Хемотерапијата не е лага на медицината, но има свои несакани ефекти

Фото: Министерство за здравство

Хемотерапијата содржи моќни хемикалии кои што ги убиваат брзорастечките канцерогени клетки во телото. Се користи најчесто за третман на карцином, затоа што канцерогените клетки растат и се множат многу побрзо отколку најголемиот дел од клетките во телото. На пазарот се достапни бројни видови хемотерапија. Овие медикаменти може да се користат самостојно или во комбинација со други лекови за третман на карцином.

Хемотерапијата содржи моќни хемикалии кои што ги убиваат брзорастечките канцерогени клетки во телото. Се користи најчесто за третман на карцином, затоа што канцерогените клетки растат и се множат многу побрзо отколку најголемиот дел од клетките во телото. На пазарот се достапни бројни видови хемотерапија. Овие медикаменти може да се користат самостојно или во комбинација со други лекови за третман на карцином

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео и пишува:

МЕДИЦИНА – ЛАГИ И УБИСТВЕН ЗДРАВСТВЕН СИСТЕМ Хемотерапијата е една од најголемите лаги во медицинската историја, заедно со вакцинацијата. Мнозинството онколози не земат хемотерапија –Знаат дека хемотерапијата е канцерогена, како и мамограмите кои предизвикуваат рак. Третата водечка причина за смрт е медицинската интервенција. ~Д-р Дејвид Расник, прочитајте ја неговата книга бесплатно.
Потоа се споделува линк од Children`s health defense, непрофитна група која што американските медиуми е опишана како антивакцинална и основана од Роберт Ф. Кенеди Џуниор. На видеото што се споделува во објавата зборува Дејвид Расник, хемичар по професија, познат по тоа што е приврзаник на движењето што негира дека ХИВ е причина за СИДА. Позната е и неговата вклученост во клинички испитувања во Јужна Африка кадешто промовирал витамини за третман на СИДА, пракса што подоцна беше прогласена за нелегална од страна на јужноафриканскиот суд.
Во објавата Расник изнесува повеќе невистини коишто медицината базирана на докази не ги поткрепува. Прво, дека хемотерапијата и вакцинацијата се прогласени за „најголемите лаги во медицинската историја“. Второ, хемотерапијата се прогласува за канцерогена заедно со мамографијата. Трето, се тврди дека третата водечка причина за смрт е медицинската интервенција. Четврто, во видеото тој вели дека „инјекциите предизвикуваат турбо карцином“. Иако од исечокот во објавата не може да се види на кои инјекции мисли, кога ќе се изгледа целото интервју, станува јасно дека зборува за ковид вакцините.
„Вистиномер“ ги провери сите овие тврдења поединечно. Но, да почнеме од почеток. Прво, хемотерапијата и вакцинацијата не се најголеми лаги во медицинската историја. Вакцинацијата е еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и претставува најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот на заразните заболувања. Со вакцинирање се спасуваат 2 до 3 милиони детски животи во светот секоја година, согласно податоците од Светската здравствена организација (СЗО).
Според страницата на Министерството за здравство имунизацијата секоја година спречува милиони смртни случаи од болести како што се дифтерија, тетанус, пертусис, грип и мали сипаници.
Вакцинацијата претставува единствената превентивна мерка која е достапна за болести за кои не постои познат лек. Освен тоа, вакцинацијата против бактериски инфекции служи како средство за намалување на зависноста од антибиотици и за ублажување на појавата на антибактериска резистенција. Покрај тоа, со вакцинацијата, превенцијата на акутни инфекции може да биде и ефикасно средство за спречување на развојот на потешки и потенцијално смртоносни болести, особено оние предизвикани од одредени вируси за кои е познато дека предизвикуваат карцином, пишува на страницата „Е здравство“ поддржана од македонското Министерство за здравство.
Вакцините против ковид пак, се препорака од Центарот за контрола и превенција на болести за сите лица над шестмесечна возраст во САД,
Вакцините на Фајзер и Модерна, кои се мРНК вакцини, беа целосно одобрени во средината на август за сите над 12 години и добија итна авторизација за деца на возраст од 6 месеци до 11 години, пишува на страницата на универзитетот „Јејл“.
Вакцините против ковид остануваат безбедни и ефективни според Центарот за контрола и превенција на болести на САД, кој нотира дека стотици милиони луѓе во светот се веќе вакцинирани и новите ковид вакцини што треба да заштитуваат од подваријантите на омикрон, го добиле највисокото безбедносно тестирање во историјата на САД.
Сите вакцини имаат несакани дејства. Важно е да се мерат бенефитите од вакцинацијата споредено со ризикот од несакани ефекти, и тоа да се прави на индивидуално и на популациско ниво. Во најголемиот број случаи, особено со вакцината против ковид 19, бенефитите од заштитата продолжуваат да ги надминуваат ризиците од несакани ефекти од вакцината, вели за „Јејл“ доктор Скот Робертс.
Тоа дека вакцините предизвикувале турбо карцином, претставува теорија на заговор, според која вакцинираните со мРНК вакцини имаат голема инциденца од брзоразвивачки карциноми. Идејата се шири од страна на опонентите на вакцинацијата, но и од некои здравствени работници. Сепак, развивањето на „турбо карциноми“ не е поддржано од истражувањата за карциноми и нема докази дека ковид вакцините предизвикуваат или влошуваат карцином. Дополнително, вакцините се една од најуспешните алатки со која се превенираат карциноми предизвикани од вирус, како на пример ХПВ вакцините.
Онкологот Давид Горски од Универзитетот по медицина Вејн стејт пишува дека достапните докази не покажуваат дека мРНК вакцините предизвикуваат поинтензивни форми на карцином.
Онколозите не го признаваат турбо карциномот како феномен, ниту пак биолозите, пишува Горски во 2022, пренесуваат проверувачите на факти на Франс Прес.
Експертите за Франс прес велат дека доцнењето со скринингот во времето на ковид пандемијата, како и превентивната грижа за време на пандемијата, се поверојатна причина која имала влијание на дијагнозите со карциномот отколку вакцините.
Не е точно дека „медицинските интервенции се третата водечка причина за смрт“. Постои студија од Медицинскиот факултет при Универзитетот Џон Хопкинс од 2016 година, според која третата водечка причина за смрт во САД се медицинските грешки. Тоа е поразлично од тврдењето дека „медицинските интервенции се трета водечка причина за смрт“. Грешките во медицината вклучуваат погрешни дијагнози, погрешни дадени дози на лекови и одложени медицински третмани.
Инаку, Светската здравствена организација во трите водечки причини за смрт на глобално ниво (не само во САД туку во целиот свет) за 2021 година ги сместува срцевите заболувања, ковид 19 и мозочните удари, после кои следуваат хроничните опструктивни белодробни заболувања и долнореспираторните инфекции. Но, не е точно тврдењето дека самите медицински интервенции се третата водечка причина за смртност во САД.
Во објавата што ја рецензираме мамографијата се прогласува за канцерогена. Мамографијата генерално е безбеден и ефективен начин кој помага да се открие рак на дојка. Иако со мамографија лицето е изложено на мали количини радијација, типично мамографијата нема да предизвика штета. Мамограмот е златниот стандард за рана детекција на рак на градата. Јасно е дека модерната опрема за мамографија испраќа многу мали дози на радијација, но да се прават повторни снимања го зголемува ризикот од карцином. Тоа повторно, не значи дека мамографијата како метода е канцерогена. Дури и препораките за превентивните прегледи се на година или две зависно од држава до држава. Годишниот мамографски скрининг на возраст од 40 до 84 години, води до намалена смртност за 40 проценти споредено со тоа кога нема скрининг.
Има студии што покажале дека ризикот да се развие карцином од мамографија со текот на години е 1,3 случаи на 100 илјади жени на возраст од 40 години. Овие студии го претпоставуваат кумулативниот ефект на радијациската изложеност.
За време на мамограм ткивото на градата е компресирано за да се намали дебелината на градата и да се добијат висококвалитетни слики. Ниту компресијата на градата ниту количеството на радијација кое се користи при скринингот на мамограмот не предизвикуваат карцином ниту пак предизвикуваат ако има карцином тој да се шири.
Всушност, според Националниот институт за карцином (National Cancer Institute)бенефитите од рана детекција на рак на дојката, преку мамографија, се поголеми отколку потенцијалните ризици.

Мамографијата е единствената техника докажано безбедна и ефективна за скрининг на карцином на дојка и мамографската опрема е само техника за снимање, лиценцирана за скрининг на карцином на дојка, пишуваат на својот сајт Хелт Канада.

Хемотерапијата не е лага на медицината, но таа има несакани ефекти. Хемотерапијата содржи моќни хемикалии кои што ги убиваат брзорастечките канцерогени клетки во телото. Се користи најчесто за третман на карцином, затоа што канцерогените клетки растат и се множат многу побрзо отколку најголемиот дел од клетките во телото. На пазарот се достапни бројни видови хемотерапија. Овие медикаменти може да се користат самостојно или во комбинација со други лекови за третман на карцином.

Иако хемотерапијата е ефективен начин да се третираат многу видови на карцином, хемотерапискиот третман исто така носи со себе и ризик од несакани дејства. Некои се благи и се третираат, додека други може да предизвикаат сериозни компликации. Хемотерапијата може да се користи како примарен или единствен третман за карцином, може да се користи после други третмани како операција, ккао и да убие канцерогени клетки кои можеби преостанале во телото. Хемотерапијата може да помогне да се намалат знаците и симптомите на карциномот преку уништување на некои од канцерогените клетки, пишува на сајтот на клиниката Мајо.

Таму се додава дека чести несакани ефекти од хемотерапија се нагони за повраќање, дијареа, губење на слухот, губење на косата, губење на апетитот, замор, треска, ранички во устата, болка, констипација, лесно модреење на кожата и крварење.

 

Пред секоја хемотерапија пациентот е тој што одлучува дали ќе го прифати третманот и пред него, лекарите му ги кажуваат и несаканите последици и тоа што може да го искуси после нејзиното примање.

Некои видови на хемотерапија се поврзуваат со секундарни карциноми. Карциномите најчесто поврзувани со хемотерапијата се некои типови леукемија. Ризикот се зголемува со поголема доза, подолго време на лекување и подолг интензитет на дозата (поголема количина од хемотерапијата дадена за пократок временски период). Сите агенти во хемотерапијата што го зголемуваат ризикот од секундарни карциноми се наведени овде.
Сепак, според студија од 2019 на списанието Лансет, повеќе од половината случаи на карцином во светот, изискувале хемотерапија. Студијата предвидува дека во иднина најчестите видови карцином што ќе се лекуваат со хемотерапија ќе бидат рак на бели дробови, на дојка и на дебело црево.
Хемотерапијата не се препорачува тогаш кога потенцијалните ризици ги надминуваат потенцијалните бенефити. Точно е дека некои онколози не би зеле хемотерапија, но затоа што докторите не им ја препорачуваат или ако не е делотворна во нивната лична здравствена ситуација. Инаку, онколозите се подложни на третманите коишто и нивните пациенти ги имаат како опции, доколку заболат од карцином.
Во 1985 година едно истражување покажа дека само една третина од онколозите би примиле хемотерапија ако имаат неситноклеточен карцином на белите дробови. Но, кога во 1997 година им е повторено прашањето, одговорите и резултатите биле различни затоа што препораките за лекување последните 20 години се променија: тие се базирани на докази дека хемотерапијата ја подобрува стапката на преживување.
Не може да се каже дека сите онколози кои би заболеле или добиле рак, одбиле хемотерапија без да се види дали за нивниот тип на рак хемотерапијата е препорачлива и дали таа би направила разлика во исходот односно дали би била делотворна итн. Паушално е да се каже дека само онколозите не би зеле хемотерапија без да се наведе дополнителен податок.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција