Гробот на Александар не е тука, ама е тука!

08252014-Vecer-Grobot-na-Al-crop-resize

[Рецензија на текстот Гробот на Александар е во Македонија, што најдовме во Овче Поле!?]

Текстот што предмет на оваа рецензија е првиот од очекуваната серија текстови со кои ќе отпочне големото ретерирање и спинување на големата утка на епохата, наводната локација на гробот на Александар Велики во близината на Свети Николе, на локалитетот Црнилиште, која со голема помпа и спонзорство на локалната и централната власт (Општина Свети Николе и Министерство за култура), се промовираше пролетта оваа година.

Инаку, предлог да се рецензира овој текст ни пристигна од наш читател кој и самиот напиша:

„Веќе ретерираат за тврдењата што самите тие, и „истражувачите” и медиумите блиски до власта, ги надуваа како балони.“

Но, тоа е само врв на брегот на надуваните балони. Нашиот читател вели дека „написов е проблематичен како пропагандент памфлет, има многу работи што намерно се испуштени.“

08252014-Vecer-Grobot-na-AlЛинк до оригиналниот напис: Гробот на Александар е во Македонија, што најдовме во Овче Поле!?

Датум и време на објавување: 24.08.2014, 22:57

Датум на рецензирање: 25.08.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитоста во оваа медиумска мешаница е набркана уште во самиот наслов „Гробот на Александар е во Македонија, што најдовме во Овче Поле!?“. Сега веќе не е вистина дека гробот на Александар е во Овче Поле, ама сигурно е во Македонија. Во Црнилише има гробница или на Големата Мајка, или на богот на Сонцето Ѕе (какво име, а!).

Уште пострашно е што ова го тврдат сосема некомпетентни „научници“ и експерти, односно луѓе кои немаат ниту „а“ од археологија. Така забележал и нашиот читател кој го предложи овој текст за рецензија и додава:

„Кога некој нестручен дига џева и збира корист (па и троши туѓи пари) за нешто од област на стручност што ја нема, се нарекува шарлатан.”

Така вели нашиот читател. Реценезентот на оваа медиумска содржина сосема го прифаќа овој став, но, доколку тоа е личен став и на рецензентот и на читателот, методологијата за проверка на фактите од медиумите е сосема објективен инструмент.

Тој инструмент, кога изворите на новинарските текстови се во прашање, вели дека е сосема непрофесионално информации да се земаат од нестручњаци (математичар и градоначалник) и да нема ниту еден археолог. Доколку новинарот имал причина да постапи вака, морал тоа да го објасни во својот текст.

Вака, новинарот и медиумот се изложуваат на критика која не може да биде побиена – дека постапиле непрофесионално и дека, сега, само се обидуваат да ги одржат дупнатите балони кои неосновано ги надуваа оваа пролет кога ја најавуваа големата сензација и откритие.

Впрочем, на еден од самонаречените трагачи по гробот на Александар не му е прв пат да биде демантиран за неговите „научни“ откритија. Во 2008 година академик проф. Д-р Петар Х. Илиевски во својот научен труд “Два спротивни приода кон интерпретацијата на антички текстови со антропонимска содржина“ (МАНУ, 2008.) ги разби тезите во трудот “По трагите на писмото и на јазикот на античките Македонци”, (Т. Бошевски, А. Тентов, Прилози 26, 2, Одделение за математичко-технички науки, МАНУ, 2005).

Трудот беше обид да се открие писмото на античките Македонци и нивниот јазик, чии граматички и морфосинтактички форми, според Бошевски и Тентов, биле зачувани во некои од современите македонски дијалекти.

Во вивисекцијата на академик Петар Хр. Илиевски се вели:

„Трудот на Б. – Т.  (Бошевски – Тентов, н.з.) е со претенција на научна работа, но е напишан нестручно со многу пропусти и непрецизности од секаков вид… Авторите, неоспорно, вложиле огромен напор да го редешифрираат средниот текст на каменот од Розета, но приодот им е погрешен и резултатите се со квази-научна вредност. Без да се води сметка за развојниот јазичен процес и историските факти, игнорирајќи ги досегашните вековни студии на античкиот македонски, без никаква реална подлога, авторите овде се обидуваат да го идентификуваат античкиот македонски со дијалекти од современиот македонски. Тие тргнале од лична претпоставка која, за жал, почива на површно прочитани и неправилно разбрани историски факти…”

Читателот што ни ја предложи оваа содржина за рецензија, е уште поилустративен. Тој вели:

„Славата (на авторите на дешифрацијата на текстот на Каменот од Розета, н.з.) доаѓа само од политичката и медиумската поддршка во земјава, надвор се или предмет на игнорирање како глупост невидена или одат по некои леви конференции како во Русија пратени од државата и таму им викаат ’аа, многу интересно’ и после никому ништо, куртоазно ги испраќаат, бришат пот од чело и си викаат „човече какви б…”

И на крајот, не можеме да не се согласиме и да не споделиме уште едно остроумно согледување на нашиот читател. Тој заклучува дека политичката и медиумска подршка на вакви, квази научни проекти, е „тешка манипулација“, особено оној дел дека Грците нема да имаат „среќа” да го најдат тој гроб (на Александар, н.з.):

„Тотална пропаганда е дека ние сме избраниот народ од Господа, затоа гробот мора ’да се падне’ кај нас.“

На ова ние ја додаваме изјавата на еден од изворите во текстот кој вели:

„Моите сознанија покажуваат дека гробот на Александар Македонски се наоѓа овде, во Македонија, но на сосема друга локација“

И оваа изјава поминува со голема леснотија кај новинарката и со тоа се најавува нова, голема преселба на медиумската и квази-научна харанга во потрага по гроб.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција