ХААРП има само една локација – на Алјаска
Локацијата на истражувачкиот објект ХААРП е исклучиво во Гакона, Алјаска. Други слични или поврзани научни станици за истражување на јоносферата постојат во неколку други земји, но тие се посебни објекти, а не самиот ХААРП
Локацијата на истражувачкиот објект ХААРП е исклучиво во Гакона, Алјаска. Други слични или поврзани научни станици за истражување на јоносферата постојат во неколку други земји, но тие се посебни објекти, а не самиот ХААРП
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
21 локациија на ХААРП системи на планетата.
Во склоп на објавата се споделува видео од 52 секунди во кое како локации каде се наоѓаат ХААРП системите на планетата се споменуваат Ванденберг (Калифорнија), Гакона (Алјаска), Покер Флет (Алјаска), Резолут Беј (Канада), Кангерлусуак (Гренланд), Милстоун Хил (Масачусетс), Аресибо (Порторико), Лима (Перу), Кармартеншир (Велс), Лонгјирбиен, Рамфјордмоен и Кируна (Норвешка), Соданкила (Финска), Новгородска област и Иркутск (Русија), Харков (Украина), Душанбе (Таџикистан), Андра Прадеш (Индија), Синѓанг (Кина), Западна Суматра (Индонезија), Џонгли (Тајван), Шигараки (Јапонија), Иркутск (Русија) и Кваџалеин (Маршалски Острови).
Според проверувачите на факти на „Компас“, локацијата на истражувачкиот објект ХААРП е исклучиво во Гакона, Алјаска.
Не постојат локации на ХААРП во други земји или на други места. Не се пронајдени никакви докази за присуство на ХААРП во Индонезија, конкретно во Западна Суматра, пишува „Компас“.
ХААРП беше заеднички проект на Военото воздухопловство и Морнарицата на Соединетите Американски Држави (САД). Но, во август 2015 година, сопственоста и целосната контрола врз постројката и опремата во Алјаска беа официјално пренесени на Универзитетот Алјаска Фербенкс (UAF).
Според Британика, овој проект првично бил создаден за подобрување на системите за комуникација и надзор, за цивилни и одбранбени цели. Потоа, во 2015 година, објектот беше преземен од Универзитетот на Алјаска во Фербенкс и оттогаш се користи за проучување на атмосферата и горните слоеви на Земјата.
Истражувачките капацитети на ХААРП, од страна на групи кои веруваат во теории на заговор често се опишуваат како „средства за контрола на времето“. Всушност, ХААРП не може да го контролира времето, па дури ниту да стапи во интеракција со облаците. Овој истражувачки објект спроведе фундаментално истражување на највисоките слоеви од атмосферата на Земјата, поточно на термосферата и јоносферата. Според веб-страницата на ХААРП, главниот инструмент на овој објект е „Инструментот за истражување на јоносферата“ (Ionosphere Research Instrument – IRI) – систем од 180 антени за високи фреквенции, распоредени на површина од 33 хектари, кои имаат капацитет да емитуваат 3,6 мегавати енергија во горните слоеви на атмосферата и јоносферата.
Наспроти наведеното во видеото што го рецензираме каде е прикажана наводна глобална „мрежа на ХААРП“, вистината е дека ХААРП е конкретен проект во Алјаска.
Базата Vandenberg Space Force Base во Калифорнија е примарен центар на САД за лансирање воени, научни и комерцијални сателити во поларна орбита, како и за тестирање балистички ракети, но не е ХААРП. Покер Флет е најголемиот копнен ракетен центар во светот во сопственост на Геофизичкиот институт при Универзитетот во Алјаска Фербанкс. Од ова место се лансираат т.н. „звучни ракети“ (sounding rockets) за научно истражување. Овие ракети не одат во постојана орбита, туку прават краток лет во вселената (до јоносферата) за да соберат податоци и се враќаат назад. Тоа не е ХААРП.
Резолут Беј (Resolute Bay) во Нунавут, Канада, често се поврзува со ХААРП во јавноста и во теориите на заговор, но таму всушност се наоѓа сосем поинаков научен проект наречен RISR (Resolute Bay Incoherent Scatter Radar). Иако двата систем ја проучуваат јоносферата (горниот слој на атмосферата), тие имаат различни технологии и цели. Системот во Резолут Беј е составен од два радари, тој работи како огромен „микроскоп“ кој само испраќа радиосигнали за да измери колку електрони и плазма има во јоносферата и тој не ја загрева атмосферата.
Ни во Кангерлусуак (Гренланд) нема станица на ХААРП. Истражувачкиот радар Сондрестрем (Sondrestrom Research Facility) беше вистинска научна база лоцирана во близина на Кангерлусуак, Гренланд, со која управуваше американската Национална научна фондација (NSF) и SRI International. Таа поседуваше голем, видлив параболичен радар кој се користеше за проучување на горниот слој на атмосферата и јоносферата слично како ХААРП. Базата беше официјално затворена во 2018 година, а дел од опремата беше преместен.
Милстоун Хил во Масачусетс е уште една клучна научна локација која често се меша со ХААРП, но има различна улога во проучувањето на вселената и атмосферата. Радарот во Милстоун Хил е примарно дијагностички и набљудувачки инструмент кој пасивно и активно го мери она што веќе природно се случува во атмосферата. Теориите на заговор повторно ги спојуваат сите овие локации со големи антени под истиот заеднички именител „ХААРП“ за наводна контрола на времето, што нема научна основа.
Сите други наведени локации од американскиот Аресибо во Порторико, преку европските бази во Рамфјордмоен, Кируна (Норвешка) и Соданкила (Финска), па сè до капацитетите во Лонгјирбиен (Свалбард), Кармартеншир (Велс) и воената база на островот Кваџалеин (Маршалски Острови) – се целосно независни научни инсталации. Истото важи и за станиците во Новгородската област, Иркутск (Русија), Харков (Украина), Душанбе (Таџикистан), како и азиските центри во Андра Прадеш (Индија), Синѓанг (Кина), Западна Суматра (Индонезија), Џонгли (Тајван), Шигараки (Јапонија) и Лима (Перу). Секоја од овие локации е изградена, финансирана и раководена од засебни локални универзитети, цивилни научни институти или национални вселенски агенции со цел да се проучува регионалното однесување на Земјината атмосфера, а не за некакви глобални воени цели и немаат поврзаност со ХААРП.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар