Хилари Клинтон нема изјавено „ние ја креиравме Ал-Каеда“
САД нема креирано терористичка група намерно, а уште помалку како „план да ја раслои Русија креиран 100 години претходно“.
Наспроти изнесеното во објавата, не постојат официјални документи на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) во кои се признава дека таа ја создала терористичката организација Ал-Каеда. Странски проверувачи на факти пишуваат дека видеото споделено во објавата во кое зборува Клинтон е од 2009 година и во ниеден момент во говорот таа не тврди „ние ја креиравме Ал Каеда“
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал на кој зборува Хилари Клинтон и пишува:
ТЕОРИЈА НА ЗАГОВОР!? ЌЕ ВЕ ОСТАВАМ САМИТЕ ДА СИ ПРОЦЕНИТЕ, ОТКАКО ЌЕ ГО ИЗГЛЕДАТЕ ВИДЕОВО!Информацијава излегува како вест на Си-Ен-Ен на 3 октомври 2015 (според информацијата). Се работи веројатно за сослушување на ХИЛАРИ КЛИНТОН пред Амјуриканскиот Конгрес.Кога ќе испишете на некој од претражувачите HILLARY CLINTON WE CREATED ISIL, или AL-QAEDA, веднаш ви излегува дека се работи за фалш, односно лажна информација. Веројатно тука се вклучени и факт-чекерите (проверувачите на факти), па можно е да ви се појави и „Вокс Украïна“, веројатно и многу други кои тврдат дека се работи за манипулација, а веројатно и Фејсбуков ќе ми ја покрие веста како „лажна“.Постојат и документи на ЦИА кои тврдат дека самите ја создале Ал-Каеда (подоцна попозната како ИДИЛ) за да го урнат СОВЕТСКИОТ СОЈУЗ, всушност се работи за повеќе од еден век борба планирана борба да се раслои РУСИЈА на повеќе (етнички) делови!
Наспроти изнесеното, не постојат официјални документи на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) во кои се признава дека таа ја создала терористичката организација Ал-Каеда. ЦИА има декласифицирани документи поврзани со Ал-Каеда и нападите на 11 септември 2001, вклучувајќи интерни извештаи за тоа како агенцијата ја следела и проценувала заканата од Ал-Каеда и како реагирала пред нападите. Овие документи не тврдат дека ЦИА ја создала Ал-Каеда. Владата на САД, вклучувајќи ја ЦИА и Извештајот на Комисијата за 11 септември, ја класифицира Ал-Каеда како терористичка мрежа предводена од Осама бин Ладен, која се развила независно и ги извршила нападите во 2001 година.
За време на војната меѓу СССР и Авганистан во осумдесеттите години од минатиот век, САД – вклучувајќи ја ЦИА – спроведувале Операција „Циклон“, тајна програма за финансирање и вооружување на авганистанските муџахедини кои се бореле против Советскиот Сојуз. Поддршката главно одела преку пакистанската разузнавачка служба (ISI). Но, нема јавно објавени „документи на ЦИА каде тие признаваат дека ја создале Ал-Каеда“. Не постојат докази за директно создавање, обука или спонзорство на Ал-Каеда од страна на ЦИА, ниту дека „групата била формално или намерно создадена од американските разузнавачки служби“.
Како што пишуваат проверувачите на факти на „Сноупс“, видеото споделено во објавата во кое зборува Клинтон е од 2009 година и во ниеден момент во говорот таа не тврди „ние ја креиравме Ал Каеда“. И проверувачите на факти на „Вокс Украина“ го повторуваат истото.
Во снимката Клинтон вели:
Имаме историја на влегување внатре и излегување од Пакистан. Да се потсетиме дека луѓето против кои се бориме денес ги финансиравме пред 20 години. И го правевме тоа зашто бевме „заглавени“ во оваа борба со Советскиот Сојуз. Тие го нападнаа Авганистан, а ние не сакавме да дојде до тоа да ја контролираат Централна Азија. И се фативме за работа. И токму претседателот Реган, во партнерство со Конгресот предводен од Демократите, рече: „Знаете што? Звучи како прилично добра идеја. Ајде да се справиме со ИСИ и пакистанската војска и да одиме да ги регрутираме овие муџахедини. И тоа е одлично. Ајде да натераме некои да дојдат од Саудиска Арабија и други места увезувајќи го нивниот вахабистички вид на ислам, за да можеме да го победиме Советскиот Сојуз.“ И погодете што? Тие се повлекоа. Изгубија милијарди долари, а тоа доведе до распад на Советскиот Сојуз. Значи, постои многу силен аргумент дека не била лоша инвестиција да се уништи Советскиот Сојуз, но да бидеме внимателни што сееме бидејќи ние ќе жнееме. Потоа го напуштивме Пакистан. Рековме: „Добро, во ред. Вие справувајте се со стингерите што ги оставивме низ целата ваша земја. Вие справувајте се со мините што се по должината на границата. И, патем, не сакаме да имаме никаква врска со вас. Всушност, ве санкционираме.“ Значи, престанавме да се справуваме со пакистанската војска и со ИСИ, и сега надоместуваме многу изгубено време.
Си-Ен-Ен објави верзија на видеото на Јутјуб на 23 април 2009 година.
Всушност, Клинтон дискутира како САД финансирале борци што се спротивставувале на Советскиот Сојуз за време на Советско-Авганистанската војна која траеше од 1979 до 1989.
Насловот на слично видео објавено на Јутјуб на 28 април 2009 година од Стејт Департментот покажува дека Клинтон сведочела пред поткомитетот за апропријации на Претставничкиот дом на САД за државни, странски операции и сродни програми на 23 април 2009 година.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар