Грчки медиуми рекламираат „Бесплатно сместување и работа на Крит“ за ателјеа што се плаќаат до 300 евра месечно

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Грчкиот сервис за борба против дезинформaциите ellinikahoaxes.gr анализираше написи во неколку грчки медиуми во кои се тврди дека едно село на најголемиот грчки остров Крит нуди бесплатно сместување и работа за нови, млади, жители. Но таквото тврдење во насловот, го нема во поголем дел од текстовите.

Всушност, станува збор за селото Верекинтос на Крит. Додека насловите тврдат едно, во текстовите се гледа дека сместувањето не е бесплатно, туку ќе треба да се плаќа 200-300 евра месечно. Дополнително, не се нуди работа за уметници, туку секој треба да си најде работа, односно егзистенција со продажба на дела.

Верекинтос е село-уметничка колонија крај Ханиа, каде се создава и промовира критска уметност. Има 35 ателјеа и работилници, кои се издаваат за 200 до 300 евра месечно. Интересно, новите статии што ги анализира ellinikahoaxes.gr се темелат на две статии од грчки веб-сајтови, од кои едната објавена во 2014, а другата во 2016 година. И од статиите – и старите и некои од новите – генерално се гледа дека никому не му се нуди работа, туку секој си работи самостојно и остварува егзистенција.

Според сето тоа, тврдењето од насловот дека се нуди бесплатно сместување и работно место се неточни, оти станува збор за изнајмување ателје и простор за домување, а потоа уметниците или занаетчиите, самите си остваруваат егзистенција, посочува грчкиот сервис за борба против дезинформациите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција