Груевски е грешка, нема жртва од пожарите во Македонски Брод

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Од МВР за „Вистиномер“ потврдија дека досега не е пријавена ниту регистрирана човечка жртва од пожарите во Македонски Брод. „Досега е пронајдено едно изгорено тело во с. Љуботен, за што полицијата информираше претходно, но според нашата истрага, станува збор за семејна расправија во која мажот ја запалил жената“, велат од МВР.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 06.08.2017 година ја посети општината Зелениково, каде што имаше пожари, со цел да види каква е состојбата на терен. Тој ја критикуваше актуелната Влада, истакнувајќи дека не може да се справи со пожарите, а го изјави и следново:

Еве 20 дена не можат да ги изгаснат пожарите, во М. Брод веќе имаме една жртва и 5 куќи изгореа и никому ништо, ниту има помош, ниту каде да се сместат.

[Извор: Курир, датум: 07.08.2017]

Оваа изјава на Груевски ја сметаме за невистинита.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека пожарите во Македонија однеле една жртва во Македонски брод е неточна. Во медиумите досега не е објавена информација дека некој починал од пожарите, а информацијата ја негираат и од МВР и од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Нема жртва во Македонски Брод, а на терен се ангажирани сите расположливи сили – пожарникари, припадници на Армијата, хеликоптерите на АРМ, два хеликоптери испратени за помош од Бугарија и Турција, а доброволци и вработени во државни институции помогаат во гаснењето на пожарите, велат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) во изјава за Дојче веле.

Од МВР за „Вистиномер“ потврдија дека досега не е пријавена ниту регистрирана човечка жртва од пожарите во Македонски Брод.

Досега е пронајдено едно изгорено тело во с. Љуботен, за што полицијата информираше претходно, но според нашата истрага, станува збор за семејна расправија во која мажот ја запалил жената, велат од МВР.

ВМРО-ДПМНЕ, пред изјавата на нејзиниот лидер, Никола Груевски, излезе со соопштение во кое ја информираше јавноста дека „неспособноста на СДСМ ја однесе првата жртва од пожарите“.

Неадекватниот однос на СДС со пожарите вчера ја однесе првата човечка жртва во скопското село Љуботен, каде е пронајдено изгорено човечко тело. Изгубен е живот кој со навремена реакција на институциите би бил спасен, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, пренесе Макфакс.

Информацијата за пронајдено изгорено човечко тело во с. Љуботен претходно, на 04.08.2017 година, ја објави МВР.

Изгорено човечко тело било пронајдено ноќеска во меѓа на ливада кај скопското село Љуботен, извести СВР Скопје. Околу 23.30 часот вчера, во полиција било пријавено дека гори меѓа од ливада кај селото, по што полициска екипа излегла на терен и по згаснувањето на огнот било најдено изгорено човечко тело. По наредба на јавен обвинител телото е предадено за обдукција, објави Мета.

Ова јасно укажува на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ ја спинувало информацијата на МВР, за потоа нејзиниот лидер Груевски да ја зачини и дополни со „жртва во Македонски Брод“. Информацијата ја негираа од МВР и од ДЗС. Поради тоа, може да се заклучи дека изјавата на Груевски, дека пожарите однеле една човечка жртва, е неточна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција