Фејсбук страница на Народниот правобранител - принтскрин

Канцеларијата на Народниот правобранител, во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија е посочена како централно тело за унапредување и заштита на човековите права. Оваа институција за време на пандемијата издаде специјални извештаи и препораки за образованието преку интернет, за правата на децата и лицата со попреченост како и за лицата во старателски институции. Во Извештајот, исто така, се нотира и дека буџетот на институцијата Народен правобранител е зголемен за 2,3 проценти во однос на 2019 година и нема дополнителни вработувања

Канцеларијата на Народниот правобранител, во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија е посочена како централно тело за унапредување и заштита на човековите права. Оваа институција за време на пандемијата издаде специјални извештаи и препораки за образованието преку интернет, за правата на децата и лицата со попреченост како и за лицата во старателски институции. Извештајот, исто така, нотира и дека буџетот на институцијата Народен правобранител е зголемен за 2,3 проценти во однос на 2019 година и нема дополнителни вработувања

 

Пишува: Мирослава Бурнс

 

Во исчекување на најновиот извештај за работата на Правобранителот кој во март треба да му биде доставена на Собранието, „Вистиномер“ се обрати во оваа институција за повеќе информации околу тоа какви се потребите на граѓаните, предизвиците на кои треба да се работи за унапредување на институцијата и надлежностите на Народниот правобранител.
Оценката за тоа кои области се најзагружувачки, односно каде најмногу се кршат човековите слободи и права ја даваат граѓаните, преку поднесување на претставки до Народниот правобранител. Во последниве неколку години состојбите се речиси идентични со мали исклучоци. Најмногу претставки се однесуваат на областа правосудство, каде спаѓа работата на судовите, обвинителствата, но и на нотарите и извршиелите, потоа следуваат потрошувачките права (испорака на електрична енергија, вода, парното греење), работните односи, правата од социјална заштита, детските права.
Кога зборуваме за правосудството, за разлика од пред десетина години кога граѓаните се обраќаа кај Народниот правобранител со барање за интервенција во судските одлуки (да бидеме до крај прецизни и минатата година имавме вакви претставки), нешто за што институцијата нема надлежност, тоа сега е сменето. Па, најголемиот број на претставки се однесуваат на работата на извршителите во сите сегменти, на непочитување на принципот за судење во разумен рок, особено кај работните спорови, како и за работата на управните судови -Управниот и Вишиот упавен суд, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител за „Вистиномер“.
 Од вкупно 2.448 приговори примени во 2020 година, најголем број повторно се однесуваат на судството (особено на извршителите), потоа на работните односи, правата на потрошувачите, условите на притвор, социјалната заштита и имотните права. Институциите одговориле на 63 проценти од препораките на Народниот правобранител, што претставува намалување во споредба со претходните години.

 

Посебно одделение за заштита на правата на децата

Детските права се особено важни па затоа во рамките на Народниот правобранител формирано е посебно одделение за заштита на правата на децата. Особено се внимава на правата на децата во поглед на остварувањето на родителсткото право, општествената заштита на децата посебноо во установите за згрижување, понатаму правата на децата без родители и родителска грижа, подеднаква вклученост на сите деца во образовниот процес, забраната за телесно и психичко малтретирање во училиштата, забраната за вработување на помлади од 15 години, правата на децата од областа на пензиското и инвалидското осигурување, правото да стекнат државјанство, да влезат во матичната евиденција, како и правата на децата во случај на постапување на органите за внатрешни работи односно правата на малолетните лица во казнено поправните и воспитните установи.

Кога ќе се разгледаат областите во коишто Народниот правобранител постапувал изминатиот период, станува јасно дека граѓаните до неговата канцеларија се обраќаат со низа проблеми од секојдневниот живот, кога се почувствувале дискриминирано или оневозможено да остварат некои свои права. Некои од овие предмети ѝ се добро познати на јавноста, затоа што се отворени по допрен глас, односно по претходни објави од медиумите. Последен ваков случај, е оној од Гостивар, каде ученичка со Даунов синдром не можеше да следи настава заедно со соучениците, бидејќи против тоа беше потпишана петиција од страна на родителите на другите ученици.

Случајот со Ембла покажува голема незрелост на општеството кое не е подготвено во пракса да ја имплементира домашната и меѓународната регулатива која се однесува на инклузивноста на овие лица во секојдневниот живот. Недозволиво е овие ученици да бидат жртва на неподготвеноста на поединци да ги прифатат различните и да им биде отежнат пристапот до образовниот процес, кој со Устав и закон на сите им е гарантиран подеднакво, без елементи на каква било дискриминација. Народниот правобранител ги охрабрува родителите за ваквите случаи да не молчат, туку да се обраќаат до институциите со цел навремена заштита на правата на нивните деца гарантирани со законите,  посочуваат од Канцеларијата на Правобранителот за овој случај.

 

Што може да направи Народниот правобранител откако ќе констатира дека се повредени правата на подносителот?

Народниот правобранител може да даде препораки, предлози, мислења и укажувања за тоа како да се отстранат констатирани повреди. Препорака се дава кога со сигурност е утврдено дека станува збор за повреда на правата со конкретен акт или дејство, а мислење се дава кога ќе се оцени дека е потребна измена или дополнување на општ акт на органот или организацијата. Укажувањата се упатуваат во случај кога од фактичката состојба произлегува дека со продолжување на одредено однесување на органот или организацијата би се повредиле правата на подносителот на претставката.

Народниот правобранител може и да предложи повторно спроведување на определена постапка во согласност со закон, да покрене иницијатива за дисциплинска постапка против службено или одговорно лице ако оцени дека неговото постапување или непостапување довело до прекршување на службената должност. Правобранителот, исто така, може да поднесе барање до јавниот обвинител за казнена одговорност ако оцени дека има основано сомнение за прекршок или кривично дело предвидени со закон. Надлежности за присилно отстранување на недостатоците не постојат како механизам од страна на оваа институција.

Во Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, пишува и дека Собранието треба да назначи петмина нови заменици на Народниот правобранител. Но, ова досега не е остварено, иако постапката од страна на канцеларијата на Народниот правобранител е целосно завршена, меѓутоа Собранието сè уште не ги гласа предлозите по спроведениот конкурс.

 

Ненајавените посети откриваат лоши услови

Во рамките на својот мандат и надлежности, народниот правобранител во 2020 година спровел 25 ненајавени посети од кои 9 посети на полициски станици, 10 на казнено поправни установи и 6 посети на прифатни центри за сместување и задржување странци односно мигранти и баратели на азил. Оваа канцеларија активно работи на превенција од тортура и друг вид сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување. Состојбата во затворите, според канцеларијата е алармантна во поглед на медицинскиот третман со лекови на затворениците – зависници од наркотици и други опијати, од причина што во најголем дел од нив нема лекари, лекови и психијатри.

Сериозно загрижувачка е состојбата во Затворот Куманово каде што 35,5 отсто од осудени лица и дури 65 отсто од вкупниот број притворени лица се со нарушувања предизвикани од употреба на дрога. Во состав на медицинскиот персонал во Затворот редовно е ангажиран еден – 1 медицински техничар, а само 2 пати неделно или по потреба доаѓа општ лекар од Итната медицинска помош. При прием на лицата во Затворот не им се вршат првични прегледи од страна на психијатар, а голем дел од затворениците самите истакнуваат дека и воопшто не биле прегледни од психијатар. Во оваа смисла, беше констатирано и дека во Затворот Куманово не им се укажува медицинска грижа на оваа категорија затвореници во периодите на апстиненцијална криза ниту, пак, имаат соодветна психосоцијална поддршка,  рече народниот правобранител, Насер Зибери во јуни лани, кога го презентираше Извештајот.

Фото: ombudsman.mk

Состојбите се загрижувачки и во поглед на правото на пристап до адвокат во полициските станици од општа надлежност во Скопје.

За време на посетите е констатирано дека поуката за правото на адвокат се сведува на кратко известување дека лицето има право на адвокат и прашање дали сака да ангажира адвокат, од страна на сменоводителот/службеникот за прифат, непосредно по нивното спроведување во полициската станица.

Задржаните лица скоро никогаш не се известуваат за можноста да повикаат адвокат/бранител од листата на дежурни адвокати на товар на буџетот на државата, во случаите кога се исполнети условите за тоа, а општ впечаток е дека поглемиот број од сменоводители/службени лица не беа ниту запознати со таквата можност којашто е предвидена во Законот за кривичната постапка. Во некои од полициските станици беа затекнати листи на адвокати по службена должност што датираат од пред десетина и повеќе години, па така на пример, во некои полициски станици наместо листа на дежурни адвокати имаше Адвокатски роковник издаден од АКРМ во 2012 година, а во некои други, пак, наидовме на визит-карти од адвокати коишто ги имале оставено. Како еден од најсериозните проблеми што беше нотиран за време на посетите е обезбедувањето на адвокат/бранител за деца во случаите кога тоа е задолжително законски предвидено,  рече на прес-конференцијата  Зибери.

 

Неевидентирани деца во Матичната книга на родените

Канцеларијата на народниот правобранител во посебниот Извештај од мај 2021 година, констатира дека согласно добиените податоци од Управата за водење матични книги има 659 неевидентирани лица кои биле посетени во нивното живеалиште. Од нив 211 побарале да бидат  запишани во матичната книга.
Заклучокот е дека околу 70 проценти од идентификуваните неевидентирани лица уште не поднеле барање за постапка за упис во матичната книга и издавање извод, а со тоа и документ за лична идентификација. Овие лица бидејќи немаат извод, ниту идентификациска исправа, потврдуваат дека проблемот со правно невидливите деца и понатаму останува нерешен. Овие луѓе не можат да отворат сметка во банка, да склучат брак, да извршат признавање на дете, да извршат упис на пријава на раѓање на дете.
За оваа проблематика Народниот правобранител препорачува државата преку институциите целосно да ја преземе одговорноста за идентификација, регистрација и вклучување на правно невидливите лица во системот, односно повеќегодишниот проблем со неевидентираните лица да го реши на системски начин и трајно, со почитување на меѓународните конвенции за правата на детето и домашната регулатива, при што Здруженијата на граѓани како нивни партнери можат да помогнат во активностите за мапирање, информирање и обезбедување помош во прибирање на потребната документација за нивна евиденција.
Од вкупно 659 неевидентирани лица, повеќето од половината односно 60 проценти или 397 се деца на возраст под 18 години. Во Извештајот на Народниот правобранител се наведува дека од неевидентираните кои се изјасниле за етничката припадност, 428 се Роми, 88 Албанци, 20 Турци, 12 Македонци, 3 Бошњаци, двајца Срби и еден Влав.

 

Со кои се предизвици се соочува Канцеларијата на Народниот правобранител и што е потребно за поефикасно работење?

Од Канцеларијата на Народниот правобранител за „Вистиномер“ велат дека на прво место е финансиската независност, што подразбира буџет кој Народниот правобранител самиот ќе го утврди и ќе одлучува за негова реализиација согласно утврдените потреби. Ова од причина што тој во суштина најдобро знае кои му се приоритетите и за што му се потребни средствата, а сè со цел да креира адекватни политики за ефикасна заштита на правата на граѓаните и негово непречено работење.

Впрочем, како единствена независна национална институција за заштита на правата на граѓаните не е соодветно за сите работи што се поврзани со располагање на буџетот (пренамена на средства, вработувања, унапредувања и слично) да бараме согласност од Министерствот за финансии кое, пак инстовремено го контролираме. Факт е дека во изминатите години преку измени на Законот за народен правобранител се направија одредени измени во насока на финанскиска независност, но сепак истата не е до крај не е обезбедена, велат оттаму.

И понатаму постои проблемот со просторните услови. Институцијата веќе 23 години е потстанар, плаќа кирија, како за седиштето во Скопје, така и за шесте подрачни канцеларии, проблем за кој сега засега  нема на повидок решение.

Сепак се надевам и сум оптимист дека во текот на мојот мандат овие прашања во соработка со надлежните институции ќе бидат решени со што Народниот правобранител ќе ги исполни сите критериуми кои се одлика на национална институција за заштита на човековите слободи и права, вели омбудсманот Зибери.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција