Граѓанскиот простор се стеснува, дезинформациите, ВИ и притисоците се нов предизвик за регионот
Извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, истакна дека технологијата треба да биде во служба на луѓето, а не обратно, нагласувајќи дека медиумскиот интегритет и борбата против дезинформациите остануваат меѓу клучните приоритети
Стеснувањето на граѓанскиот простор, финансиската неизвесност, ширењето дезинформации и влијанието на вештачката интелигенција (ВИ) врз демократските процеси се меѓу главните предизвици со кои се соочуваат граѓанските организации во земјите од Западен Балкан, Црноморскиот Регион, Кавказот и Централна Азија. За овие прашања вчера се дискутираше на заедничката меѓународна конференција „MEGAPHONE & e-Society 2026“, која се одржува во Скопје, под мотото „We Hold the Line“ („Ја држиме линијата“). Конференцијата е во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и TechSoup, во партнерство со CIVICUS, како дел од Иницијативата за дигитална демократија (DDI).
На свеченото отворање на конференцијата, Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ ја истакна потребата од постојано експериментирање, флексибилност и приспособување кон промените што ги носи дигиталната ера. Тој посочи дека вистинската сила на дигиталната трансформација и капацитетот за одбрана на демократијата лежат во луѓето, нивното знаење и меѓусебната соработка. Тој се осврна и на значењето на меѓународната поддршка за граѓанскиот сектор, при што ги спомена CIVICUS, Данска, Норвешка и Европската Унија, како важни поддржувачи на иницијативите насочени кон зајакнување на демократската отпорност.

Во рамки на сесијата „Каде сме денес: Граѓанскиот простор, дезинформациите и вештачката интелигенција во регионите“, Маја Дурлик од TechSoup претстави наоди од истражување што опфаќа 13 земји, засновано на 83 интервјуа со активисти и претставници на граѓански организации, како и анализи на состојбите во четири подрегиони, финализирани во февруари годинава.
Според презентираните наоди, иако предизвиците се разликуваат од земја до земја, граѓанските организации во регионот се соочуваат со слични притисоци што ја загрозуваат нивната одржливост и можноста слободно да дејствуваат.
„Во Западен Балкан доминираат структурната нестабилност, зависноста од донаторски средства и краткорочното финансирање. Во Србија, пак, граѓанските организации дополнително се соочуваат со правни притисоци и етикетирање како „странски агенти“. Посебно загрижувачки се состојбите во Кавказот, пред сè во Грузија, каде што граѓанскиот простор сериозно се стеснува преку рестриктивни закони и финансиски ограничувања. Во Централна Азија се засилуваат авторитарните практики, надзорот и самоцензурата, а во Црноморскиот Регион граѓанските организации развиваат различни стратегии за опстанок и справување со притисоците“, кажа Дурлиќ.
Јашари: Технологијата треба да им служи на луѓето, а не обратно

Извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, истакна дека технологијата треба да биде во служба на луѓето, а не обратно, нагласувајќи дека медиумскиот интегритет и борбата против дезинформациите остануваат меѓу клучните приоритети.
Тој посочи дека граѓанскиот сектор се соочува со големи промени, особено во поглед на финансирањето, кое и натаму претставува сериозен предизвик за организациите во регионот. Во услови кога сè поголем дел од активностите се одвиваат во дигиталниот простор, институциите, според него, сè уште не успеваат да го следат темпото на технолошкиот развој.
Јашари направи споредба меѓу застарените институционални структури и брзиот развој на вештачката интелигенција, оценувајќи дека тоа е како да се има моќен мотор вграден во автомобил од 1960 година. Токму затоа, нагласи тој, неопходни се меѓусебната поддршка, солидарноста и соработката меѓу организациите што се соочуваат со слични предизвици.
На панел-дискусијата учествуваа и Ани Џилозијан, експертка за човекови права и коосновачка на организацијата „Нова култура на правдата“ од Ерменија, како и Серик Беисембаев, социолог и директор на независниот истражувачки центар „Paperlab“ од Казахстан.
Дискусијата ја истакна потребата од зајакнување на отпорноста на граѓанското општество, заштита на демократските вредности и обезбедување долгорочна и одржлива поддршка за организациите што работат во сè порестриктивни политички и општествени услови.
Конференцијата „MEGAPHONE & e-Society 2026“ се реализира во рамките на проектот „Регионален механизам за поддршка на Источна Европа и Централна Азија“, во партнерство со CIVICUS, како дел од Иницијативата за дигитална демократија (DDI). На конференцијата има околу 100 активисти, претставници на граѓански организации, истражувачи и експерти за дигитални права од регионот.
Преземено од Мета.мк
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар