Груевски: Фактите ќе се утврдат „низ транспарентна и објективна постапка“, ама моето сведочење ќе биде затворено за јавност

 

„…Би го искоментирал и тврдењето на Заев дека постапката против него и неговите соработници била со цел да се спречи да ги објавува материјалите. Ако целта ми беше да го замолчам или спречам, како што самиот кажува, тогаш логично би било да ги прифатам неговите уцени и неговите барања за техничка влада. Но, јас тоа не го направив. Овдека играта не е Зоран Заев. Тој е само еден најобичен инструмент, камиказа. Овде играта е многу поголема, преголема за неговите сфаќања. Јас не сум човек, кој функционира под закани и уцени. Тоа е неприфатливо кон граѓаните и кон државата да калкулирам за националните и државните интереси. Сите факти и околности треба и верувам ќе се утврдат низ транспарентна и објективна постапка.“ (Никола Груевски)

[Прес конференција, 25,02.2015, Извор: YouTube]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ова e една од изјавите на премиерот, овојпат искажана на прес конференција во Владата, во која тој вели дека „треба и верува“ сите факти и околности околу скандалот со прислушувањето да се утврдат „низ транспарентна и објективна постапка.“ Вакви слични изјави, кои се однесуваа генерално на идната постапка, а некои и конкретно на судска постапка, премиерот даде неколку.

Дополнително, во оваа изјава тој говори и за работи кои по правило не се утврдуваат во судска постапка, туку во постапка преку која би требал ода се утврди политичката одговорност за прислушувањето. На пример, дали Заев е „најобичен инструмент, камиказа“, дали имало обид од страна на Груевски Заев да биде спречен да ги објавува прислушуваните материјали и уште поважно, дали имало калкулирање за националните и државните интереси, кои би биле неприфатливи кон граѓаните и кон државата, не се работи кои се утврдуваат во судска постапка, туку станува збор за политички постапки, за постапки на политички функционери за кои треба да се утврди постоење или непостоење на политичка одговорност. Се разбира, дека судска постапка, треба да има за да се утврди дали и кои закони се прекршени, но овие конкретни елементи за кои Груевски говори во оваа ијзава се однесуваат на евентуална политичка одговорност.

А, за утврдување на политичка одговорност, единствена предвидена институција или форум со Договорот од Пржино е токму собраниската Анкетна комисија. Да видиме што вели тој за мандатот на оваа комисија, чие првично име во Договорот е наведено како „Специјална истражна комисија“.

На 1 септември 2015, СДСМ ќе се врати во Собранието и ќе претседава со Специјалната истражна комисија за скандалот со прислушувањето. Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите која, исто така, ќе започне со работа, со цел да ги истражи демократските недостатоци и пропусти во функционирањето на тајните служби (УБК). Почетниот извештај за наодите на овие комисии претставен во ноември 2015 година.

Иако наведените рокови од Договорот се пробиени, од она што е содржано во него за мандатот на оваа комисија, јасно се гледа дека токму таа е онаа која треба да го истражи скандалот со прислушувањето, како и дека од нејзиниот извештај треба да произлезе постоење или непостоење на нечија политичка одговорност за незаконското прислушување. Значи, таа е вистинското место каде што треба да се истражат „сите факти и околности“ и истите да се „утврдат низ транспарентна и објективна постапка“.

Но, за жал, премиерот Никола Груевски тоа не го дозволи, повикувајќи се на, како што потоа се испостави, непостоечкото објавување на класифицирани информации. Уште повеќе, премиерот потоа и се премисли, истакнувајќи дека побарал седницата на која тој го даде своето сведочење да биде тајна не заради некакво објавување на класифицирани информации, туку заради негова лична претпоставка за евентуално моѓно однесување на пратениците на СДСМ, членови во оваа комисија, кое за него лично би било неприфатливо.

12369210_1051298798234805_6891728139666780173_n-crop-document

Избегнувањето на транспарентната и објективната постапка да се истражи скандалот на прислушувањето на вистинското место, создадено токму за таа намена и тоа со заеднички меѓупартиски договор на кој е потписник и самиот премиер, ја прави неговата изјава комплетно недоследна.

 

Оценил: Владимир Петрески

 

ИЗВОРИ:

  • Прес-конференција на премиерот Никола Груевски (25.II.2015), https://www.youtube.com/watch?v=w0xm1zw_cr0, [Пристапено на 18.12.2015]
  • Договорот од Пржино – превод на македонски јазик, http://vistinomer.mk/shto-tochno-se-veli-vo-dogovorot-od-przhino/, [Пристапено на 18.12.2015]
  • Груевски: Одговорив на сите прашања, http://vistinomer.mk/gruevski-odgovoriv-na-site-prashana/, [Пристапено на 18.12.2015]

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција