Химните на спортски натпревари се интонираат само музички

фото: скриншот

За недоследноста на оваа изјава на Силјановска-Давкова зборуваат два момента. Првиот е дека речиси на сите натпревари во светот, во кој било спорт, химните се изведуваат само во музичката форма, композицијата и тоа најчесто не цели, туку само парчиња. Тоа е така, пред сè, во интерес на времето

 

 

Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова на вчерашниот митинг во Велес, во еден момент се осврна врз прашањето на интонирање на државната химна, користејќи го моментот на интонирање на химните при квалификацискиот натпревар меѓу селекцииите на РС Македонија и Ирска, што се одигра во Скопје, при штo ја даде следната недоследна изјава:

Замислете, на денешната утакмица химната била интонирана без зборови. Се прашувам тогаш, дали е Македонија слободна ако е иредентизам да ја пеете химната? Дали е ова слободна земја и дали навистина не треба повторно да се бориме за право и правдини оти во Уставот ги пишува трите најважни симболи на државата, меѓу кои, и химната, покрај грбот и знамето…

[Извор – Митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Велес 14.04.2019 (22 мин.) – датум: 14.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова, дадена на синоќешниот митинг на партијата за претставување на кандидатката пред граѓаните на Велес, е недоследна.

Силјановска Давкова даде точна изјава, но потоа ја сврти во друг контекст, барајќи повод да ја обвини актуелната власт дека не го почитува актуелниот Закон за употреба на грбот знамето и химната. Не само тоа, туку една минута подоцна таа во изјавата споменува дека била во право кога во текот на преговорите за Преспанскиот договор рекла дека прва на ударот ќе била химната, на што ѝ одговориле дека не е точно оти химната ќе сме си ја задржеле.

За недоследноста на оваа изјава на Силјановска-Давкова зборуваат два момента. Првиот е дека речиси на сите натпревари во светот, во кој било спорт, химните се изведуваат само во музичката форма, композицијата и тоа најчесто не цели, туку само парчиња. Тоа е така, пред сè, во интерес на времето.

За конкретниот натпревар, химната „Денес над Македонија се раѓа“ е изведена, исто така, само во музичката форма и тоа во две строфи, кои, сепак, беа гласно испеани од публиката и репрезентативциите на македонскиот тим. Но, домаќинот, Ракометната федерација на Македонија не згрешиле ништо, бидејќи на тоа го обврзуваат правилата на организаторот, Европската ракометна федерација (ЕРФ/EHF) и тоа со најмалку еден документ  – регулативи. Тој е насловен Регулациии за EHF натпреварувачи што играат за квалификации (вклучувајќи ги и квалификациите за Светски првенства). Во точката 17.5, во секцијата ф, се наведува дека тимот што се натпреварува официјално, мора да пополни формулар со повеќе податоци, меѓу кои и да ја потврди композицијата/музиката на националната химна.

Сето ова се наведува во точката 17, која ги објаснува процедурите за организирање натпревари при квалификации и обврските што мора да се исполнат на техничките средби пред натпреварот.

Втоората недоследност на кандидатката се гледа од фактот што националната химна не е предмет на Договорот од Нивице, или Преспанскиот договор, бидејќи никаде во него не се споменува химната „Денес над Македонија се раѓа“.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција