„Х“ на Маск меѓу транспарентноста и дезинформациите

Фото: Илон Маск, слика од Marcin Paśnicki на Pixabay

Податоците во првиот извештај за транспарентност на платформата „Х“ покажуваат дека бројката на корисници што биле суспендирани заради делување и промовирање на омраза е драстично намалена. Причина, според американскиот Ен Би Си, е тоа што откако Илон Маск лани ја презеде платформата „Х“,  без најава биле направени промени во политиката за делување и промовирање на омраза, политики коишто експлицитно ги штитит трансродовите лица од онлајн вознемирување

Податоците во првиот извештај за транспарентност на платформата „Х“ покажуваат дека бројката на корисници што биле суспендирани заради делување и промовирање на омраза е драстично намалена. Причина, според американскиот Ен Би Си, е тоа што откако Илон Маск лани ја презеде платформата „Х“,  без најава биле направени промени во политиката за делување и промовирање на омраза, политики коишто експлицитно ги штитит трансродовите лица од онлајн вознемирување. Исто така, „дерегулирани“ беа и некои од правилата за споделување на дезинформации повразни со коронавирусот и ковид пандемијата.  Заложбите на Маск за „слобода на говор“ по секоја цена, релаксирањето на правилата за делување и промовирање на омраза, доведоа до тоа драстично помала бројка на корисници да бидат отстранети од платформата и да се влоши ситуацијата со дезинформациите

 

Платформата Х (поранешен Твитер) деновиве го објави првиот извештај за транспарентност откако Илон Маск ја купи социјалната мрежа и го презеде раководството. Поточно, ова е првиот ваков извештај од 2022 година, кој инаку се објавуваше двапати годишно. Во овие извештаи генерално се споделуваат разни статистики — колку кориснички профили биле затворени, бројот на владини барања за пристап до информациии, бројот на отстранети содржини поради прекршување на условите за користење, како и типот на содржина којашто била пријавена.

Некои од статистиките се прилично слични меѓу извештаите, но она што најмногу отскокнува е бројот на отстранети кориснички профили заради делување или промовирање на омраза (т.н. hateful conduct). Во извештајот за втората половина на 2021 година, речиси половина од сите пријавени кориснички профили биле пријавени заради содржина со омраза, а врз 1 милион од 4,3 милиони профили била преземена некаква мерка. За разлика од 2021 г., оваа година бројот на суспендирани кориснички профили што објавиле содржина што повикува на омраза е само 2.361.

Фото: Статиски за типот на политика применета при преземање мерки против на кориснички профили и содржини. Скриншот од извештајот

Но, еден проблем при споредување на податоците од тековниот извештај со оној од 2021 година, како што пишуваат во месечниот технолошки магазин Вајрд (Wired), е тоа што податоците не може толку лесно да се компарираат. Причината за тоа лежи во различниот начин на кој компанијата ги мери разните статистики, како и фактот што платформата загуби речиси петина од бројот на корисниците.

На пример, во 2021 година биле пријавени 11,6 милиони кориснички профили. Од овие 11,6 милиони, „преземени се мерки“ на 4,3 милиони, а 1,3 милиони се суспендирани. Според новиот извештај X, имало над 224 милиони пријави, и за сметки и за делови од поединечна содржина, но резултатот бил суспендирани 5,2 милиони сметки, пишува Вајрд.

Ова се должи, главно, на различните правила и практики што „Х“ ги воведе откога ја презеде платформата. Минатата година американскиот Ен Би Си пишувше дека без најава биле направени промени во политиката за делување и промовирање на омраза, политики коишто експлицитно ги штитит трансродовите лица од онлајн вознемирување. Не само тоа, туку „дерегулирани“ беа и некои од правилата за споделување на дезинформации повразни со коронавирусот и ковид пандемијата. Со други зборови, заложбите на Маск  за „слобода на говор“ по секоја цена, релаксирањето на правилата за делување и промовирање на омраза, доведоа до тоа драстично помала бројка на корисници да бидат отстранети и да се влоши ситуацијата со дезинформациите.

Скептицизмот на Маск кон проверувачите факти, заради наводна „либерална пристрасност“, беше дотолку очигледен што партнерствата со Асошиејтед прес и Ројтерс за проверка на факти не ги продолжија. Како што пишуваат на Поинтер, институт за медиумски студии, „Х“  сега нема формален однос со проверувачите на факти и се потпира на својата програма наречена „Белешки на заедницата“ (Community notes), односно самите корисници да се оние што ги проверуваат фактите. Потег којшто, според Поинтер, најчесто не е успешен во справувањето со дезинформациите.

 

Модерирање на содржината на „Х“ наспроти ЕУ регулациите

Еден од проблемите со дезинформациите и нетранспарентноста на платформата „Х“ е тоа што има неконзитентни правила, односно нееднакво се применуваат. На пример, Маск се декларираше себеси како „апсолутист за слободна на говор“. Но, минатата година за време на изборите во Турција, платформата ограничи пристап до неколку стотици твитови и четири кориснички профили. Од друга страна, изминатите месец и половина имаше целосно спротивна реакција. По наредба на бразилскиот врховен суд,  беше побарано да се суспендираат четири кориснички профили. Маск ја одби наредбата, поради што платформата беше затворена за користење на ниво на целата држава. Ова фијаско траеше сè до крајот на минатата недела кога Маск се согласи да ги суспендира профилите од судскиот налог, по што повторно платформата повторно беше достапна за користење.

Друг проблем со кој се соочува платформата „Х“ е со регулациите на Европската Унија. Во 2022 година, ЕУ донесе нов Кодекс на пракса за дезинформации, според кој најголемите социјални медиуми (Фејсбук, ТикТок, Јутуб) и пребарувачи (Гугл, Бинг) доброволно ќе ги практикуваат некои од саморегулаторни стандарди со цел да се справат со дезинформациите. По година и половина, според извештајот на Европска мрежа за стандарди за проверка на факти (EFCSN), раководството на „X“ одлучија да се повлечат од Кодексот. Со ова одлука, „Х“ де факто одлучи да нема договори со независни организации за проверка на факти, односно да не ги продолжи со оние организации со кои веќе ги има склучено договорите. Затоа не е чудно што во анкета цитирана во извештајот на EFCSN, „Х“ е најлошо рангирана платформа, бидејќи ниту една организација за проверка на факти не смета дека компанијата сериозно го сфаќа проблемот дезинформациите.

За оваа тема, зимоска, извршната директорка на „Х“, Линда Јакарино, и бившиот европски комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, се сретнаа да преговараат како може платформата да биде подобро усогласена со Законот за дигитални услуги на ЕУ (Digital Services Act). 

По повод мојот состанок за усогласеноста на #DSA со извршниот директор на @X @lindayaX, нагласив дека произволното суспендирање на сметките — доброволно или не — не е прифатливо, објави на Х комесарот Бретон на „Х“.

Но, и покрај оваа средба, изминатиот јули ЕУ ја обвини платформата „Х“ дека не го почитува Законот за дигитални услуги. А, непочитувањето на законот би можело да доведе и до парична казна до 6 отсто од вкупниот светски годишен обрт на компанијата, како и налог да се преземат мерки за справување со прекршокот. 

Според наше мислење, „X“ не се усогласува со DSA во клучните области на транспарентност, со користење на темни обрасци со што ги доведува корисниците во заблуда, со неуспехот да обезбеди соодветно складиште за реклами и со блокирање на пристапот до податоците за истражувачите. DSA има транспарентност во самата основа и ние сме решени да ги обезбедиме сите платформи, вклучително и „X“, да се усогласат со законодавството на ЕУ, коментира Маргрете Вестагер во наодите на Европската комисија за прекршување на Законот за дигитални услуги.

Дополнително, коментирајќи го фактот дека пристапот до податоците за истражувачите е ефективно блокиран, Вестагер реферира кон тоа дека неколку месеци откако Маск ја купи платформата тој најави дека пристапот до датотеките ќе почне да се наплаќа со астрономски цени. Иницијалниот план беше цените да се движат од 42 илјади американски долари до половина милиони долари. Но, иако сега цените се далеку пониски, сепак услуга којашто претходно беше бесплатна се наплаќа од истражувачките организации. Дополнително, и покрај „апсолутистичните“ ставови на Маск, клучната причина зошто „Х“ има системски проблеми со модерирање на содржината е тоа што Маск уште самиот почеток кога ја презеде платформата, го отпушти скоро целиот тим за глобално модерирање на содржина. 

Згора на сè, зошто дополнително може проблемот со дезинформациите да се квалификува како системски заради и самиот Маск. Тој е причината зошто се пропагираат разни непроверени и неточни информации. Милијардерот и сопственикот на платформата има споделено дипфејк видео од демократската кандидатка за претседателските избори во САД, Камала Харис – објава што ги крши правилата на платформата. Но, исто така тој сподели лажна статија од британскиот Телеграф во која се тврди дека британскиот премиер, Кир Стармер наводно размислувал да испрати  екстремно десничарски протестирачи во „итни логори за притвор“ на Фолкландски Острови. Маск, исто така, промовираше и споделуваше објави и дезинформации за републиканскиот претседателски кандидат Доанлд Трамп. Станува збор за лажни тврдења за закани од бомбашки напад на митингот на Трамп, како и за имигранти од Хаити кои јадат домашни миленици во сојузната држава Охајо. Според Франс 24, Маск има споделено барем 50 објави кои содржат лажни и неточни информации, или информации извадени од контекст кои биле прегледани над 1.2 милијарда пати.

Како што продолжуваат и се зголемуваат проблемите со дезинформациите и транспарентноста на „Х“, сè повеќе под знак прашалник се става способноста на платформата да ги регулира истите. Дотолку повеќе што се става под прашалник и довербата на  инвеститорите и компаниите кои се рекламираат на платформата. Проблем кој ќе биде тешко да се реши, откако Маск им кажа на компаниите кои одлучија да не се рекламираат на платформата,  „да одат да се е**т“.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција