Хилари Клинтон не го потплатила Вселенскиот патријарх за да признае украинска црква независна од Москва
Бившиот агент на ЦИА, Џон Киријаку, изјави дека кога Хилари Клинтон била државен секретар на САД, таа го потплатила Вселенскиот патријарх Вартоломеј да признае православна црква во Украина независна од Москва, но Киријаку потоа дознал дека информацијата е неточна и ретерираше од неа, па, сепак, доста објави на Фејсбук и натаму ја шират и му ја припишуваат. Клинтон беше државен секретар до 1.2.2013 г. кога односите на САД и Русија беа нормални и кога во Украина немаше војна, па Клинтон не придонесе за формирањето и признавањето на независната Православна црква на Украина (ПЦУ), што се случи во периодот 2018 – 2019 г.
Бившиот агент на ЦИА, Џон Киријаку, изјави дека кога Хилари Клинтон била државен секретар на САД, таа го потплатила Вселенскиот патријарх Вартоломеј да признае православна црква во Украина независна од Москва, но Киријаку потоа дознал дека информацијата е неточна и ретерираше од неа, па, сепак, значителен број објави на Фејсбук и натаму ја шират и му ја припишуваат. Клинтон беше државен секретар до 1.2.2013 г. кога односите на САД и Русија беа нормални и кога во Украина немаше војна, па Клинтон не придонесе за формирањето и признавањето на независната Православна црква на Украина (ПЦУ), што се случи во периодот 2018-19 г.
Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
Шокантно откритие! Хилари му платила на Цариградскиот патријарх да создаде лажна украинска црква: Агентот на ЦИА откри застрашувачки наоди!
12.03.2025
Поранешниот офицер на ЦИА Џон Киријаку изјави во интервју со американскиот блогер Џулијан Дори дека патријархот Вартоломеј од Константинопол добил пари за создавање на Православната црква на Украина (ПЦУ).
Зборувајќи за корупциските шеми во Украина, Киријаку ја спомена и религиозната тема.
Според него, додека сè уште беше државен секретар на САД, Хилари Клинтон побарала од патријархот Вартоломеј да ја прогласи украинската црква за автокефална, „за таа повеќе да не се потчинува на каприците на рускиот патријарх“. (mkdpress.eu)
Во изнесеното се измешани вистинити и неточни тврдења. Џон Киријаку е Американец од грчко потекло и точно е дека тој е бивш припадник на американската разузнавачка служба ЦИА и дека раскажал таква сторија околу познатата политичарка Хилари Клинтон и Вселенскиот патријарх Вартоломеј во интервјуто за подкастерот Џулијан Дори, објавено на 28.2.2025 г.
Меѓутоа, Киријаку подоцна дошол до заклучок дека она што го изјавил е неточно, т.е. дека некој го довел во заблуда, па на 11.3.2025 г. ретерирал од таа своја изјава со објави на Фејсбук и Сабстек, што ги раширил преку Икс (бившиот Твитер).
Рецензираната објава се повикува и е копија од напис објавен на mkdpress.eu, кој на 12.3.2025 г. објавил ист таков напис во врска со Киријаку, Клинтон и Вартоломеј.
Неспорно е дека Киријаку бил припадник на ЦИА, па неговите изјави имаат одредена тежина, но, како што видовме, тој може и да згреши, а во интервјуто со Дори тој изнесува и други фактографски неточности.
Во 2012 г. Киријаку бил осуден на 30 месеци затвор за обелоденување на идентитет на негов колега – таен агент, при што се бранел дека тоа го сторил во знак на протест против примената на тортура од страна на ЦИА врз осомничените исламисти, па за едни Киријаку е смел „свиркач“, кој ги обелоденил валканите игри на власта, но за други е предавник, т.е. тој е контроверзна личност, чии тврдења треба да се земаат со претпазливост. Згора на сè, тој потоа работел и за руското радио Спутник, кое е озлогласено по пропагандата.
Москва беше разгневена од тоа што во 2019 г. Вартоломеј ја призна автокефалноста на Православната црква на Украина (ПЦУ), која се формираше претходната година заради оддалечување на православните христијани во Украина од проруската Украинска православна црква – Московски патријархат (УПЦ-МП).
За појавата на ПЦУ придонесе руската агресија врз Украина во 2014 г., која започна на Крим, а потоа продолжи во Донбас преку руски агенти како Игор Гиркин-Стрелков и локални проруски сепаратисти, кои тој ги поттикнуваше, а на кои потајно им асистираше регуларната руска војска.
Киријаку, а и Фејсбук-објавата, која ги пренесува неговите тврдења, велат дека Клинтон како државен секретар придонела за признавањето на ПЦУ, но тоа нема никаква смисла.
Клинтон беше државен секретар до 1.2.2013 г., т.е. пред руската агресија врз Украина, кога односите меѓу САД и Русија беа нормални, па немало никаква смисла Клинтон тогаш да бара од патријархот Вартоломеј да признае украинска црква независна од Москва.
Во периодот на формирањето на ПЦУ и нејзиното признавање од Вартоломеј (2018-19), Клинтон не вршеше раководни функции во САД, па не можела да помогне за тоа. Клинтон беше претседателски кандидат на изборите во 2016 г., но ги загуби од Трамп, па фактички Трамп бил на власт кога се оформила ПЦУ и кога била призната од Вартоломеј.
Москва тогаш почна да пласира дезинформации дека ПЦУ е нелегитимна и „вештачка“ црква, но притоа се премолчуваа следниве факти.
Царска Русија го злоупотребила сојузничкиот Перејаславски договор (1654) со Украинците за постепено да ги подјарми. До 1686 г. православните во Украина биле под јурисдикција на Вселенската патријаршија во Цариград, но потоа се нашле под Москвската патријаршија. И, треба да се каже дека Киев бил покрстен во 10 век кога Москва сè уште не постоела, а и на крајот на краиштата, секој има право на своја црковна самостојност, па и Украинците.
Но, и покрај сето тоа, Москва инсистира на контрола над црковниот живот на Украина, а Киријаку во интервјуто за Дори неточно тврди дека православната црква во Украина била околу илјада години под јурисдикција на руската.
Земајќи го сето досега наведено, заклучуваме дека Киријаку навистина изјавил во интервјуто за Дори дека Клинтон го потплатила Вартоломеј, но подоцна Киријаку ретерирал од тоа, па објавата ја оценуваме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар