Хуманитарна катастрофа во Украина: Потребни се најмалку 1,7 милијарди долари, помош испраќа и Северна Македонија

Фото: Вистиномер

Повеќе од еден месец откако Русија изврши инвазија на Украина, засилените напади кои се случуваат врз повеќе украински градови, оставија многу луѓе без пристап до нивните домови, без струја, вода, храна како и основни продукти за нормално функционирање. Земјите кои ја поддржуваат Украина во оваа војна, меѓу кои и Северна Македонија, испраќаат помош од различен формат за да им помогнат на воените сили, но и хуманитарна помош за лицата кои трпат страшни последици од нападите

Повеќе од еден месец откако Русија изврши инвазија на Украина, засилените напади кои се случуваат врз повеќе украински градови, оставија многу луѓе без пристап до нивните домови, без струја, вода, храна како и основни продукти за нормално функционирање. Земјите кои ја поддржуваат Украина во оваа војна, меѓу кои и Северна Македонија, испраќаат помош од различен формат за да им помогнат на воените сили, но и хуманитарна помош за лицата кои трпат страшни последици од нападите

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Институциите, општините, претпријатијата, фирмите, стопанските комори, како и обичните граѓани од Северна Македонија спроведуваат најразлични акции за собирање на хуманитарна помош за луѓето во Украина. Досега, средствата кои Црвениот крст ги собра за помош на Украина достигнаа околу 2.500.000 денари, информираат од Црвениот крст за „Вистиномер“.

Пред десетина дена министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, во присуство на амбасадорката на Украина во земјава, Наталија Задоружњук организираа хуманитарен настан за собирање помош за Украина. Претходно Министерството за надворешни работи и Црвениот крст на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка за поефикасна координација за собирање помош за Украина.

Амбасадорката на Украина, Наталија Задоружњук се заблагодари на институциите, претпријатијата, фирмите, но и на сите граѓани кои одговорија на нивниот повик.

Благодарни сме на пријателската Република Северна Македонија за нејзината јасна поддршка на Украина, за одлуката на Владата за воведување санкции, за помош на бегалци, за организирање на хуманитарна помош за Украина. Ние многу го цениме тоа и посебно би сакала да се заблагодарам на организациите кои донираат финансиски средства со кои можеме да ги набавиме потребните средства и да ги пратиме во Украина, рече Задоружњук.

Од Црвен крст велат дека со потпишување на Договор за соработка со стопанските комори на РСМ се вклучуваат и компаниите со донација на хуманитарна помош. Оваа помош ќе се дистрибуира до регионалните магацини на Меѓународниот Црвен крст.

Граѓаните може да донираат преку телефонот 143 400 кој е отворен за донации на сите мобилни оператори , а исто така може да се приклучат на апелот на Амбасада на Украина која собира хуманитарна помош во производи. Хуманитарната помош се испраќа во координација со Меѓународниот Црвен крст и Регионалните магацини кои се отворија во земјите кои граничат со Украина, информираат од Црвен крст за „Вистиномер“.

 

Пунктови за хуманитарна помош

Членовите на украинското здружение „Лесја Украинка“ во Скопје отворија два пункта за хуманитарна помош се отворени во магацинот на „Горска“, во Ѓорче Петров, на ул. Шарпланинска, бр. 4, секој работен ден од 10 до 19 часот, а в сабота од 10 до 14 часот. Поставен е и шатор на Плоштад Македонија, отворен секој ден од 10 до 20 часот.

Секој граѓанин кој сака да остави донации во лекови, облека, храна (освен од животинско потекло), средства за лична хигиена, ќебиња и слично може да го направи на овие два пункта.

Пред неколку дена, од Амбасадата на Украина во Северна Македонија на својот Фејсбук профил објавија дека неколку фотографии и видеа од хуманитарната помош собрана во нашата држава која успеале да ја испратат во Украина.

Со помош на македонски компании и фирми, Амбасадата повторно испрати пратка хуманитарна помош во Украина. Ви благодариме за Вашата не рамнодушност и солидарност, пријатели, напишаа од Амбасадата.

 

Воена помош

Северна Македонија, освен хуманитарна помош, донираше и воени средства и опрема за вооружените сили на Украина. Ова го одлучи македонската Влада којашто се придружи на сеопфатната поддршка на сојузниците во НАТО и партнерите во ЕУ.

„Вистиномер“ праша и во Владата и во Министерството за одбрана за каква помош станува збор и како таа е пренесена до Украина. Од двете институции добивме ист одговор – дека станува збор за класифициран податок.

На почетокот на месецов Северна Македонија одговори позитивно на барањето на Украина за донација на воена опрема, согласно потребите на Украина и нашите капацитети. Барањето за помош во воена опрема беше класифицирано и од таа причина не сме во можност да изнесеме детали за каков тип на воена опрема станува збор. Опремата се испраќа со логистичка поддршка согласно воспоставените постапки и процедури на билатерална основа со НАТО сојузниците. Дали во следниот период ќе се испраќа дополнителна помош зависи од побарувањата, но пред сѐ во согласност со нашите капацитети, велат од Владата и Министерството за одбрана за „Вистиномер“.

 

Прием на бегалци

Во Црвениот крст за помош досега се евидентирани 163 лица, информираат од организацијата. Најголемиот дел се сместени во Скопје во приватно сместување кај нивни блиски роднини и пријатели.

Во земјата не е забележано пристигнување на зголемен број лица од Украина и досега ниту еден од нив нема побарано статус на бегалец, информираше министерот за надворешни работи, Бујар Османи на брифинг со новинари.

Нема да одбиеме ниту еден украински бегалец. Сите ќе бидат згрижени, се прават проценки за бројот на капацитетите во државните институции коишто ги имаме на располагање, изјави Османи.

Владата на 30-та седница, одржана на 17 март, го задолжила Министерството за финансии да обезбеди финансиски средства во износ од 120 милиони денари за организирање и обезбедување на хотелско сместување и дополнителни услуги за граѓаните од Украина кои како бегалци од воените жаришта би пристигнале во нашата земја.

Оттаму за „Вистиномер“ потврдуваат дека во земјата има пристигнато украински државјани, но ниту еден не поднел барање за статус на бегалец.

Лицата кои се пристигнати во моментот престојуваат кај нивни роднини и пријатели. Досега ниедно од нив нема поднесено барање за статус на бегалец или за остварување на некое конкретно право, велат од Владата.

Според податоците на УНХЦР, војната на Русија во Украина досега протера 10 милиони луѓе од своите домови. Речиси 3.7 милиони бегалци ја напуштиле Украина од почетокот на војната на 24 февруари, а 6,5 милиони се внатрешно раселени во Украина.

Војната во Украина е толку разорна што 10 милиони пребегаа или се раселени внатре во земјата или како бегалци во странство, напиша на Твитер Филипо Гранди, високиот комесар на Обединети нации за бегалци.

 

Помош и од општините

Освен институциите на државно ниво, за собирање на помош за украинскиот народ се мобилизираа и неколку единици на локалната самоуправа, вклучувајќи го и градот Скопје.

Советот на Град Скопје на 10 март, ја одржа шестата седница на која се изгласа Одлука за давање хуманитарна помош за граѓаните на Украина во износ од 7 милиони денари, како израз на солидарноста на скопјани за граѓаните зафатени од воениот конфликт во таа земја.

Советот на Општина Битола на 16 март донесе одлука за помош на Украина и нејзините граѓани да издвои парична помош од 500.000 денари. Советниците одлучија да се отвори пункт на кој граѓаните на Битола ќе собираат помош во најпотребни артикли и стоки во знак на поддршка на Украина која се соочува со огромна хуманитарна катастрофа.

Општина Кавадарци, на вонредна седница на Советот на почетокот на март, донесе одлука да се испрати хуманитарна помош за народот на Украина. Со седумнаесет гласа „За“ и еден воздржан глас од советникот на Левица,  Општината донесе одлука да издвои 600.000 денари за здружението на Украинци во земјава „Лесја Украинка“ кое ќе треба да набави прехранбени продукти, а со донации најавија дека ќе се приклучи и бизнис секторот.

Општина Делчево беше првата општина во Северна Македонија, која отпочна со акција за собирање на хуманитарна помош наменета за граѓаните на Украина. Делчево е збратимена општина со општините Вишгород и Тернопил во Украина. Собирниот пункт во Делчево беше отворен на 6 март по што собраната донација се транспортираше до Амбасадата на Украина во Скопје.

 

На Украина ѝ е потребна помош од 1,7 милијарди долари

Обединетите нации покренаа два координирани итни апели во кои се вели дека се потребни 1,7 милијарди долари за помош на луѓето низ Украина и пошироко. Во Украина, потребни се 1,1 милијарда долари за да се задоволат зголемените хуманитарни потреби на повеќе од шест милиони луѓе погодени и раселени од воените операции во следните три месеци. Во моментот 40 отсто од финансиските средства се собрани. Надвор од земјата, потребни се повеќе од 550 милиони долари за помош на Украинците кои побегнале преку границите, главно во Полска, Унгарија, Романија и Молдавија.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција