Храната што во себе има обезмастен прав од домашен штурец, ќе мора тоа да го содржи на етикетата
Не е точно дека ЕУ донела закон дека храната што содржи инсекти треба на етикетата да има јасна информација дека во себе има прашок од овие инсекти. Напротив, тоа мора да биде означено вклучително со името и видот на инсектот и потенцијалните алергиски реакции што може да ги предизвика. Исто така, во самиот документ за одобрението ЕУ наведува дека брашнарските црви може да претставуваат ризик за луѓето кои се подложни на анафилакса – сериозни алергиски реакции
Не е точно дека ЕУ донела закон според кој храната што содржи инсекти не треба на етикетата да има јасна информација дека во себе има прашок од овие инсекти. Напротив, тоа мора да биде означено вклучително со името и видот на инсектот и потенцијалните алергиски реакции што може да ги предизвика. Исто така, во самиот документ за одобрението ЕУ наведува дека брашнарските црви може да претставуваат ризик за луѓето кои се подложни на анафилакса – сериозни алергиски реакции
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека Европската Унија донела закон за да им служи на луѓето инсекти и црви без да ги информира за тоа на етикетата (нутритивната етикета на прехранбениот производ н.з.). Постот е во меѓувреме избришан.
Во објавата пишува:
Европската унија донесе закон да ни служи инсекти и црви без да не информира за тоа на етикетатаОд новата 2023 година, ЕУ и даде дозвола на „општата јавност“ да додава инсекти во пекарските производи, тестенините и другите полупроизводи. Иако недостигаат објавени сознанија за алергии и можни анафилактички реакции, Европската комисија е на мислење дека не треба да има посебни барања за означување.
Точно е дека во јануари 2023 година ЕУ дозволи домашните штурци и ларвите на брашнарските црви да бидат дозволени како храна во ЕУ во прашкаста форма. Но, не е точно дека храната што содржи инсекти во ЕУ не требало на етикетата да има јасна информација дека во себе има прашок од овие инсекти. Напротив, тоа мора да биде означено вклучително со името и видот на инсектот и потенцијалните алергиски реакции што може да ги предизвика. Исто така, ЕУ наведува дека брашнарските црви може да претставуваат ризик за луѓето коишто се подложни на анафилакса (сериозни алергиски реакции).
Дека на етикетата мора да биде наведено дека производите можат да предизвикаат алергиски реакции, пишува во самиот документ за одобрението.
Документот е објавен на 3 јануари 2023 година, во официјалниот журнал на Европската Унија, и тоа под наслов: ,,Дозвола на пазарот да се стави во употреба делумно обезмастен прав од акета доместикус (домашен штурец) како нова храна”.
Во документот (стр.5) пишува дека ознаката на новата храна на етикетите треба да биде ,,делумно обезмастен прав од домашен штурец – акета доместикус“. На етикетата на прехранбените артикли кои содржат делумно обезмастен прав од домашен штурец треба да биде експлицитно напишано дека оваа состојка може да предизвика алергиска реакција за консументите кои имаат позната алергија на прашински грини, ракови, мекотели. Ваквата информација треба да се појави веднаш до листата на состојки. Следствено, сите консументи имаат право и пристап да дојдат до информацијата што точно содржи храната која ја купуваат, наспроти тврдењето во постот што го рецензираме дека ЕУ уредиле да нема посебни означувања на храната.
Понатаму, во точката 10 од документот (стр.2) пишува:
Агенцијата ( Европската агенција за безбедност на храна – ЕФСА н.з.), исто така, зема предвид дека консумирањето на делумно обезмастен прав од домашен штурец може да предизвика алергиски реакции. Истовремено, Агензијата забележа дека дополнителни алергени може да се појават во храната ако тие алергени се претходно присутни во супстратите со кои се хранат инсектите. Затоа, соодветно е храната којашто содржи делумно обезмастен прав од домашен штурец да бидат обележани во согласност со членот 9 на Регулативата на ЕУ 2015/2283.
Проверката на факти на Еуроњуз и на Јаху исто така, покажа дека e погрешнo тврдењето дека ЕУ нема да бара инсектите да бидат јасно обележани на амбалажата на прехранбениот производ во случаите кога прашкастата материја ќе биде измешана со други состојки, како на пример брашно.
Но, ова не е така. Со документот (ситните букви – анексот н.з.) се бара прашакот да биде јасно назначен и обележан.
На пакувањето мора да е јасно обележано дека состојките може да предизвикаат алергиски реакции за консументите коишто се алергични на прашински грини, ракови и мекотели, пишува во проверката на Јаху
Значи, обележувањето ќе биде назначено веднаш до листата на состојки, така што консументите ќе знаат дали прашакот од инсекти бил додаден, на пример, во бисквитите.
Портпаролот на Европската Комисија преку мејл за Евроњуз потврдил дека храната ќе мора да биде обележана.
Задолжителни информации за храната мора да бидат достапни на пакувањето. Индикацијата за алергени, исто така, е задолжителна и мора да им биде обезбедена на консументите, изјавил тој за Еуроњуз.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека ЕУ донела закон да служи инсекти и црви без да ги информира консументите за тоа на етикетата.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар