Груевски: Опозицијата има доминација во ДИК, и секретар и претседател од своите редови
Во својот говор на 14.01.2016 година премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, меѓу другото, изјави:
Беше одбран составот на Државната изборна комисија каде опозицијата има своја доминација и секретар и претседател од своите редови. Нашата обврска беше целосно исполнета…
[Извор:Влада на РМ (0д 1,50 – 2,00 минута од видеото) Датум: (14.01.2016)]
Образложение:
На 24.08.2015 година најголемите политички партии се договорија околу изборот на членови на ДИК. Тие ќе се бираат по формулата 3+3+3, односно тројца членови да бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и на нив да им се приклучат тројца експерти кои ќе бидат бирани со двотретинско мнозинство во Собранието. [Пристапено на 15.01.2016]
На 16.11. 2015, Собранието, донесе одлука за објавување на оглас за избор на членови на Државната изборна комисија, која, според најновите измени на Изборниот законик, ќе ја сочинуваат 9 члена (тројца од власта, тројца од опозицијата и тројца непартиски членови избрани со консензус). [Пристапено на 15.01.2016]
На 15.12.2015 година, четирите партии, потписнички на Договорот од Пржино на лидерска средба се догворија тројцата независни експерти членови на ДИК да бидат: Реџеп Прекопуца, Атанас Урунов и Александар Чичаковски. Во заедничката писмена изјава дадена по средбата е наведено:
Препорачуваме Парламентот да ги назначи Реџеп Прекопуца, Атанас Урумас и Алсекаднар Чичаковски за независни експерти во ДИК. Го покануваме Парламентот да ги финализира неоходните постапки што е можно побрзо, со цел ДИК да запоне со својата работа и да ги преземе своите должности за подготовка на веродостојни избори и да придонесе за создавање рамноправни услови во предизборието, се наведува во заедничката изјава на четворицата лидери. Ја покануваме ДИК да ги донесе неопходните одлуки за прашања како што се кадровското екипирање, вклучувајќи професионален и висококвалификуван генерален секретар, за методологиите за проверка на Избирачкиот список и да утврди постапки за проверка и за одлучување по изборни поплаки врз основа на законските начела без политичко влијание, се наведува во заедничката изјава. [Пристапено на 15.01.2016]
Според изменетиот Избирен Законик во членот 27 став 5 стои:
Од кандидатите на предлог листата за членови на Државната изборна комисија, тројца членови предлагаат политичките партии во опозиција и тоа, политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието предлага двајца членови, а политичката партија во опозиција со втор најголем број на пратеници во Собранието предлага еден член на Државната Изборна Комисија. Партиите на власт предлагаат тројца членови на Државната Изборна Комисија, и тоа политичката партија на власт со најголем број пратеници во Собранието предлага двајца членови, а политичката партија на власт со втор најголем број на пратеници во Собранието предлага еден член на Државната Изборна Комисија. Тројцата членови на Државната Изборна Комисија од став (2) на овој член се избираат на заеднички предлог на партиите од власта и опозицијата од редот на пријавените кандидати.
Во истот член став 7 се вели дека:
Собранието на Република Македонија ги избира претседателот и потпретседателот од редот на членовите избрани согласно став (2) од овој член.
А ставот 2 вели:
За членови на Државната Изборна Комисија кои не се избираат по предлог на политичките партии, може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:
-да е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија;
-да има завршено високо образование, со најмалку пет години работно искуство;
-да не е член на орган на политичка партија во последните две години;
-не бил и не е носител или кандидат за носител на јавна функција во државната и локалната власт;
-не е јавен подржувач на политиките на власта или опозицијата;
-има стручни познавања и искуства во областа на изборите и изборните процеси
Во членот 30 став 2 од Изборниот Законик за избор на Генерален секретар се вели:
За генерален секретар може да биде избрано лице кое:
– е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија;
– има завршено високо образование во областа на менаџмент, јавна администрација и други општествени науки;
– не е член на орган на политичка партија;
– има стручно познавање и искуство во областа на менаџмент во јавниот сектор.
– е од редот на административните службеници од категорија Б, односно од редот на раководните вработени согласно Законот за административни службеници. [Пристапено на 15.01.2016]
Од сето ова може да се заклучи дека изјавата на премиерот Груевски дека „опозицијата има доминација во ДИК“ е невистинита.
Извори:
- Влада на РМ (14.01.2016): Обраќање за јавноста на премиерот Никола Груевски [Пристапено на 15.01.2016]
- Сител (14.01.2016): Обраќање на Никола Груевски [Пристапено на 15.01.2016]
- Фокус (16.11.2015): СОБРАНИЕТО ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ИЗБОР НА ЧЛЕНОВИ НА РЕФОРМИРАНИОТ ДИК [Пристапено на 15.01.2016]
- Телма (15.12. 2015): Партиите постигнаа договор за ДИК [Пристапено на 15.01.2016]
- Телма (13.11.2015): Во понеделник одлука за оглас за нови членови на ДИК [Пристапено на 15.01.2016]
- Правдико (10.11.2015): Што содржат новите предлог измени на Изборниот законик [Пристапено на 15.01.2016]
- Изборен законик [Пристапено на 15.01.2016]
- Мета ( 24.08.2015): Изборна математика: 3+3+3 за ДИК и 2+2 за Избирачкиот список [Пристапено на 15.01.2016]
Оценето од: Владо Ѓорчев
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар