Спасовски во оваа изјава рече дека не станува збор само за технички измени на закон, туку за суштинско прашање како што е изборниот законик.

Импликации и врз транспарентноста, и по квалитетот на самите решенија. Транспарентноста е важна во демократијата. Вклученоста на граѓанското општество е стандард во демократските системи и дел од препораките на меѓународните организации. Игнорирањето на тие стандарди испраќа лош сигнал за демократската зрелост. Кога една власт создава клима да клучни законски измени се подготвуваат без учество на невладини организации и експерти се создава перцепција дека правилата на изборите се „кројат“ според интересите на власта. Без вклучувањето на граѓанскиот сектор, квалитетот на законските решенија се намалува, бидејќи граѓанскиот сектор во изборната област со години акумулира експертиза, од мониторинг на избори, до препораки за фер и демократски процес и е потребно да биде вклучен во процесот на носење на Изборниот законик, истакна Спасовски.

За крај Спасовски додаде дека овој пристап отвора простор за политичка злоупотреба и се нарушува кредибилитетот на целиот процес и дека изборните правила мора да бидат резултат на широк консензус.

Арта Биљали Зендели изјави дека пред сè, ДУИ е за целосно опфаќање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР што произлегоа од последните избори, но и оние од претходните избори кои што не се опфатени.

Во врска со невклучувањето на граѓанскиот сектор, би сакала да нагласам дека носител на процесот е Владата преку Министерството за правда и тие го носат товарот на невклучувањето, односно нецелосното вклучување на релевантните актери во изготвувањето на новиот Изборен законик. Сметаме дека процесот треба да биде инклузивен, односно на невладините организации кои играат важна улога во нашето општество и невклучувањето не требаше да се случи од страна на Владата, рече Биљали Зендели.

Од ВМРО-ДМПНЕ одговорија кратко и без да додадат детали за Изборниот законик. Тие рекоа дека во Работната група за изготвување на Изборниот законик, тие, како политичка партија, учествуваат на покана на Министерството за правда.

За подетални информации за тоа кој учествува на овие состаноци, би сакале да ве упатиме до Министерството за правда, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Зекирија Таипи од ВЛЕН изјави дека во рамките на работните групи од сите политички партии има експерти кои работат на Изборниот законик и сè е во согласност со препораките на ОБСЕ-ОДИХР.

Носител на процесот за изготвувањето на новиот Изборен законик е Министерството за правда, а за невклучувањето на граѓанското општество треба да биде прашан министерот за правда, Игор Филков, рече Таипи.

ДИК: Ги доставивме нашите барања

Од ДИК за Порталб.мк велат дека писмено ги доставиле своите предлози за измените на Изборниот законик до Министерство за правда и Собранието. Предлозите кои ги доставиле, над 20, се директен одговор на препораките од Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР и се од технички карактер и од аспект на функционалност на изборниот процес, како и од практичните искуства на терен.

Нашата примарна цел е низ конкретни законски решенија да овозможиме попрактично и поефикасно спроведување на изборните процеси. Понатаму, предлозите ја опфаќаат областа на ажурирање на податоците и меѓуинституционалната соработка, со цел поголема прецизност на Избирачкиот список, како и клучниот сегмент за финансирање и логистика. Предлагаме системско решение ДИК директно да ги исплаќа надоместоците на изборните тела, со што трајно би се надминале проблемите во општините со блокирани сметки и би се спречила ситуација со исплатите на надоместоците со која се соочивме за Локалните избори 2025 година. Дел од нашите препораки се насочени и кон изборната кампања и медиумското претставување, ДИК предлага плаќањето за платеното политичко рекламирање (ППР) да не се врши преку Комисијата, бидејќи станува збор за облигациони односи меѓу медиумите и учесниците, за кои согласно член 31 ДИК не е надлежна, како и континуирани техничко-процедурални усогласувања во самиот законик, со цел да се елиминираат правните празнини и нејаснотии во примената на законот, изјавија од ДИК.

Оттаму додаваат дека ДИК не членува активно во работната група за измена на Изборниот законик, но Државната изборна комисија изразува подготвеност за активно и директно учество.

Очекуваме кога ќе биде при крај текстот на Изборниот законик да бидеме повторно консултирани за да дадеме мислење за новитетите на кој начин би биле споведени и дали се спроведливи, истакнуваат оттаму.

Потсетуваме дека на 17 август минатата година Државната изборна комисија одлучи дека за да можат независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на локалните избори кои што се одржаа во октомври да бидат доволни два потписа од двајца избирачи. Редовните локални избори се одржаа на 19 октомври  2025 година (прв изборен круг) и 2 ноември 2025 година (втор изборен круг). А на 11 јануари се одржаа повторени избори во четири општини. Според она што досега е напишано во медиумите измените на Изборниот законик се фокусираат и на промената на изборните единици од шест на една изборна единица, изборниот праг и вклучувањето на дијаспората во гласањето.