Груевски не е „ангел“ за крвавата ноќ во Собранието
Оваа изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во која тој „го осудува насилството и ги повикува надлежните институции да направат истрага и да ги казнат виновниците“, не соодветствува со неговото политичко однесување и со пораките кои ги испраќаше во изминативе пет месеци (од вонредните парламентарни избори на 11 декември 2016 досега) и ја сметаме за недоследна
Делува цинично и лицемерно човекот кој многупати во изминатиот период јавно го повикуваше народот „да ја одбрани државата од домашни и странски непријатели“, сега да се скандаллизира од тепањето на пратениците и да се претставува како „ангел“. Напротив, одговорноста на Груевски за крвавиот инцидент што се случи во Собранието (27.04.2017) е огромна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не може да побегне од тој факт. Сè друго е само извлекување и барање спас за сопствената кожа
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на 28.04.2017 во раните утрински часови, ја даде следнава изјава во врска со упадот во Собранието и насилството врз пратениците и медиумите:
Сакам да го осудам насилството коe поединци го направија напаѓајќи и лично повредувајќи поголем број пратеници. Никогаш не сум оправдувал насилство, независно кој и зошто го предизвикал.
Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага и да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд оние кои им нанесоа повреди на пратениците, граѓаните и на полицајците.
Никогаш во животот не сум помислил ниту на власт да дојдам, ниту да останам со насилства и со физички повреди на други лица, ниту пак подржувам други да го прават тоа, како такви кои ме подржуваат мене, така и моите опоненти.
Повикувам, исто така, да не се ставаат во ист кош огромното мнозинство граѓани кои со денови мирно протестираа и оние кои никого не повредија, со оние кои тоа го направија вечерва. Тие имаат право на протест, на изразување револт и на демократска борба за она во што веруваат, за доброто на Македонија…
[Извор: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 28.04.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во која тој „го осудува насилството и ги повикува надлежните институции да направат истрага и да ги казнат виновниците“, не соодветствува со неговото политичко однесување и со пораките кои ги испраќаше во изминативе пет месеци (од вонредните парламентарни избори на 11 декември 2016 досега) и ја сметаме за недоследна. Ваквата порака на Груевски во врска со крвавата ноќ во македонскиот Парламент, а која тој ја испрати од прес-конференција која се одржа по неговото враќање од Виена (28.04.2017) во четири часот по полноќ, претставува врв на иронијата!
Да потсетиме само на неговите настапи во последниве два месеца.
На 26 февруари 2017 година Груевски најпрво на својот Фејсбук профил, а потоа и на веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ објави апел во кој ја обвини СДСМ дека сака да ја редефинира државата и притоа повика: „Државата е нападната, ние и народот ќе ја браниме и ќе победиме.“
Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани. Сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија, верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда (Груевски).
Истото го повтори и еден час подоцна во интервју за телевизија Сител, во кое повеќепати повтори дека „само народот е тој кој може да ја одбрани државата“.
Апсолутно дека е загрозена унитарноста на државата. Се соочуваме во ситуација во која таа унитарност е нападната, а со тоа и државата. Народот е тој кој што може да ја одбрани. Кога државата е нападната, само народот е тој кој што може да ја одбрани (Груевски).
И само народот може тоа да го спречи и доколку народот не реагира, политичарите не можат да го самите да го направат тоа. Едните ја бранат државата, другите одат на спротивната страна. (Груевски)
На 10 март 2017 година Груевски во интервју за српски „Телеграф“ вели:
Македонија е на нозе, ако Заев не ја отфрли платформата, никој не може да предвиди како народот ќе реагира.
На 19 март 2017 година во интервју за телевизијата Канал 5, Груевски, исто така, неколку пати го повика народот да ја брани државата:
Ова е план (наводното сценариото на Заев за рушење на унитарноста на државата, н.з.), кој може само народот да го спречи. Потребно е народот да ја одбрани својата држава, затоа што може да ја нема. Државата може да ја нема ако се остави на овој човек и неговите сценаристи. (Груевски)
Нашата партија ќе се однесува демократски. Народот никој не може да предвиди што ќе прави. Народот е над политичарите. Тој што оди против волјата на народот и ги руши неговите интереси, тој нека мисли што може да го снајде од народот. (Груевски)
Впрочем, Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ имаа запалива реторика уште за време на кампањата за предвремените избори (декември 2016), а лично тој испраќаше пораки полни со омраза и закани кон неговиот главен политички противник – лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
На 07.12.2016 година Груевски од митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, му порача на Заев дека „доколку Гоце Делчев бил жив, ќе му го испрател Ќосето да ја заврши приказната со таков човек“ !
И тој дојде овде во Делчево и зборува, да станел Гоце Делчев, што ќе кажел за нас како Влада, која што изгради толку многу работи, која што привлече толку многу инвеститори, која даде толку многу енергија, сила, помош на земјоделците во Македонија и редица други работи. Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек (Груевски).
Па, колку и да се обидува човек да внимава да не избере тешки зборови, сепак, делува цинично и лицемерно човекот кој многупати во изминатиот период јавно го повикуваше народот „да ја одбрани државата од домашни и странски непријатели“, сега да се скандализира од тепањето на пратениците и да се претставува како „ангел“. Напротив, одговорноста на Груевски за крвавиот инцидент што се случи во Собранието (27.04.2017) е огромна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не може да побегне од тој факт. Сè друго е само извлекување и барање спас за сопствената кожа.
Така што, неговата осуда на насилството во Собранието и тврдењето искажано на пресот (28.04.2017) во седиштето на партијата, дека „никогаш во животот не помислил ниту на власт да дојде, ниту да остане со насилства и со физички повреди на други лица“, во најмала рака, прозвучува неискрено.
ИЗВОРИ:
- Официјална веб страна на ВМРО-ДПМНЕ (28.04.2017) : ВМРО секогаш била и ќе остане на страната на народот [Пристапено на 28.04.2017]
- Официјална веб страна на ВМРО-ДПМНЕ (26.02.2017) : Кога еден дел од политичарите не ја штитат државата, само народот може да ја одбрани [Пристапено на 28.04.2017]
- Официјална веб страна на ВМРО-ДПМНЕ (26.02.2017) : Груевски: Нападната е унитарноста на државата, само народот може да ја одбрани [Пристапено на 28.04.2017]
- (26.02.2017) Официјален Фејсбук профил на Никола Груевски [Пристапено на 28.04.2017]
- Официјална веб страна на ВМРО-ДПМНЕ (26.02.2017) : Државата е нападната, ние и народот ќе ја браниме и ќе победиме [Пристапено на 28.04.2017]
- Официјална веб страна на ВМРО-ДПМНЕ (10.03.2017) : Груевски за српски „Телеграф“:Македонија е на нозе, ако Заев не ја отфрли платформата, никој не може да предвиди како народот ќе реагира [Пристапено на 28.04.2017]
- Официјална веб страна на ВМРО-ДПМНЕ (19.03.2017) : Единствено народот може да ја одбрани државата затоа што може да ја нема [Пристапено на 28.04.2017]
- Официјална веб страна на ВМРО-ДПМНЕ (19.03.2017) : Што ќе прави народот нека му ја мислат политичарите кои одат против неговата волја [Пристапено на 28.04.2017]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар