Границите на дозволеното: од чаевите на Баба Рада до Њу Ејџ концепцијата

Baba Rada na Buba Mara-resize-normalizirano
Доделување на наградата Златна Буба Мара за емисијата „Билките на баба Рада“ на истоимената водителка. Фото: Канал 5, 2014

 

Популарноста на емисиите за билкарството одделни продуценти како да сакаат да го збогатат со „њу ејџ“ номенклатура на феномени. Тоа кај нас не е регулирано подрачје за квалификувана програмска опсервација, па станува отворен пазар на атракции

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Нема сомнение дека емисијата за лековитите билки на водителката Рада Бошковска (69), која се емитува секој работен ден во ударниот попладневен термин во работни денови на програмата на националниот радиодифузер Канал 5, отвори многу прашања. Најнапред дилемите се јавија меѓу професионалните медицинари, лекари и фармацевти, кои како да чувствуваат дека „ќе останат без работа“. Или поконкретно, тие се прашуваат до каде е границата на т.н. лекување со природни билки и дозволени супстанци за тие совети да не ја минат линијата која може да донесе несогледливи последици. Овие критичари не ја гледаат опасноста во една емисија, туку во намножените програми од тој тип во кои се сретнуваат секакви исцелители .

 

Разочараните во лековите, сакаат да веруваат во чуда

 

Притоа, да расчленуваме и понатаму, можнo е кај лицата кои сакаат да веруваат во чуда, „разочарани“ од класичната медицина, тие да се концентрираат само „кон чаеви“, па да заборават на својата дотогашна терапија и да си направат штета, која, потоа, медицината не може да ја совлада (Десетици случаи со компликации од надри-лекари секој месец на клинички). Или, пак, да се засили во потсвеста на еден дел од гледачите верувањето дека „само во природата, или можеби натприродното е спасот,“ дотолку што луѓето со здравствени проблеми белите коридори ги доживуваат како „ѓаволска средина“ или за оние поурбаните, да речеме, да влезат во некаков „њу ејџ филм“.

Самата водителка баба Рада, инаку образована жена, не ја крие својата религиозност, ја подвлекува одвреме-навреме и, да ја цитираме, таа во едно интервју вели „Махатма Ганди бил запрашан на што се должи неговата виталност, а тој одговорил: ’Вербата во Бога, едноставниот начин на живот и пиењето чаеви од лековити билки’“. Иако одвреме-навреме водителката покажува дека не ги прескокнува лекарите и ги прашува гледачите „што ви вели вашиот матичен“, таа, заради смислата на целата емисија, секако, му доаѓа како еден вид на супервизор над здравствената ситуација кај оние кои ѝ се јавуваат и бараат помош, особено забележлива во моменти на личен очај кај најтешките заболувања.

Кај популароста на оваа емисија има и еден друг, повеќе би го нарекле продуцентски феномен. Тоа е нешто што како ширење на асортиманот на билките на целосната, погоре спомената, „њу ејџ“ номенклатура на феномени. На тој начин како да се прават обиди за поврзување на лекувањето со народната медицина со празноверието или квазирелигијата. Овие отклони кои, видливо, не ѝ се сосема по вкус на водителката, но кои како да се наметнати „од горе“, претставуваат обид за ширење на базната консумерска клиентела на проектот. Најнапред, заради ширење на листата на гостите од кои некои дури и имаат свои емисии за религија (кои се приказна за себе), со други кои сметаат дека со чаевите треба да се комбинира „верата во Бога“, а има и трети кои навечер ќе ги видите како на други канали водат емисии „за Александар Велики“ или, пак, се бават со нешто што значи „бистрење политика“, па билкарството едноставно станува само база за пораст на личната популарност, па и бесплатна комерцијална презентација.

 

Води што враќаат живот ваму, волшебни камења таму…

 

Тука се и репортажите „на лице место“ од „волшебни чешми“, од места каде се зема камче па се става под перница, каде треба да се запали свеќа и како и каде тоа да се стори… Во дел од нив учествува и уредничката на емисијата „Билките на Баба Рада“ – Марија Саздова, која и самата, во рамките на нејзиното некогашно попладневно шоу „Заеднички ручек“ викаше гости со интересни преокупации од т.н. гранични зони, како што беше, на пример, да се потсетиме, прилогот за светите камења во македонската религија, со поттеми – светите камења и плодноста, потоа Црниот камен во велешко и слично.

Во емисиите за билкарстото гостуваше и Зорица Костовска, авторка на серијалот кој одеше на Канал 5 „По делата ќе те препознаам“, а чија порака по медиумите е дека се работи за прилози „кои треба да го шират православието и едукацијата во својата вера, која е патот до спасението“.

Конечно, еден од почестите гости во емисијата на баба Рада, Атанас Медарски, е од оние кои сметаат дека „ Македонија е изворот на светот. „Од Македонија тргнуваат јазиците, темата за бог, религијата, правниот систем, се потекнува од Македонија“, вели овој човек кој освен со религијата, историјата и слично, се бави и со традиционалното билкарство, а кој доби право на цел серијал на други медиуми.

Секако дека во голема мерка продуцентите имаат слобода да ја дефинираат својата програма според своите интереси и очекувања на публиката. Од друга страна, за тоа своевремено и се формираше Советот за радио дифузија, мора да постои некој кој ќе одредува што е дозволено да се прикажува на малите екрани, во кој термин, за која публика, во кој обем, со или без ограда од уредништвото…

Во разговор со некои некогашни членови на Советот за радиодифузија се дозна дека во тој сегмент кај нас формално има голема празнина – нема напишани правила за разграничувањето меѓу рационалното и ирационалното.

 

Британски правила на игра

 

Затоа, добивме можност да ѕирнеме во британските „правила на игра во овој домен“ и тие се доста содржајни.

На Ofcom (британскиот радиодифузен регулатор) радиодифузниот правилник од март 2013 година како релевантна регулатива се земаат Законот за комуникации од 2003 и членовите 10 и 14 од Европската Конвенција за човекови права. Најпрво се цели кон заштита на малолетниците и се додава – и возрасните од материјал кој може да биде штетен кај телевизиските и радио услуги.

Програмата, велат британските опсервери на тв програмите, не смеат да создадат заблуда кај публиката и мора да се внимава на контекстот во кој се емитуваат програми, што веќе ги наведовме погоре како проблематични (чаеви за секоја болест, билки како подобра замена за фармакологијата и медицината, празноверие, парарелигија). Па, така, таква програма не смее да предизвика понижување, вознемиреност, нарушување на човековото достоинство, дискриминаторски третман или јазик (на пример, и по основ на вероисповед). Во проблематични случаи мора да се даваат додатни информации за избегнување на негативни ефекти на материјалот или во насока да се минимизира тој ефект. Имено, на сцените со прскањето со некаква „света водичка“, одењето во овој или оној манастир по лек од неплодност или слично, не може да му е место во програма која оди во 16 часот, бидејќи тоа е период кога телевизија гледаат и оние кои не можат самите да направат дистанца од виденото или да имаат критички, селективен однос кон ваквата содржина. А, тоа евидентно го имавме во некои од споменатите емисии и серијали, не постојано, ама може да се рече дека изненадувањата се можни секој ден, без да се најават или очекуваат.

 

Програми кои не смеат да ви го променат животот

 

Гледачите, се вели во овој водич за дозволеното, не смеат да бидат неподготвени за вакви содржини – не може некој да чека емисија за камилицата, а вие да му подметнете „моќна водичка“ која го враќа видот на тоа и тоа место!

Од овој извор, кој се однесува за дозволените содржини на тв програмите на Островот, стои дека програмата која отскокнува од рационалниот приод мора да биде третирана со должна објективност ако не се работи за забава.

Во тој контекст се вели дека ваквите програми не смеат да целат кон тоа да ви го променат животот! Религиите се изземени од некои од овие правила, ама има други (на пример, нив треба да ги осмислуваат свештени лица, во многу земји!). Во овој можеби наш иден урнек во осмислувања на недозволените или ограничени ТВ содржини од страна на овој или некој иден регулатор, советите кои во голем мерка би ви ги смениле животните навики и би ви го намалиле разумното однесување не смеат да се случуваат во областите кои се однесуваат на здравјето(!), финансиите, вработувањето и работните односи!

И додека кај нас нема правила за тоа како и кога ќе се емитуваат овие се попопуларни емисии, со кои огради, ликот на реално шармантната повозрасна жена, Баба Рада, влезе во тестот по биологија, дознаваме дека раководниот тим на Канал 5 размислува целосно да ребрендира емисијата и еден од двата канали да ѝ ги посвети на народната медицина, врзана за други феномени кои се од подрачјето на „твајлајт зоната“.

Паралелно со оваа програмска тенденција расте бројот на мали огласи со адреси на „волшебници“ кога е во прашање нашето здравје, некогашен министер за здравство продава преку телевизијата превртени пирамиди или некои суплементи, а еден надрилекар, „стручњак“ за меланоми, неодамна уби свој пациент во Кавадарци и беше осуден на три години затвор.

Ако е за утеха, барем пишуваните медиуми во целата ситуација ја задржаа нормалноста и барем тие го имаат оној критичен однос кон новите „здравствени“ телевизиски феномени.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција