ХЕРА не е членка, ниту партнер на Планирано родителство

Фото: hera.org.mk

Не е вистина дека Планирано родителство е главен партнер на ХЕРА. Од ХЕРА за Вистиномер велат дека тие не се членка, ниту партнер на Планирано родителство. Исто така, во постот надвор од контекст и сосема неосновано се доведуваат во корелација абортусите во САД со пилот програма за сеопфатно сексуално образование во С. Македонија. Овие две работи се неспоиви. Во програмата во С. Македонија опфатени се низа содржини кои не се поврзани само со заштитата при секуален однос, туку се однесуваат и на телото, изгледот, насилството и недискриминацијата

Не е вистина дека Планирано родителство е главен партнер на ХЕРА. Од ХЕРА за Вистиномер велат дека тие не се членка, ниту партнер на Планирано родителство. Исто така, во постот надвор од контекст и сосема неосновано се доведуваат во корелација абортусите во САД со пилот програма за сеопфатно сексуално образование во С. Македонија. Овие две работи се неспоиви. Во програмата во С. Македонија опфатени се низа содржини кои не се поврзани само со заштитата при секуален однос, туку се однесуваат и на телото, изгледот, насилството и недискриминацијата

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во којшто се споделува напис каде се вели дека сексуалното образование не функционира и дека тоа го покажува годишниот извештај на Планирано родителство. Во текстот се изнесени повеќе дезинформации, кои имаат за цел да ја доведат во корелација работата на ХЕРА со работата на американската организација Планирано родителство. Дури и невистинито се наведува дека Планирано родителство е главен партнер на ХЕРА. Од ХЕРА за Вистиномер го демантираат ова.

ХЕРА не е членка ниту партнер на „Планирано родителство“. Од 2009 година ХЕРА е полноправна членка на Меѓународната федерација за планирано родителство (МФПР) која брои над 140 независни организации од целиот свет. Една од нив, покрај ХЕРА, е и американската организација „Планирано родителство“, но ХЕРА не е ниту членка на „Планирано родителство,“ ниту има соработувано со неа низ годините. Ова може да се види и од нашите годишни извештаи. Оттука е неосновано да се тврди дека „Планирано родителство“ на каков било начин влијае или влијаела врз работењето на ХЕРА во која било програмска област, велат оттаму за Вистиномер.

Во насловот на написот се посочува дека Сексуалното образование во Македонија не функционира, а како што се образложува во текстот, причината за таквиот заклучок е тоа што во Америка нема намалување, туку зголемување на абортусите, и покрај тоа што има сексуално образование во училиштата со години.

Од ХЕРА велат дека ССО функционира, а тоа го покажуваат не само странските искуства, туку и евалуацијата на пилот-програмата во Македонија. Како аргумент во прилог на тоа дека резултатите во Македонија се позитивни, од ХЕРА посочуваат дека во 2019 година просечната возраст на која младите стапувале во прв сексуален однос е 17 години, а во 2022 година, младите во просек имаат прво сексуално искуство на 18.1 година. Од ХЕРА за Вистиномер велат дека овој факт го истакнал амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, на Националната конференција за сеопфатно сексуално образование што се одржа лани во септември во Скопје.

Холандија, заедно со Белгија се меѓу европските земји со најниска стапка на малолетнички бремености, абортуси и дискриминација по основ на родов идентитет – што се должи и на фактот дека ССО таму се изучува системски и континуирано. На истиот тој настан беше претставена и Декларацијата „Со сексуално образование до поздрава и побезбедна младина“, што ја потпишаа 15 стручни здруженија и граѓански организации во земјава. Во неа, здруженијата на лекари, социјални работници, правници, психолози и специјални едукатори и рехабилитатори бараат воведување на сеопфатното сексуално образование во училиштата, имајќи ги предвид неспорните бројки од терен кои покажуваат дека бројот на малолетнички породувања во Македонија е речиси трипати поголем од земјите на ЕУ. Младите во Македонија соопштуваат дека релативно порано стапуваат во прв сексуален однос за разлика од врсниците од западно-европските држави, само 14 проценти од младите на возраст од 20 до 24 години користат некое современо контрацептивно средство, а најголем дел, 36 проценти, се потпираат на прекинување на сексуалниот однос како метод за заштита од непланирана бременост.

Дека ССО функционира покажа и евалуацијата на пилот – програмата за ССО што во Македонија беше спроведена во учебната 2021/2022 година и креирана според техничките препораки на УНЕСКО. Имено, податоците покажуваат дека програмата многу ги подобрила знаењата на учениците за темите опфатени во содржините на ССО, како и дека учениците имаат значително попозитивен став кон компонентите на ССО.

Подеднакво важно е да се нагласи дека и учениците и наставниците кои биле вклучени во пилот-програмата сметаат дека за да може целосно и ефективно да се изучуваат тематските содржини, ССО би требало да се спроведе во текот на две полугодија со двојно поголем фонд на часови. ССО сакаат да предаваат и наставниците, покажува спроведеното „Истражување за ставовите на наставниците за воведување на ССО во основното образование пред и по пилотирањето на програмата“, бидејќи сметаат дека информациите, ставовите и вештините што учениците би ги стекнале низ оваа настава се исклучително важни и релевантни, велат од ХЕРА за Вистиномер.

Во 2017 година, во Македонија биле регистрирани 4.236 абортуси пријавени во Центрите за јавно здравје. Од нив 142 или 3.3 проценти биле кај млади девојки под 20 години.

Според јавно достапните податоци, во 2014 година бројот на абортуси бил 4.738, а во 2016 година 4.251.

Фактите, пак, за пилот програмата за сексуално образование се следните:

Таа се спроведува во 4 основни училишта на македонски и на албански јазик во Скопје и во Тетово за деца на возраст од 14-15 години. Програмата ја предаваат обучени наставници со поддршка на тренери за ССО на ХЕРА. Статусот на предметот во наставниот план е проектен, на ниво на вонучилишна активност, односно станува збор за изборен предмет во согласност со родителите.

Темите на кои зборуваат учениците на овие часови се однесуваат на промените кои се случуваат во пубертетот, симптоми на ХИВ и сексуално преносливи инфекции и заштита, каде да се обратат за помош при здравствени проблеми или насилство, зошто е потребна еднаквост меѓу мажите и жените, како да го прифатат своето тело и изглед, како да препознаат насилство и да се заштитат, да се заштитат и побараат помош од сексуално насилство, како да градат здрави партнерски врски, да ги почитуваат луѓето без да дискриминираат и да се изборат и самите да бидат почитувани. Евидентно е дека во програмата постојат бројни теми и дека бројот на абортуси во Америка не може да биде показател за нејзината успешност и неуспешност како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека Планирано родителство е главен партнер на ХЕРА. Како што погоре наведовме, од ХЕРА за Вистиномер велат дека тие не се членка, ниту партнер на Планирано родителство. Исто така, во постот надвор од контекст и сосема неосновано се доведуваат во корелација абортусите во САД со пилот програма за сеопфатно сексуално образование во С. Македонија. Овие две работи се неспоиви. Во програмата во С. Македонија опфатени се низа содржини кои не се поврзани само со заштитата при секуален однос, туку се однесуваат и на телото, изгледот, насилството и недискриминацијата

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција