Груевски: Избирачкиот список може да се прочисти за неколку дена
Доцна во ноќта,односно пред да зазори на 16 декември, после 12 часовните преговори за утврдување на датумот на изборите во резиденцијата на Европската Унија во Скопје, премиерот со депонинара оставка, Никола Груевски, во својата изјава за исходот од преговорите, меѓу другото, рече:
Тој (Зоран Заев, н.з.), знае дека методологијата за избирачките списоци и самото прочистување на избирачките списоци е работа што може да се заврши за неколку дена.
[Извор: Телма ТВ, 02.38-02.48 мин., Датум: 16.01.2016]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ова е сериозно доведено во прашање веќе наредниот ден од страна на Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски. Пресретнат од новинарите пред Клубот на пратеници, каде што работните групи еден ден после лидерската средба на четирите партии со Јоханес Хан, продолжија да работат на усогласување на разликите околу избирачкиот список и медиумските реформи, Чичаковски изјави:
На прашањето дали избори на 24 април може да се спроведат, мојот одговор е дека технички изборите може да се спроведат, меѓутоа проверка и пречистување на избирачкиот список не може да спроведе што значи дека не може да се обезбеди ниту избирачки список во кој сите ќе имаат доверба. Во овој краток рок проверката на избирачкиот список може да биде импровизација и со таква постапка нема да добиеме кредибилен избирачки список и кредибилни избори. [Извор: Телма ТВ, Датум: 17.01.2016]
Чичаковски, во својата изјава дополни дека ова свое мислење им го соопштил на претставниците на сите политички партии опфатени во преговарачкиот процес:
Ги информирав претставниците на политичките партии за позициите на ДИК. Ние сме проактивни, сакаме да го помогнеме процесот за да тече што е можно побргу. Мојата изјава и моите позиции кои ги кажував со сите актери со кои се видов претходно, ќе ви ги поделам. [Извор: Телма ТВ, Датум: 17.01.2016]
Медиумите констатираа дека никој од партиските преговарачки тимови не ги коментираше овие ставови на Чичаковски. А според медијаторот Ванхауте, тие воопшто не се разликуваат од оние што му биле презентирани на комесарот Хан.
Ванхауте пред новинарите дополнително го образложи ова тврдење:
Технички избори може да се организираат во било кое време, тоа е позицијата на комесарот Хан. Она што парламентот треба да го има предвид е кредибилноста на овие избори. А за да се има навистина кредибилни избори, а не само избори заради избори, потребно е да се има добро пречистен избирачки список. Тоа е од основна важност. Дајте прво да се прочисти избирачкиот список, а потоа да има избори.[Извор: Телма ТВ, Датум: 17.01.2016]
Нешто подоцна во текот на истиот ден, на 17 јануари, некои медиуми излегоа и со дополнителни информации за аргуметите на претседателот на ДИК зошто избирачкиот список не може да се прочисти за да се постигнат веродостојни избори на 24 април:
ДИК (во новиот состав, н.з.) е формирана со 20 дена задоцнување и се уште не се одобрени двете методологии за проверка и прочистување на Избирачкиот список, подготвени од Државната изборна комисија. Ова е задача на партиите која тие не ја завршиле. Овие две методологии требаше да бидат одобрени на 10 декември 2015 година.
ДИК не знае колку време точно треба за проверка на Избирачкиот список затоа што нема доволно информации од институциите за структурата и чистотата на базите на податоци.
Ако изборите се распишат за 24 април 2016 година тоа значи дека Собранието може да се распушти на 24 февруари, а ДИК треба да го стави избирачкиот список на јавен увид на 5 март 2016 година, односно десет дена по распишувањето на изборите. Тоа значи дека теренската и оперативна проверка на списокот требаше да се направи од 10 декември 2015 година до 5 март 2016 година.
Законот предвидува рок од 85 дена за оваа операција, односно речиси три месеци. Тоа значи дека ние уште сега сме во задоцнување од 37 дена. Само вкрстените проверки, според ДИК, би траеле 5 до 7 недели. “, подвлекува Чичаковски во изјава за порталот НоваТВ. [Извор: НоваТВ, Датум: 17.01.2016]
Сето ова вкрстување на изјавите и фактите, ја прави изјавата на премиерот со депонирана оставка невистинита.
Оцени: Зоран Бојаровски
ИЗВОРИ:
- Телма ТВ (16 јануари, 2016 – 01:51), „Груевски: Само еден човек се обидува да ја продлабочи кризата“ (Од 02:38 до 02:48 од видеото), (Пристапено на 18.01.2016)
- Телма ТВ, (17 јануари, 2016 – 16:40), „Чичаковски: Пречистување на избирачкиот список не може да спроведе до 24 април“ (Пристапено на 18.01.2016)
- НоваТВ.мк, (17 јануари, 2016 – 19:33), „ДИК: Еве ги причините зошто не може да се пречисти изборниот список до 24 април“ (Пристапено на 18.01.2016)
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар