Храбрите новинари во време на пандемијата со корона вирусот

Фото: Pixabay/Википедија

 

Известувањата од Вухан за тројца кинески новинари завршија со „карантин“ на непозната адреса. Белоруски новинар и негови колеги од неколку земји се во затвор, еден известувач од Африка е во кома… Руска новинарка е под закана од чеченскиот лидер Кадиров – или Москва „ќе ја реши“ или раката на неговите егзекутори ќе ја стигне

 

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Следењето на начинот на кој здравствените власти во светот се справуваа со пандемијата со коронавирусот не беше едноставно за новинарите насекаде, најнапред заради нивната потенцијална изложеност на болеста по нив. Но, факт е дека тие при извршувањето на оваа обврска, која ја имаат кон јавноста, беа цел на заплашување, насилство, па дури и апсења. Има и случаи одредени известувачи да „исчезнат од екранот“ –  онаму каде власта и онака не била нежна кон седмата сила, сметајќи дека таа или треба да биде нејзин слуга, или дека е опасна како промотор на демократските форми на живеење.

Овогодишното доделување на наградата на „Дојче веле“ за слобода на говорот (Freedom of Speech Award) беше главно насочено кон независно известување за пандемијата на корона-вирусот. Наградата стигна во рацете на 17 новинари од 14 земји од четири континенти, иако некои од нив ги немаше на церемонијата, бидејќи, во меѓувреме им се изгуби трагата!

 

КИНЕСКИТЕ ГРАЃАНСКИ НОВИНАРИ – ЧЕН КЈУШИ, ФАНГ БИН И ЛИ ЗЕХУА

Тука посебно паѓа в очи неуспешната потрага по Чен Кјуши (Chen Qiushi) кој не е професионален новинар, бидејќи работел претходно како адвокат. Но, неговата активност во невладиниот сектор создаде од него известувач од битни настани во Кина. Особено се истакна во известувањето од постојаните демонстрации во Хонг Конг во 2019 година. Кога се појави епидемијата со корона-вирусот во Кина, тој направи снимки во градот Вухан, каде што е сместен Виролошкиот институт, кој се обвинува дека можеби го „испуштил“ вирусот од своите лаборатории, градот од каде што започна Ковид-19 пандемијата, при што разговараше со доктори и граѓани. Снимките на преполни ходници, болни кои умираат, чекајќи на слободен кревет легнати на подот, лекари кои се на работ на нервниот слом, хроничен недостаток на материјали по амбулантите, секако претставуваа поттик за лошите оценки за кинеските власти и ја рушеа сликата за нивната успешност во борбта со вирусот, а која потоа „се продаваше“ на големо во светот.

Исчезнат е од 6 февруари. Кинеската влада, наводно, ги известила семејството и пријателите на Чен дека е приведен заради ставање во карантин, бидејќи е заболен од Ковид-19. Неговите роднини, вклучително и групите за слобода на медиуми, изразија скептицизам околу владините мотиви и неуспешно ја повикуваа владата да дозволи надворешен контакт со Чен. Факт е, инаку, дека тој, додека снимал по ходниците на болниците, имал само обична маска и очила како заштита.

Чен Кјуши  претходно ја информираше јавноста преку Твитер и Јутјуб. „Се плашам. Пред мене е болеста, а зад мене кинеската полиција и правосудството“, рече Чен во пост на Јутјуб кратко пред исчезнувањето. „Но, додека сум жив, ќе известувам и само ќе го проследувам она што го чув и видов. Не се плашам од смртта. Комунистичка партијо, веруваш ли дека ти се плашам?“, зборуваше тој во видео клипот, кој имаше преку три милиони прегледи.

Патрик Пон,  „Амнести Интернешнл“, околу 14 февруари 2020 година изјави дека сè уште не е познато дали Чен (и уште еден граѓански новинар, Фанг Бин) биле уапсени или ставени под „присилен карантин“. Пон ја повика Кина да ги извести нивните семејства и да обезбеди пристап до адвокат, изјавувајќи: „Во спротивно, тоа е легитимна загриженост дека се изложени на ризик од тортура или друго малтретирање.“ (14 February 2020 „Why have two reporters in Wuhan disappeared?”BBC News. Retrieved 29 February 2020.)

Претставник на „Хјуман Рајтс Воч“ изјави дека кинеската влада „има историја на малтретирање и задржување на граѓаните затоа што ја говорат вистината или ги критикуваат надлежните органи за време на вонредни состојби. На пример, за време на САРС во 2003 година, земјотресот во Венчуан во 2008 година, несреќата во возот Венџоу во 2011 година и хемиската експлозија во Тјанџин во 2015 година.“

Во март 2020 година, беше објавено дека Ли Зехуа, граѓански новинар делумно инспириран од Чен, исто така исчезна. (Kuo, Lily 1 March 2020). „They’re chasing me’: the journalist who wouldn’t stay quiet on Covid-19″. Retrieved 13 March 2020).

Коалицијата за слободен печат го вклучи Чен и во списоците за март 2020 и април 2020 година на десетте „најитни случаи“. (Time Staff (2 March 2020). „Here Are the 10 ‘Most Urgent’ Threats to Press Freedom Around the World”Time magazine. Retrieved 13 March 2020).

Комитетот за заштита на новинарите, исто така, побара ослободување на Чен. Републиканските законодавци во САД повикаа на истрага за однесувањето на кинеската влада, вклучително и исчезнувањата на Фанг Бин, Чен Куши и Ли Зехуа, велејќи дека „(кинеските власти) го излажаа светот за човековото пренесување на вирус, ги замолкнаа лекарите и новинарите кои се обидоа да ја пријават вистината и сега очигледно го кријат точниот број на луѓе погодени од оваа болест.”( Kuo, Lily (2 April 2020). „On the light side’: Trump casts doubt on China’s coronavirus figures”The Guardian. ).

Втор известувач, кој го покриваше избувнувањето на смртоносниот корона вирус во Кина од епицентарот во Вухан, а кој исчезна само неколку дена по исчезнувањето на Чен Кјуши е – Фанг Бин, инаку бизнисмен во Вухан. Тој објавил видеа снимени од градските болници, наводно бил уапсен на 9 февруари, според  хонгкошкиот радиодифузер, РТК. Овој медиум, кој не го именуваше својот извор, објави дека полицајците во цивилна облека, придружени од пожарникари, ја разнеле вратата на Фанг за да влезат во неговиот стан. И Фан Бин е добитник на престижното признание на „Дојче веле“.

Во Кина, граѓанските новинари се ретки затоа што не можат да добијат официјален сертификат потребен за известување за вести, бидејќи тие не работат за регистриран медиум – но во услови на зголемен гнев на јавноста против властите, некои преземаат ризик да му понудат на надворешнот свет поглед од прва рака на ситуацијата во Вухан. И, додека кинеската влада ги засили напорите да го одржат наративот околу епидемијата, во која загинаа најмалку 1.110 лица (според првата верзија ) а заразени се близу 45.000 луѓе, најголем дел од активните новинари даваа „позитивно“ покривање од Вухан. А, доколку тоа не го правеа, Пекинг го цензурираше критичното покривање на настаните од кинеските медиуми и ги замолчуваше специфичните гласови, наведуват новинарите од граѓанскиот сектор.

Во оваа група на новинари спаѓа и третиот новинар награден со истото признание од „Дојче веле“ – Ли Зехуа! Тој е првиот кој е уапсен, уште на 26 февруари, одново под изговор дека е заразен од корона-вирусот. Бил гонет и потоа приведен одново во Вухан – центарот на појава на вирусот на земјата – но, повторно се појави неодамна по скоро два месеци молк. Ли Зехуа ја емитуваше потерата и неговото притворање од страна на полицијата. Потоа, по излегувањето тој објави видео во кое вели дека поминал две недели во „карантин“ во Вухан, Му било кажано дека му е неопходен престој во карантин, бидејќи тој претходно престојувал во „чувствителни области“.

Пред да влезам во Вухан, еден пријател кој работеше во кинеските мејнстрим медиуми, ми кажа … сите лоши вести за епидемијата се собрани од централната власт. Локалните медиуми можат да ги објават само добрите вести за закрепнувањето на пациентите и слично. Секако, останува неизвесно дали е тоа точно, затоа што ова е само она што го слушнав од моите пријатели, вели Зехуа во своето прво видео од Вухан.

ЕЛЕНА МИЛАШИНА И СМРТНИТЕ ЗАКАНИ ОД КАДИРОВ

Веројатно најпознато име меѓу наградените е она на Русинката Елена Милашина. На 12 април, руската истражувачка новинарка, која работи за „Новаја Газета“ објави напис за тоа како чеченските власти требало да реагираат на пандемијата, ама тоа не го сториле. Следниот ден на социјалните мрежи доби пораки со смртни закани лично од чеченскиот претседател Рамсан Кадиров.

Оваа наградувана новинарка е постојано на удар на чеченскиот моќник. За своите написи од оваа автономна кавкаска област таа еднаш (во 1996 година) доби меѓунродна награда. На средината на април Милашина пишуваше дека граѓаните со симптоми на Ковид-19 не одат на лекување поради страв од репресалии. Ден подоцна Кадиров во видео-порака преку социјалните мрежи ја повика тајната служба на Русија да ги запре „овие нелуѓе кои пишуваат и го провоцираат мојот народ“. Ако власта сака „ние да извршиме злосторство и да станеме злосторници, тогаш нека го каже тоа“, рекол во видео пораката Кадиров. Организациите за заштита на човековите права пораката ја оценија како закана со убиство на Милашина.

На заканите реагираа пратеничката на германската влада за човекови права, Бербел Кофлер, како и францускиот амбасадор за човекови права, Франсоа Крокет. Тие побараа од Русија да се позанимава со заканите упатени против Милашина. „Заканите на носители на државни функции се целосно неприфатливи и спротивни на секој вид правна држава“, стои во заедничкото соопштение.

Милашина, која веќе со години истражува повреди на човековите права и корупција во Чеченија, на почетокот на февруари беше претепана во еден хотел во главниот град Грозни.

 

НАГРАДЕНИ НОВИНАРИ ПОД ЗАКАНИ

Ова се само дел од новинарите кои ја добија споменатата награда која ја доделува „Дојче Веле“ од 2015 година наваму. Тоа признание го добија и: Ана Алалиќ , новинарка од он лајн порталот „Nova.rs“, која мина два дена во притвор откако објави прилог за лошата организација на работата во една болница во Нови Сад, а беше ослободена по меѓународна интервенција и Сергеј Сазук од Белорусија, обвинет дека примал поткуп откако објави негативни написи за локалното здравство. Потоа Дарвинсон Рохас од Венецуела, Мохамад Мосад од Иран, Беатифик Нгумбванда од Зимбабве, Давид Кајанколо од Уганда (претепан од полицијата и се наоѓа во кома), Турците Нурхан Бајсал и Исмет Чигит, како и Сидарти Варадарајан (Индија), Фареш Сајег (Јордан) и Сован Рити (Камбоџа), кој е уапсен и му се заканува казна затвор од две години заради известување за начинот како земјата се справува со заразата.

Во оваа група е и нам познатиот Блаж Згага, кој своеврмено меѓу првите ги објави Панамските хартии со осврт на балканските тајкуни. По повод известувањето за корона вирусот тој доби и анонимни смртни закани. Згага е член на Меѓународната мрежа на истражувачки новинари (ИЦИЈ).

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.