Груевски заборави на согласноста за „Ванхојтовци и Катици“

Did he forget he consented to the current events to solve the crisis? Image: Screenshot

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, говорејќи на годишната конференција на Унијата на жени, на 24.01.2016 во Скопје, меѓу другото, рече:

После оваа лекција, која ќе дојде на изборите преку општонародното масовно гласање, ќе помине многу долго време, пред на некој политичар повторно да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачки служби, со соработка со криминалци, со фалсификатори, со Чауши, со Ванхојтовци, со Катици и со продавачи на магла, на типови чија главна цел е да ги изрекетираат бизнисмените во нивниот град.

[Извор: Дојче Веле, Датум: 24.01.2016]

 

Ваквата изјава на Груевски, покрај другите квалификативи со кои може да се оцени, во најмала рака е недоследно.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Зборовите „после оваа лекција“, демек, по изборите на кои СДСМ ќе загуби (на кого се однесува се заклучува од претходните и последователните реченици во говорот – н.з.), „ќе помине долго време пред некој политичар повторно да му падне на ум да се обидува на власт да доаѓа со голема измама, со соработка со странски разузнавачи служби…“, формално се невистина.

Доаѓање на власт со измама досега не е документирано низ една судско-правна процедура за ниту еден политичар во Македонија во целата нејзина историја на независност од 25 години. Многу пати имало сомневање дека изборите се украдени и многу пати имало протести по вложени жалби до наделжните органи за регуларноста на гласањето. Тоа резултирало и со напуштање на Парламентот.

Токму такво едно напуштање на опозицијата се случи помеѓу двата круга на парлaмeнтарните и претседателските избори во 1994 година, кога тогашната опозициска коалиција предводена од тогашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, и на Демократска партија, Петар Гошев, ги напуштија изборите.

Но, ниту еден круг од парламентарни избори досега не бил поништен, ниту се преповторил поради измами, а сите изборни циклуси биле признати од меѓунарoдната заедница.

За време на последните вонредни избори во 2014 година, како и за време на локалните избори во 2013 година, невладини организации со свои набљудувачи и медиуми тврдеа дека се случуваат изборни измами со избирачките списоци и со луѓе што гласаат, а немаат право да гласаат, како што беа граѓаните од Пустец или граѓани од други градови кои беа забележувани на одредено гласачко место.

Подоцна, преку процесот на објавување на незаконски снимени телефонски разговори што го водеше опозицијата во 2015 година, јавноста можеше да слушне за многу такви изборни измами и според тоа да се посомнева во регуларноста на процесот.

Токму и поради тоа, со една точка од договорот за излез од политичката криза, беше регулирано и носење на закон за формирање на Специјално јавно обивнителство, чија задача, како што е општо познато, е и испитување на овие наводи на опозицијата за кои веќе беа покренати и тужби пред редовното обвинителство.

Специјалното јавно обвинителство профункционира откако сите политички партии инволвирани во процесот, значи и партијата на Груевски, но и тој лично, дале согласност за избор на Катица Јанева на чело на таа нова институција, за што тој изрази и задоволство.

И уште нешто. Со Договорот од Пржино опфатени се низа прашања за кои главните политички партии во земјава треба да постигнат договор. За олеснување на постигнувањето договор, Европската комисија, поточно комесарот Хан, како медијатор го постави белгискиот политичар Питер Ванхојте, кој имаше искуство во Македонија уште од решавање на кризата по 24 декември 2012 година. Ова поставување, исто така, беше прифатено од сите политичи партии по согласноста на нивните лидери, вклучувајќи го и Груевски.

Оттука, да се зборува за „доаѓање на власт“ преку „Ванхојтовци и Катици“ и да се ставаат овие лица во можен контекст на „продавачи на магла“, покрај тоа што ги надминува границите на коректност на обраќањето во политиката, во најмала рака е изјава која укажува на недоследност, а во дел е и невистинита.

 

Оцени: Тео Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар