И на реконструираната делница од регионалниот пат Тетово – Јажинце се поставени „легнати полицајци“

Фото: Вистиномер

Ветувањето на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми, дека со реконструкцијата на првите четири километри од регионалниот пат Тетово – Јажинце ќе се отстранат грпките на коловозот популарно наречените „легнати полицајци“, или пак, ќе се заменат со нови сообраќајни решенија, но во рамки на законот, досега (28.12.2021) е неисполнето. Оваа делница од регионалниот пат Тетово – Јажинце,  на потегот од излезот на Тетово до селото Џепчиште, е реконструирана, но и натаму има незаконски поставени „легнати полицајци“ кои  го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот

Директорот на  Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми на 27 мај годинава, најави дека кога ќе се рехабилитира регионалниот пат Тетово – Јажинце ќе се извадат таканаречените „легнати полицајци“.

Ако се рехабилитира почетокот на оваа делница ќе се извадат и таканаречените легнати полицајци за кои возачите постојано реагираат, а мештаните од околните села кои сами ги поставиле не дозволуваат да се остранат, затоа што како што велат, тие се единствениот начин да се обезбеди минимална сигурност на оваа сообраќајница. Дали ќе се постават нови, или пак, ќе има друго сообраќајно решение, но овој пат во рамки на законот.

[Извор: ММС Датум: 27.05.2021 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми, дека со реконструкцијата на првите четири километри од регионалниот пат Тетово – Јажинце ќе се отстранат грпките на коловозот популарно наречените „легнати полицајци“, или пак, ќе се заменат со нови сообраќајни решенија, но во рамки на законот, досега (28.12.2021) е неисполнето. Оваа делница од регионалниот пат Тетово – Јажинце, на потегот од излезот на Тетово до селото Џепчиште, е реконструирана, но и натаму има незаконски поставени „легнати полицајци“ кои  го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот.

Фото: Вистиномер

На прашањето на „Вистиномер“, како и кој одлучил повторно да се постават „легнатите полицајци“ и дали се планира тие да се остранат, од ЈПДП ни одговорија дека „се оградуваат од новите пречки на патот поставени од трети лица“ и повторно дадоа ветување дека „се разгледува можноста за поставување на елементи за смирување на сообраќајот согласно со законските и подзаконските регулативи“

Во текот на 2021 година извршена е надградба на оштетениот абечки слој на коловозот на дел од регионалниот пат Р1203. По барање на жителите од населените места низ кои поминува предметната делница кои се жалат на движење на возила со поголема брзина од дозволената и образложението на граѓаните кои сметаат дека со рехабилитација на коловозот дополнително се овозможува зголемување на брзината на движење, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) презеде обврска да ја разгледа можноста за поставување на елементи за смирување на сообраќајот согласно со законските и подзаконските регулативи. Од страна на претставници на стручните служби на МВР и ЈПДП направен е теренски увид за можноста за поставување на елементи за смирување на сообраќајот на законски дозволените места. ЈПДП во планот за јавни набавки за 2022 година ќе предвиди јавна набавка за изработка на техничка документација и изведба на елемети за смирување на сообраќај. ЈПДП се оградува од поставените во меѓувреме „легнати полицајци“ од трети лица,  велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Инаку, отстранување на „легнатите полицајци“ од оваа делница на патот Тетово – Јажинце, најавуваше и  поранешниот директор на ЈПДП, Зоран Китанов. Тој уште на 23 јули 2019 година при посетата на Попова Шапка, каде вршеше увид на реконструкција на патот Тетово – Попова Шапка, меѓу другото, најави и реконструкција на дел од патот Тетово – Јажинце и кажа дека „легнатите полицајци“ ќе бидат извадени.

Во тек е проектирање и во септември ќе започне рехабилитација на патот Карпалак-Желино во должина од 16 километри, потоа следи тендерска документација за патот Желино-Јегуновце. Со средства на Јавно претријатие за државни патишта се работи на делница Непроштено-Пршовце предвидени се осум милиони денари, Вратница-Јажинце премин со два милиона денари и во двата случаи подразбира гребење и нов асфалт. За делницата Тетово-Порој чекаме прво атмосферска канализација и водовод, па ние да работиме со асфалтирање на тој пат. Грпките нема да останат после реконструкцијата, рече Китанов.

Пред неколку години имаше обиди да се остранат легнатите полицајци. На терен излегоа екипи на Јавното претпријатие за државни патишта и „Македонија Пат. Со помош и асистенција на полицијата се остранија неколку грпки, но мештаните од Порој и Џепчиште за кратко се организираа, го блокираа патот и не дозволија градежната механизација да ги острани останатите легнати полицајци.

Со оглед на тоа што на регионлниот пат Тетово – Јажинце сè уште има незаконски поставени „легнати полицајци“ на секои стотина метри на потегот од Тетово до село Џепчиште, ветувањето на Рустеми го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Зоран Димовски

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција