Хипокризија е тврдењето на ВМРО ДПМНЕ дека секогаш имала ист став за аболицијата

Од акцијата „одбрана на институциите“. Фото: Скриншот

 

„СДСМ вршеше притисок врз Уставниот суд и во 2009 година, но тогаш сакаше да ги поништи измените во законот за помилување кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и тврдеше дека истите се неуставни. ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став околу Законот за помилување како и во 2009 година“

[Извор: Макфакс. Датум: 16.03.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за повеќе пати повторена изјава дека ВМРО ДПМНЕ имала ист став и во 2009 г. и во 2016 година во врска со правото на претседателот на државата за аболиција, а што ја сметаме за непринципиелна, само формално точна и оттаму, недоследна изјава.

Вистина е, дека и пред и откако Уставниот суд на Република Македонија да реши да расправа за иницијативата поднесена од адвокат од Охрид за оценка на уставноста на законските измени за помилување од 2009г., и Владата и Собранието, дадоа негативно мислење за иницијативата. Формално може да се смета дека владејачката партија е таа што има негативен став за таквата иницијатива на адвокатот од Охрид, бидејќи и мандатот во Владата и мнозинството во Собранието им припаѓа на ВМРО ДПМНЕ. Самата партија, само како реакција на став на СДСМ даде едно чудно соопштение, дека токму СДСМ ќе имала најголема полза од таквата одлука

Но, формалното не се поистоветува секогаш со реалното. Прво, владејачката партија не издаде ниту едно соопштение, ниту пак, нејзините функционери дадоа некаква изјава за јавноста во насока дека евентуалното укинување на законот од 2009 од страна на Уставниот суд може да има пошироки општествени последици. Зашто ако против нешто сте против, а де факто управувате со се во земјата, тогаш е нормално и на сите начини да се борите вашето „против“ да добие гласност.

Напротив – завладеа целосен молк за ова прашање во период од неколку недели или по некој изнесен став на некои од функционерите дека Владата и Собранието се изјасниле против, а другото е на Уставниот суд. Сличен став на два пати изнесе Претседателот Ѓорѓе Иванов, кој на таа функција беше избран како претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ.

Во меѓувреме, сите експертски, мислења кои беа во спротивност со одлуката на Уставниот суд да поведе расправа за уставноста на Законот, од ВМРО ДПМНЕ беа оценувани како мислења и ставови на СДСМ, вклучувајќи ги и неколкудневните граѓански протести, или, пак, како непринципелно мешање во внатрешните работи.

Конечно, контра-протестот или протестот наменет за „одбрана на институциите“ кој формално го организираше ГРОМ, на Стевче Јакимовски (за што заработи и кривична пријава), е протест организиран од коалициски партнер на ВМРО ДПМНЕ, која пак, не само што не кажа никаква забелешка, туку напротив, според повеќе медиумски тврдења, активно учествувала во тој протест.

Ако се има предвид дека Одлуката на Уставниот суд дојде во време на веќе покренат процес на истрага против осомничени високи функционери на владејачките партии за изборни измами од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во акцијата „Титаник“ и во време кога уште седумдесетина други се осомничени во слични истраги во 30-тина други истраги на СЈО, сосема е јасно дека ставот на ВМРО ДПМНЕ во врска со укинување на законот од 2009 година, е само формално ист. Оттука, сметаме дека повторувањето на тезата со изјави дека партијата имала ист став за ова прашање и во 2009 и во 2016, најблаго речено е недоследно.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција