Груевски ги подели граѓаните на „вмровци и други“

Груевски неуспешно се обиде да дојде до политички поени. Фото: Скриншот

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во саботата во интервју на Сител даде целосно некоректна изјава дека 80 отсто од луѓето кои помаагаат во поплавените подрачја се членови или активисти на владејачката партија:

Се работи максимално, околу 3.000 волонтери и војска, полиција, итн, се на терен, од коишто најголем дел се и од ВМРО-ДПМНЕ, активисти, членови, кои по повик на партијата и на општинските комитети заминаа таму и секојдневно се таму.

Практично, ако се земат и огромен број на работници кои што, освен како волонтери, дојдоа и преку одредени јавни претпријатија или на повик на градоначалници, организирани од наши градоначалници, веројатно над 70-80 проценти од луѓето кои во минатите денови помагаа беа наши членови и активисти. Се разбира имаше и други граѓани кои што помагаа и на сите би сакал да им упатам јавна благодарност за сето тоа што го правеа во минатите денови и денеска, и се надевам во наредните денови – додаде Груевски. (од 3:22 до  4:11 во видеото).

 

[Извор: ТВ Сител, Датум: 13.08.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

 

Оваа изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со која тој дури 80 отсто од волонтерите ги прогласи за членови или активисти на партијата на чие чело се наоѓа, е непринципелна  и целосно непоткрепена. Наспроти декларативниот став на ВМРО-ДПМНЕ да не се политизира трагедијата со поплавите во Скопскиот регион, Груевски со ваквиот настап го направи токму тоа, а згора на сè ги подели македонските граѓани на „вмровци и други“. Па гледано од тој аспект неговата изјава е недоследна.

Исто така, Груевски не понуди ниту еден доказ за да го поткрепи тврдењето дека огромен процент од волонтерите се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Реално гледано не постои можност ниту прецизно, ниту приближно да се пребројат луѓето кои помагаат во Стајковци, Ченто, Сингелиќ, Инџиково според нивната партиска ориентација и пртипадност. Дури и самиот тој, во наредната реченица оди против тоа што го кажа. Имено Груевски, вели дека огромен број на работници  дошле „преку одредени јавни претпријатија“,  за кои нели, не може да се генерализира дека се од ВМРО-ДПМНЕ. Некои од нив можеби се членови на овааа партија, но некои можеби и не се.  Така што, гледано во целина неговиот исказ го оценуваме за невистинит.

Во Фејсбук-групата Humanitarna pomos za poplavenite semejstva vo Skopje од неделата, значи неколку часа после поплавите, постојано се придодаваа нови волонтери од граѓаните, и преку неа се координираше граѓанската акција за помош. Притоа, во илјадниците постови и коментари не можеше да се забележи политичка поделба и организација меѓу волонтерите, ниту пак, се вршеа селекции на политичка основа при организирањето за доставување помош или избор на луѓе од настраданите подрачја на коишто ќе им се помогне. Во ниту една координација не се спомена дали се некои од тие луѓе за власта или опозицијата. Единствените моменти кога се споменуваше партиска припадност беше кога волонтери сведочеа за своите искуства на терен, кога им било кажано дека не сакаат помош од „Шарената револуција“, но и обидите за пофалба на една или друга партија за нејзината ангажираност и помагање.

Групата во моментов кога се пишува текстот има безмалку 15.500 членови. Постовите и коментарите во неа се без број. Сеедно, со кратко прелистување секој може да посведочи дека не се врши политичко профилирање.

Паушалната оценка на Груевски „веројатно над 70-80 проценти од луѓето кои во минатите денови помагаа беа наши членови и активисти“ е крајно некоректна, а неа и самиот како претседател на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја потврди. Дури и под претпоставка  да покаже партиски списоци со ангажирани волонтери, нема доказ дека тоа се сите луѓе што доброволно помагаат на терен.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција